Биосферен резерват на пеперугата монарх

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Биосферен резерват на пеперугата монарх
Reserva de Biosfera de la Mariposa Monarca
Santuario de la Mariposa Monarca (3088019191).jpg
Влезот на биосферен резерват на пеперугата монарх
МестоМичоакан-Мексико
Најблизок градМексико
Координати19°36′23″N 100°14′30″W / 19.60639° СГШ; 100.24167° ЗГД / 19.60639; -100.24167Координати: 19°36′23″N 100°14′30″W / 19.60639° СГШ; 100.24167° ЗГД / 19.60639; -100.24167
Површина56.000 хектари
Воспоставен(а)1980
Тип:Природа
Критериуми:vii
Прогласено:2008 (32. сесија)
Број1290
Држава:Мексико

Биосферен резерват на пеперугата монарх (шпански: Reserva de Biosfera de la Mariposa Monarca) е светско наследство кое ги содржи повеќето од местата за презимување на источните пеперуги монарх. Резерватот се наоѓа во трансмексиканскиот вулкански појас со борова и дабова шума, на границата на Мичоакан и државата Мексико, 100 км северозападно од Мексико Сити. Годишно, во резерватото пристигнуваат милиони пеперуги. Пеперугите живеат само од октомври до март во дел од резерватот со површина од 56.000 хектари. Мисија на биосферата е да ги заштити видовите пеперуги и нивното живеалиште.

Повеќето од пеперугите монарх кои се селат на презимување, од источниот дел на Северна Америка се наоѓаат тука. Западните истражувачи ги откриле овие области во 1975 година. Декретите на претседателот од 1980-ти години и од 2000 година, ги назначиле овие тогаш сè уште приватни области како федерален резерват. Резерватот бил прогласен за резерват на биосферата во 1980 година, а за светско наследство во 2008 година. Резерватот останува претежно рурален. Администраторите на резерватот продолжуваат да бидат загрижени за штетните ефекти на нелегалната сеча и туризмот. Напорите за зачувување понекогаш се косат со интересите на локалните земјоделци, земјопоседници, сопственици на приватни земјишта и домородните луѓе.[1][2]

Историја[уреди | уреди извор]

Резерватот е основан во 1980 година од претседателот Хозе Лопез Портиљо. Кон крајот на 1980-ти години, управувањето со резерватот било доделено на Секретаријатот за урбан развој и екологија. Во тоа време била доделена категоријата „специјален резерват на биосферата“. Во 1986 година, биле дефинирани областа и границите на зоните.[3] Во 2000 година го добила своето име (Reserva de la Biosfera Mariposa Monarca).[4][5] УНЕСКО ја прогласил биосферата за светско наследство во 2008 година како природно богатство. Во моментов областа е позната по туризам, сеча, рударство и земјоделство. Резерватот останал претежно рурален, во кој живеат заедниците Отоми и Мазахуа.

Миграција на пеперугите монарх[уреди | уреди извор]

Кластер на монарси на дел од дрво во близина на Ангангвео

Милиони пеперуги од Тексас патуваат на југ кон Мексико, и потоа ги следат ориенталните планини Сиера Мадре до засолништето.[3][6][7] Пеперугите се собираат во кластери на дрвјата од бор и ела. Тогаш дрвјата изгледаат портокалово, но гранките попуштаат од тежината. На пролет, овие пеперуги мигрираат низ Америка, понекогаш завршуваат во Источна Канада. Во текот на времето потребно за да го направат ова патување, се раѓаат и умираат четири генерации пеперуги монарх. Моделите на миграција на пеперугите монарх се менуваат со климатските промени. За време на миграцијата, пеперугите летаат кон север каде ќе бидат изложени на поладни температури.[8] Се смета дека густите кластери ја зачувуваат топлината.[9][10] Ако се загреат од сонцето, пеперугите летаат. Ударот на нивните крилја се споредува со звукот на слаб дожд.[11]

Екосистем[уреди | уреди извор]

Географија и шумско покритие[уреди | уреди извор]

Поглед на шумската област на резерватот

Резерватот се протега од планинските шуми на источен Мичоакан до западниот дел од државата Мексико 100 км северозападно од Мексико Сити.[3][10] Резерватот во Мичоакан има највисоки височини во државата, вклучително и врвови кои достигнуваат 2.700 метри надморска височина. Климата е класифицирана како умерена и малку влажна со дождлива сезона во лето. Просечната максимална температура е 22 °C.

