Бучава

Од Википедија — слободната енциклопедија

Бучавата се дефинира како непријатна звучна сензација која во организмот создава штетни ефекти. Таа обично се манифестира како висока гласност од околу 110-120 dB, иако може да има пониски или повисоки вредности. Бучавата обично подразбира спектар на звуци со различни честоти – штетните ефекти не зависат само од јачината, туку и од висината на звуците.

Видови бучава[уреди | уреди извор]

По својот карактер, бучавата може да биде:

  • Континуирана – таа е постојана и еднаква, а може да настане со делување на еден или повеќе извори.
  • Испрекината – настанува од еден или повеќе извори со неправилни и ненадејни прекини и репетитивни почетоци. Нејзиното делување е подеструктивно отколку континуираната бучава.
  • Импулсивна – настанува ненадејно и многу брзо прекинува, на пример при експлозија и при истрели.

Дејството на бучавата оди во две насоки, едната е директното дејство врз органите за слух, т.е. специфично дејство, а другиот е неспецифичното делување.

Специфично дејство на бучавата и оштетување на слухот[уреди | уреди извор]

Дејството на интензивната бучава во тек на подолг период создава во слушниот апарат пореметувања кои се манифестираат од лесна наглувост во почетокот па до потполна глувост во крајните стадиуми.

  • Во првиот стадиум, по повеќегодишно делување на бучавата, но и по пократок период на силно дејство, доаѓа до оштетување на сетилните клетки во базалниот свиок на базиларната мембрана каде се наоѓаат рецепторите за високите тонови, тоа делумно се објаснува со фактот со тоа што тој дел од кохлеата (полжавот) е најслабо снабден со крв.
  • Промените се манифестираат во вид на губиток на слухот во дијапазон од околу 4000 Hz и губиток на јачината на слухот до 50 dB. Тој дефект се нарекува „скотом“.
  • Во вториот стадиум, скотомот сè повеќе се проширува, но поради тоа што тие звуци обично не се слушаат, постои ризик промените да не се забележат.
  • Во третиот стадиум, скотомот многу повеќе се проширил и се јавуваат субјективни тегоби поради ослабениот слух за шепот и тоа обично трае повеќе години.
  • Во четвртиот стадиум се зголемува губитокот на слухот за високи тонови, а сега се зафатени и ниските тонови, па се јавуваат проблеми во вид на отежнат разговор и пациентите се жалат на зуење во ушите.

Неспецифично дејство на бучавата[уреди | уреди извор]

Не е доволно испитано, но е познато дека бучавата предизвикува замор, слабеење на концентрационите способности, губиток на волјата и расположение а бучавата преку 110 dB создава и пореметувања во органот за рамнотежа. Кај некои пациенти се опишани пореметувања на ритамот на срцето и промени на ЕКГ. Исто така се можни пореметувања на крвниот притисок во смисла на хипер и хипотонија.

Заштита од бучава[уреди | уреди извор]

За заштита на човекот околината од бучава, неопходни се мерења на бучавата кои се прават со акустички уред наречен фонометар, односно сонометар. При заштита од бучавата треба да се има предвид дека најдобри звучни изолациони својства имаат порозните материјали. Интензитетот на звукот експонецијално опаѓа со дебелината на материјалот. Интензитетот на звукот во затворени простории зависи од коефициентот на апсорпција на ѕидовите. Така, на пример, малтерот има коефициент на апсорпција 0,02, а завесите 0,23. За намалување на бучавата, денес ѕидовите се обложуваат со материјали кои имаат својство да го апсорбираат звукот. Во близина на аеродромите се прават високи ѕидови на кои најчесто се засадуваат растенија (ползавци) кои со повеќекратна рефлексија на звучните бранови го намалуваат нивниот интензитет. Процесот на рефлектирање и апсорпција на брановите има посебна улога при ширење на брановите во затворени простори. Овие процеси ги определуваат акустичките својства на просториите. При проектирање на амфитеатри, предавални, конценртни и театарски сали, ТВ-студија, се користат посебни техники кои се дел од архитектонската акустика.

Бучавата како тема во популарната култура[уреди | уреди извор]

  • „Бучавата вознемирува“ (Noise annoys) - песна на британската панк-рок група „Базкокс“ (Buzzcocks) од 1978 година.[1]
  • „Бучавата вознемирува“ (Noise annoys) - песна на српската рок-група „Дисциплина кичме“ од 1991 година.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. The Buzzcocks, Singled going steady, I.R.S. Records, X2-13153.
  2. YouTube, Disciplina Kičme - Buka u Modi (пристапено на 10.4.2020)