Блатен був

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Блатен був
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Утковидни
Фамилија: Утки
Потфамилија: Asioninae[2]
Род: Asio
Вид: Блатен був
Биномен назив
Asio flammeus
(Pontoppidan, 1763)
Синоними

Asio accipitrinus

Блатниот був (науч. Asio flammeus) е вид кој припаѓа во „типичните утки“, од фамилијата Strigidae. Утките од родот Asio се познати како „ушести“, зашто имаат китки од пердуви кои потсетуваат на ушите од цицачите. Овие „уши“, може, а не мора да бидат видливи. Овој вид ги покажува своите уши кога зазема одбранбена поза. Но, неговите многу кратки уши, најчесто воопшто не се забележуваат. Блатниот був го среќаваме на отворена земја и пасишта. Го има и во Македонија. Зборот flammeus на латински значи пламен, или во боја на оган.[3]

Опис[уреди]

Asio flammeus, блатниот був е средно голема утка, со должина 34-43 см, распон на крилјата од 85 до 110 см[4] и тежина 206-475 грама.[5] Има големи очи, голема глава, краток врат и широки крилја. Клунот му е краток, силен, завиен и црн. Перјето му е прошарано со темни кафеави шари а опашката и крилјата му се обрабени. Горниот дел од градите му се со линии. Летот му е карактеристично разнишан заради нередовните замавнувања со крилјата. Понекогаш го споредуваат со лет на лилјак. [6] Женките се малку поголеми од мажјаците. Жолтопортокаловите очи се обрабени со црни кругови, како да имаат маскара, и големи бели дискови од перје ги заокружуваат очите како маска.

Разлики со планинскиот був[уреди]

Речиси низ целата своја распространетост, блатниот був се преклопува во опсегот со сличниот на него планински був. Покрај другото, најлесно за разликување на овие два вида се ушите на планинскиот був кои се испрчени, но понекогаш тој може да ги држи собрани, право на главата. Има разлики и во боите на очите, жолти му се на блатниот, а портокалови на планинскиот, а црното околу очите е вертикално кај планинскиот, а хоризонтално кај блатниот. Општо земено, блатниот був е малку посветол, попесочен од планинскиот. Има и голем број други работи по кои се разликуваат овие две птици, но се гледаат кога тие летаат: блатниот був обично има широка бела лента на задниот раб од крилото, што ја нема планинскиот; на горниот дел од крилјата кај блатниот був основните дамки се посветли и поочигледни; линијата на горната страна на опашката е поздебелена кај блатниот був; кај блатниот був, скриените секундарни пердуви се често со темни ознаки, во контраст со другиот дел од пердувите под крилјата; кај планинскиот був линиите одат преку целиот долен дел, а кај блатниот завршуваат кај градите; темните ознаки на внатрешноста на врвовите од најдолгите примарни пердуви се поздебелени кај блатниот був; горните делови кај блатниот був се погрубо прошарани, а кај планинскиот се поситно; блатниот був, исто така, има подолги и потенки крилја.[7] Живеалиштето на планинскиот був генерално се разликува од она на блатниот, најчесто се среќава скриен во подрачја со густи грмушки. Блатниот був, пак, често може да се види рано наутро или доцна во денот како лови над отворени живеалишта.

Подвидови[уреди]

На Галапагос

Моментално има 10 подвида на блатниот був:[2]

  • Asio flammeus bogotensis (Chapman, 1915)
  • Asio flammeus domingensis (Statius Müller, 1776)
  • Asio flammeus flammeus (Pontoppidan, 1763)
  • Asio flammeus galapagoensis (Gould, 1837) - Галапагос[8]
  • Asio flammeus pallidicaudus (Friedmann, 1949)
  • Asio flammeus ponapensis (Mayr, 1933)
  • Asio flammeus portoricensis (Ridgway, 1882)
  • Asio flammeus sandwichensis (A. Bloxam, 1827): Хаваи[9]
  • Asio flammeus sanfordi (Bangs, 1919)
  • Asio flammeus suinda (Vieillot, 1817)

Распространетост[уреди]

Блатниот був го има на сите континенти, освен Антарктик и Австралија; па според тоа има најголема распространетост од сите птици. Се размножува во Европа, Азија, Северна Америка, Јужна Америка, на Карибите, Хаваите и на Галапагос. Таа е делумно птица преселница, селејќи се на југ од северните краишта на нејзиниот опсег. Овие птици знаат да се преселат на места кои се побогати со глодари и, исто така, може да бидат номади во потрага по подобро снабдување со храна.

Однесување[уреди]

Размножување[уреди]

Сексуална зрелост овие птици ја достигнуваат на едногодишна возраст. Во северната хемисфера, сезоната на парење трае од март до јуни, а врвот го достигнува во април. За ова време може да се формираат јата. Мажјаците изведуваат секскви воздушни спектакли за да ги привлечат женките. Се симнуваат долу до гнездото и мавтаат со крилјата додворувајќи се. Блатните бувови генерално се моногамни.