Резерватот се карактеризира со изливи на базалт кои формираат пукнатини, раседи и карпи во ориентација североисток-југозапад. Карпестите формации ги замениле постарите, како што се вулкански конуси и стари изливи од лава. Почвата е многу пропустлива, што резултира со малку површинска вода. Постојат неколку мали езерца и суви речни корита.[3][12] Шумите од борови и ели отпорни на суша обезбедуваат микроклими кои обезбедуваат засолниште кога температурите паѓаат до замрзнување и/или има зимски дождови. Научниците се загрижени дека живеалиштето на елите во резерватот ќе се намали или ќе исчезне до крајот на 21 век, главно поради климатските промени.[13][14]

Оваа област е претежно покриена со шуми. Составот на шумата варира во зависност од надморската височина:

  • даб до 2.900 метри надморска височина
  • даб и бор помеѓу 1.500 и 3.000 метри надморска височина
  • ела помеѓу 2.400 и 3.600 метри надморска височина.

Под 2.400 метри надморска височина, има мали области со смреки, кедри и ливади. Областите се модифицирани од земјоделството и човечките населби.

Фауна[уреди | уреди извор]

Дивиот свет во областа се движи од суптропски до субарктички, вклучувајќи голем број на видови кои се ендемски само за оваа област. Тие вклучуваат белоопашест елен (Odocoileus virginianus), којот (Canis latrans), долгоопашеста ласица (Mustela frenata), сива лисица (Urocyon cinereoargenteus), зајаци (Sylvilagus spp.), врани (Corvus corax), мисирки (Cathartes аура), рогати бувови (Bubo virginianus) (А), како и разни видови колибри, влекачи и водоземци.[3]

Пеперуги монарх во лет

Постојат четиринаесет големи колонии на пеперуги сместени во овие солидно пошумени планини, кои сочинуваат повеќе од половина од колониите на источната популација на пеперугите монарх во САД/Канада. Проценето е дека до милијарда единки презимуваат овде во која било година.[7] Овие колонии се густи, и има меѓу шест и шеесет милиони пеперуги на хектар.[11] Резерватските области се наоѓаат во општините Окампо, Ангангвео, Зитакваро и Контепек во Мичоакан и Донато Гуера, Вила де Аљенде и Темаскалсинго во државата Мексико. Тие се поделени во пет главни зони или јадра.[3]

Осум од четиринаесет колонии се во заштитеното подрачје.[7] Колониите соодветно зафаќаат само 4,7 хектари,[11] но заштитената област на биосферата зафаќа 56.259 хектари.[10] Пет колонии се отворени за посетители: Сиера Чинкуа и Ел Росарио во Мичоакан и Ла Меса, Пиедра Херада и Ел Капулин во државата Мексико. Постојат и други колонии во близина на Сан Хозе Вила де Аљенде и Икстапан дел Оро, но тие не се промовираат активно за туризам, поради ризик од штета на овие колонии пеперуги.[15] Ел Росарио е најголемото светилиште во Мичоакан, каде пеперугите покриваат околу 1.500 дрвја.[9]

Додека биосферниот резерват сè уште има проблеми со инфраструктурата, особено со ѓубрето околу паркиралиштата и трговските области, неодамна биле направени голем број подобрувања, особено во светилиштето Ел Росарио. Подобрувањата вклучуваат добро дефинирани пешачки патеки со безбедносни патроли и камени или бетонски скали на стрмни места за да се помогне во борбата против ерозијата. Коњските патеки биле елиминирани поради ерозија.[16] Само две области имаат значителни инсталации. Во Сиера Чинкуа има истражувачки објект посветен на пеперугата монарх и расадник за пошумување. Серо Ел Компанарио има капацитети за туризам.[3]

Конзервација[уреди | уреди извор]