Гнездото е на земја во прериите, тундрите, саваните или ливадите. Тоа е направено со малку вегетација и може да биде слабо обградено со тревки или пердуви. Обично несат 4-7 јајца, но може да снесат и до 12 јајца. Имаат само едно легло годишно. Инкубацијата ја извршува претежно женката во тек на 21-37 дена. Младенчињата се оперјуваат по нешто повеќе од 4 недели. Овој був е познат по тоа што ги изгонува предаторите од гнездото преправајќи се дека имаат скршено крило.

Исхрана[уреди]

Во лет
Во лет

Утките обично ловат ноќе, но овој був е познат по својот дневен лов, како и во мугри и самрак. Најверојатно лови дење зашто пленот што го претпочита се глодарите кои се активни дење.[10] Има тенденција да лета ниско над земјата во отворени полиња и пасишта додека не се спушти удолу по својот плен кој го фаќа со нозете. Неколку бувови може да ловат на истиот отворен простор. Храната се состои главно од глодари, но и други мали цицачи, како што се глувци, верверици, стаорци, лилјаци и кртови. Повремено лови и помали птици, особено во близина на морските брегови и во непосредна близина на мочуриштата, каде ги напаѓа крајбрежните птици, рибарките, малите галеби и морските птици. Птичјите пленови се поретки во внатрешноста (копното), и таму лови од врапчевидните, чучурлиги, сколовранци и слични на нив. Инсектите се надополнување на исхраната, како скакулци, бумбари, гасеници итн.[11]

Огласување[уреди]

Огласувањето на блатниот був е крескаво „лаење“. Рапавото ваук-ваук-ваук или тут-тут-тут-тут-тут се чести. Галсното ииии-верп се слуша за време на размножувањето. Инаку, во текот на зимските месеци овие птици се тивки.

Наводи[уреди]

  1. BirdLife International (2012). Asio flammeus. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106002322. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. 2,0 2,1 „Asio flammeus“. „ITIS Report“. Integrated Taxonomic Information System. http://www.itis.gov/servlet/SingleRpt/SingleRpt?search_topic=TSN&search_value=177935. конс. 16 февруари 2009. 
  3. „Short-eared Owl - Asio Flammeus“. The Owl Pages. http://www.owlpages.com/owls.php?genus=Asio&species=flammeus. 
  4. [1] (2011).
  5. [2] (2011).
  6. [3]
  7. Harris, Alan, Laurel Tucker and Keith Vinicombe (1989) The MacMillan Field Guide to Bird Identification pages 147-149 (reference covers whole paragraph)
  8. „Galápagos: A Natural History“. Princeton University Press. 2006. стр. 130. ISBN 978-0-691-12633-3. 
  9. „Pueo or Hawaiian Short-eared Owl“ (PDF). „Hawaii’s Comprehensive Wildlife Conservation Strategy“. 1 октомври 2005. http://www.state.hi.us/dlnr/dofaw/cwcs/files/NAAT%20final%20CWCS/Chapters/Terrestrial%20Fact%20Sheets/raptors/pueo%20NAAT%20final%20!.pdf. конс. 16 февруари 2009. 
  10. Reynolds, Peter; Gorman, Martyn L. (28 February 2006). „The timing of hunting in short-eared owls (Asio flammeus) in relation to the activity patterns of Orkney voles (Microtus arvalis orcadensis)“ (Fee required). „Journal of Zoology“ (London: Blackwell Publishing) 247 (3): 371–79. doi:10.1111/j.1469-7998.1999.tb01000.x. ISSN 1649-7998. 
  11. [4] (2011).
  • Alsop, Fred J. Birds of North America: Eastern Region. DK Publishing, Inc. NY:NY. 2001.
  • Ehrlich, Paul R, David S Dobkin and Darryl Wheye. The Birder's Handbook: A Field Guide to the Natural History of North American Birds. Simon & Schuster Inc. NY:NY. 1988.
  • Kaufman, Kenn. Kaufman Field Guide to Birds of North America. Houghton Mifflin Co. NY:NY. 2000.
  • Davis, A. H. and R. J. Prytherch (1976) Field identification of Long-eared and Short-eared Owls British Birds 69: 281-7
  • Kemp, J. B. (1982) Field identification of Long-eared and Short-eared Owls British Birds 75(5): 227
  • Robertson, Iain S. (1982) Field identification of Long-eared and Short-eared Owls British Birds 75(5): 227-9
  • Kemp, J. B. (1982) Tail-lengths of Long-eared and Short-eared Owls British Birds 75(5): 230

Надворешни врски[уреди]