Напорите за зачувување прво биле наменети за заштита на пеперугите. Истражувањата, конзервацијата и другите напори сега се насочени кон зачувување на живеалиштето.[17] Интересите на жителите, сопствениците на земјиштето, земјоделците, земјоделските задруги и локалните заедници се земени предвид во врска со зачувувањето, но спротивставените интереси остануваат.[12] И покрај тоа што мексиканската влада ја определи областа како биосферен резерват, поголемиот дел од областа на резерватот е во сопственост на 38 земјоделски комуни, седум домородни заедници и 16 приватни фарми.[3] Опстанокот на видот зависи од голем број живеалишта во Канада, САД и Мексико за време на годишниот циклус на миграција. Трите земји усвоиле план во 2008 година за зачувување на живеалиштето на пеперугата преку нејзините миграциски патишта.[18] Во рамките на биосферниот резерват во Мексико, најголеми закани за живеалиштето на пеперугите се уништувањето на шумите, нелегалната сеча, неорганизираниот туризам, шумските пожари и недостатокот на соработка меѓу различните нивоа на власт. Повеќето од овие опасности доаѓаат од околните населени места кои вршат притисок врз природните области да обезбедат земјоделски простор и шумски производи, како гориво и дрво за производство на мебел и други занаети. Главните човечки заедници во областа се: Контепек, Темаскалсинго, Ангангуео, Окампо, Сан Фелипе дел Прогресо, Зитакуаро, Вила де Аљенде и Донато Гуера. Најблискиот урбан центар е Зитакуаро, чиј раст го промовира растот на другите, повеќе рурални населби.

И покрај тоа, поголемиот дел од областа сè уште е зафатена од дисперзирани рурални земјоделски заедници на народите Отоми и Мазахуа, особено од страната на Мексико.[3][12] Многу од заштитените хектари земја не припаѓаат директно на владата, но се поделени меѓу 59 земјоделски комуни, тринаесет автохтони заедници и 21 индивидуална сопственост. Поради ова, како и фактот дека резерватот е поделен со државна линија, напорите за зачувување се комплицирани. Многу заедници во овој регион се многу сиромашни, со висока стапка на неписменост и недоволна исхранетост кај децата, како и недоволен пристап до основните услуги. Во минатото, рударството обезбедувало многу работни места во областа, но рудниците оттогаш се исцрпени и повеќето живеат од земјоделство. Овие заедници исто така имаат традиција на експлоатација на шумските области, најмногу за да се добие дрво за мебел и другите занаети. Големата невработеност, особено кај младите, предизвикува и миграција во другите делови на Мексико, во САД или Канада.

Повеќето области на колонијата со пеперуги сè уште се домаќини на економски активности како што се земјоделство и одгледување добиток. Некои области, како Сиера Чинкуа, Серо Пелон и Ел Росарио, сè уште имаат проблеми со нелегална сеча за снабдување на локалните потреби за гориво и суровини за ракотворби.[3][9] Ел Росарио го носи името на локалната ела, и припаѓа на околу 10.000 кампесини, рурални земјоделци. Многумина живеат од земјоделство, и од продажба на рачни изработки и храна на туристите. Информациите за пеперугите се недоволни; целосниот обем на нивните презимувачки области и екологијата во областа не е добро позната, па затоа не е познато колку голем навистина треба да биде резерватот за да се зачува пеперугата.

Конзервацијата се врши претежно преку ограничувања на земјите, но управувањето со резерватот немало директно учество од заедниците погодени од него.[3][12] Некои јавни и приватни субјекти работеле со заедниците за да развијат стимулации за зачувување на шумите и да го искористат туризмот што го носат пеперугите. Сепак, успехот во ова не бил секаде еднаков. Некои заедници се спротивставуваат на ограничувањата и бараат да им биде дозволено да користат повеќе земјиште за земјоделство.[9]

Од почетокот на напорите за зачувување, има напредок. Додека инфраструктурата сè уште недостасува, направени се напредувања во областите како што се контрола на ѓубрето и контрола на пристапот до заштитените области.[11] Еден напор на Светскиот фонд за природата е координација на меѓународни биолози и екологисти за подобрување на дизајнот на резерватот.[12] Воспоставен е постојан систем за следење за да се осигура дека шумите остануваат здрави, и да се контролираат тајните сечи и шумските пожари. Од страна на Мексико, најголемото светилиште се наоѓа помеѓу Сан Хозе Вила де Аљенде и Икстапан дел Оро. Не е активно промовиран туризмот, за да се сведе на минимум штетата на областа. Во текот на зимата 2008-2009 година, се планирало обележување на што е можно повеќе од презимувачките пеперуги со користење на многу лесни самолепливи траги за да не се попречува нивниот лет. Целта на ова било да се одреди точниот миграциски пат на пеперугите додека летаат назад на север кон САД и Канада на пролет.[16] Бројот на пеперуги што доаѓаат од Соединетите Држави и Канада во последниве години бил релативно стабилен во 2000-те години, со десетина потврдени колонии заклучно со зимата 2007-2008 година. Бројот на колониите варира, а во 2004/2005 година имало само седум. Општо, бројот на колонии варира помеѓу осум и дванаесет.

Туризам[уреди | уреди извор]

Пет од осумте колонии се наоѓаат во Мичоакан, но само две се отворени за јавноста: Сиера Чинкуа во Ангангуео и Ел Росарио во Окампо, кои примаат посетители почнувајќи од ноември до март. Тие нудат туристички обиколки.[4] Во државата Мексико, Ла Меса и Ел Капулин се отворени за јавноста.[15] Овие резервати ги посетуваат илјадници мексикански и меѓународни туристи, главно од САД, Канада, Шпанија, Франција, Германија и Јапонија.[9] Најпознат и најпосетуван од колониите со пеперуги е Ел Росарио.[11]

Во февруари, Ангангуео го слави својот „Фестивал де ла Марипоса Монарка“ (Фестивал на пеперугите монарх).[19] Овој фестивал започнал во 1992 година за да се промовира свеста за живеалиштето на пеперугите, да се искористи екотуризмот што тој го нуди, и да ги промовира културата и уметноста во областа. Фестивалот вклучува настани поврзани со храна, музика, танц и изложби на уметности, занаети и многу повеќе. Многу од околните заедници учествуваат вклучувајќи ги Апоро, Контапек, Идалго, Иримбо, Хунгапео, Мараватио, Окампо, Сенгуио, Тукспан и Зитакуаро. Во 2010 година, фестивалот вклучувал учество на симфонискиот оркестар од Мичоакан, ансамблот „Енрико Карузо“ и прикажување на изложбата наречена „Папалоапан“ за пеперугите монарх од визуелниот уметник Луис Моро, како и работилници за танц и фотографија. Овие настани се одржале на места во Ангангуео и други блиски заедници.[20] Собрана е нова фотографска изложба за да се потенцира врската помеѓу миграцијата и луѓето од Мичоакан.[21]

Во јануари 2016 година, пребарувачот Гугл го посветил своето дневно лого на 41-годишнината од откривањето на планината на пеперугите.[22]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ramírez, Maria Isabel; Azcárate, Joaquín G.; Luna, Laura (April 2003). „Effects of human activities on Monarch Butterfly habitat in protected mountain forests, Mexico“. Forestry Chronicle. Canadian Institute of Forestry. 79 (2): 242–246. doi:10.5558/tfc79242-2.
  2. Tucker, Catherine (2004). „Community Institutions and Forest Management in Mexico's Monarch Butterfly Reserve“. Society and Natural Resources. Routledge. 17 (7): 569–587. doi:10.1080/08941920490466143. ISSN 1521-0723.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 „Reserva Especial de la Biosfera Mariposa Monarca“ [Monarch Butterfly Biosphere Special Reserve] (шпански). Mexico: Secretaría de Medio Ambiente, Recursos Naturales y Pesca, Instituto Nacional de Ecología, Comisión Nacional para el Conocimiento y Uso de la Biodiversidad. November 15, 2007. Архивирано од изворникот на September 13, 2010. Посетено на December 19, 2010.
  4. 4,0 4,1 Sanchez Reyna, Ramon (2008). Turiguía:Michoacán [Tour Guide: Michoacán] (шпански). Mexico City: Grupo Azabache, S.A. de C.V. стр. 152. ISBN 978-607-7568-08-7.
  5. Jesús Guevara Morín (July 7, 2008). „Declara UNESCO reserva de Mariposa Monarca como Patrimonio Mundial“ [UNESCO declares Monarch Butterfly Reserve as World Heritage Site]. El Universal (шпански). Mexico City. Посетено на December 19, 2010.
  6. Quinatanar Hinojosa, Beatriz, уред. (2009). „Mexico Desconcido Guia a Michoacan“. Mexico Desconocido (шпански). Mexico City: Impresiones Aereas SA de CV: 17. ISSN 1870-9397.
  7. 7,0 7,1 7,2 „Monarch Butterfly Biosphere Reserve“. UNESCO. Посетено на December 19, 2010.
  8. Narayanan, Nayantara (February 22, 2013). „Climate Change May Disrupt Monarch Butterfly Migration“. Scientific American. Посетено на March 2, 2016.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 9,4 Alfredo Granciano (January 2, 1996). „Las monarcas no soportan las bajas temperaturas y caen congeladas sobre la nieve en el refugio El Rosarió, Michoacán“ [The monarchs cannot handle low temperatures and fall frozen on the snow in the refuge of El Rosario, Michoacan] (шпански). Morelia, Mexico: Universidad Michoacana de San Nicolás de Hidalgo. Архивирано од изворникот на July 9, 2011. Посетено на December 19, 2010.
  10. 10,0 10,1 10,2 „Reserva de Biosfera de la Mariposa Monarca“ [Monarch Butterfly Biosphere Reserve] (шпански). Mexico: CONACULTA. Посетено на December 19, 2010.
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 11,4 „Últimas noticias de la Reserva de la Biosfera Mariposa Monarca“ [Latest news from the Monarch Butterfly Biosphere Reserve] (шпански). Mexico City: Mexico Desconocido magazine. Архивирано од изворникот на November 4, 2010. Посетено на December 19, 2010.
  12. 12,0 12,1 12,2 12,3 12,4 „Región Mariposa Monarca“ [Monarch Butterfly Region] (шпански). Mexico: World Wildlife Fund Mexico. 2007. Архивирано од изворникот на January 4, 2011. Посетено на December 19, 2010.
  13. Linthicum, Kate (April 13, 2019). „Mexican scientists move forest to save butterflies“. Los Angeles Times. Посетено на January 5, 2020.
  14. Sieff, Kevin (2020-01-05). „Climate change is playing havoc with Mexico's monarch butterfly migration“. Washington Post (англиски). ISSN 0190-8286. Посетено на 2020-01-05.
  15. 15,0 15,1 Novo, Gerardo; Jorge de la Luz (2002). The State of Mexico. Mexico City: Ediciones Nueva Guia. стр. 88. ISBN 968-5437-26-2.
  16. 16,0 16,1 Romo, Luis (April 2008). „Ultimas noticias de la Reserva a la Biosfera Mariposa Monarca“. México Desconocido. 374: 24–29.
  17. Schachar, Natalie; Kohari, Alizeh (24 August 2016). „All aflutter: Extreme weather threatens Mexico's monarchs“. Reuters. Посетено на 31 August 2016.
  18. Jorge Olmedo (July 1, 2008). „Peligro constante para las mariposas monarca“ [Constant danger for monarch butterflies]. El Sol de México (шпански). Mexico City. Посетено на December 19, 2010.
  19. „ANGANGUEO EN LA VIDA DE LA MARIPOSA MONARCA“ [Angangueo in the life of the Monarch Butterfly] (шпански). Morelia, Mexico: Universidad Michoacana de San Nicolás de Hidalgo. 2000. Архивирано од изворникот на July 9, 2011. Посетено на December 19, 2010.
  20. „Festival de la Mariposa Monarca no será cancelado y apoyará a damnificados“ [Monarch Butterfly Festival will not be cancelled and will support victims (of flooding)]. La Cronica de Hoy (шпански). Mexico City. Notimex en Morelia. March 4, 2010. Посетено на December 19, 2010.
  21. „Migration of the monarch butterfly, identified with the life of Michoacán“. Cambio de Michoacán. Архивирано од изворникот на 2014-10-13. Посетено на 2014-10-08.
  22. What is the Mountain of Butterflies? Google doodle homage to 41st anniversary of incredible discovery, 9 June 2016, Daily Mirror.