Прејди на содржината

Бегалец (роман од Гратц)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Податотека:Refugee (Gratz novel).jpg
Прво издание

Бегалец е роман за млади и возрасни од Алан Гратц, објавен во 2017 година од страна на Схоластик Корпорејшн.

Дејството во книгата кружи околу три главни ликови од три различни епохи: нацистичка Германија, Куба од 1990-тите и модерна Сирија. Јозеф Ландау е германски Евреин којшто во 1930-тите се обидува да побегне од Германија во Куба. Изабел Фернандес е кубанска девојка во 1994 година, која што се обидува да избега од кризата со глад во Куба, по распадот на Советскиот Сојуз, во САД. Махмуд Бишара е сириски младинец чија што куќа е уништена од проектил во 2015 година и неговото семејство одлучува да побара азил во Германија. Делото доби позитивни критики и пофалби за стилот и точноста на историските податоци. Исто така, се најде и на листата најпродавани книги на The New York Times.[1] Негови романи со слична тематика се Затвореникот Б-3087 и Сојузници.[2][3]

Јозеф Ландау

[уреди | уреди извор]

Јозеф Ландау e еврејско момче коешто на почетокот на книгата има 13 години и живее во нацистичка Германија во 1938 година. Приказната на Јозеф започнува кога неговиот татко, Арон, ќе биде одведен на Кристалнахта и ќе биде испратен во концентрациониот логор Дахау од нацистичките бури. Шест месеци подоцна Арон е ослободен. Јозеф, мајката Рахела, сестрата Рути и таткото Арон, веќе трауматизиран од неговите искуства во Дахау, се качуваат во MS St. Louis, којшто треба да ги однесе на Куба. Една недела по нивниот престој на Сент Луис, Јозеф го има својот бар мицва. Станувајќи возрасен, тој е принуден да преземе големи обврски. Бидејќи менталното здравје на неговиот татко се влошува со брзо темпо, Јозеф се обврзува да се погрижи да ја помине медицинската инспекција за да влезе во Куба, менувајќи ги нивните улоги како татко и син. Додека патниците чекаат да им биде дозволено да се симнат, Јозеф се среќава со дедото на Изабел, Маријано Падрон, кубански владин офицер задолжен да спречи влез на еврејски бегалци, и покрај тоа што негува симпатии за нивната судбина. Созревањето на Јозеф продолжува додека ситуацијата се влошува: откако неговиот татко се обидел да се самоубие и е разделен од семејството, неговата мајка е погодена од тага, па Јозеф се погрижува Рути да биде згрижена и заштитена. Кога на еврејските бегалци им е забрането да влезат во Куба и враќањето во Германија е сè поизвесно, Јозеф договара со другите патници да го земе бродот како заложник за да можат да ја избегнат оваа судбина. Иако нивната акција е неуспешна, надлежните не ги враќаат во Германија. Наместо тоа, тие се испратени во Франција, каде што остануваат. За жал, на крајот од романот, кога Германија почнува да ја окупира Франција, нацистите ѝ наметнуваат на Рахела да направи избор за да ослободи само едно од нејзините деца. Јозеф се жртвува за да ја спаси својата помала сестра Рути од концентрационите логори. Јозеф умира во логорите, заедно со неговата мајка.[4] Подоцна се дознава дека таткото на Јозеф е жив и здрав во Куба.

Изабел Фернандес

[уреди | уреди извор]

Изабел Фернандес во 1994 година има 11 години. Таа расте во Хавана, под комунистичкиот режим на Фидел Кастро. Изабел е длабоко врзана за нејзиното кубанско наследство, особено преку нејзината музика. Таа се соочува со еден проблем. Изабел не може да го следи кубанскиот ритам наречен клав, за којшто мисли дека би требало природно да им лежи на Кубанците. Изабел презема голема одговорност за своето семејство поради пресвртот во којшто ќе се најде. Кога нејзиниот татко, Џералдо, е загрижен дека полицијата доаѓа по него на протести, Изабел го собира своето семејство и другото семејство, Кастиљос, за да одат со брод до Мајами и да избегаат од угнетувањето на Куба. Таа ја заменува својата труба за бензин за бродот. Меѓу луѓето кои ѝ се придружуваат на Изабел на патувањето е и нејзиниот дедо Лито, за којшто на крајот се открива дека е Маријано Падрон, кубанскиот офицер што пред неколку децении го спречил Јозеф да влезе во Хавана. Изабел поминува голем дел од опасното патување глумејќи возрасна. Таа се грижи за нејзината мајка Тереза, бремена во осми месец, го спасува Сењор Кастиљо кога брановите ќе го исфрлат во морето, поминува голем дел од патувањето немилосрдно исфрлајќи вода од нивниот брод за да можат да го продолжат своето патување. Исто така, се справува со прилично голем дел од траумата што ја забрзува оваа зрелост: две години пред тоа, нејзината баба Лита се удавила за време на циклон во Хавана, а на ова патување со брод, најдобриот пријател на Изабел, Иван, е убиен во водата од ајкули. И покрај нејзината тага, Изабел може да истрае и да го води своето семејство да стигне до бреговите на Мајами. На крајот од книгата, Изабел може повторно да се поврзе со своето наследство кога нејзиниот голем вујко Гилермо ѝ дава нова труба, а Изабел почнува да следи клав.[5]

Махмуд Бишара

[уреди | уреди извор]

Махмуд Бишара во 2015 година има 12 години и живее во Алепо, Сирија со неговиот татко Јусеф, неговата мајка Фатима, неговиот 10-годишен брат Валид и неговата малолетна сестра Хана. Махмуд веќе има големо искуство во справувањето со траумите од војната, бидејќи Сириската граѓанска војна веќе беснее четири години на почетокот на приказната на Махмуд. Махмуд учи да се справи со овие услови со преземање заштитна улога над Валид и со учење да биде „невидлив“, држејќи ја главата надолу и осигурувајќи се дека никој не го забележува. Со ова прашањето дали е подобро да се биде невидлив или видлив, Махмуд се соочува во текот на романот додека неговото семејство патува од Сирија во Германија. Тој разбира дека тоа што е незабележано му помага да избегне неволји, но исто така почнува да ги гледа проблемите со тоа што останува невидлив, бидејќи тоа ги спречува добрите луѓе да ги забележат и да пружат помош. Махмуд конечно ја гледа моќта на видливоста кога ќе одлучи да излезе од унгарскиот притворен центар и да ги води другите бегалци на 12-часовен марш до Австрија. Ова добива големо медиумско внимание, а Австријците ги пречекуваат на граница со храна, вода и лекови. На тој начин Махмуд ја препознава важноста да се биде видлив, а неговата приказна, исто така, ја зголемува видливоста за многуте сириски бегалци на коишто и понатаму им е потребна помош. Како Јозеф, и Махмуд е принуден да направи тежок избор што ја покажува неговата зрелост и тежината на неговата одговорност. Додека Махмуд и неговото семејство патуваат од Сирија во Германија, тие остануваат заглавени во Средоземното Море поради превртување на нивниот брод во водата. Кога ќе помине друг гумен чамец кој нема простор за неговото семејство, тој им ја нуди Хана за да се осигура дека таа може да преживее. Ова е одлука што ниту еден 13-годишник не треба да ја донесе, но тешкото патување на Махмуд бара тој да го преземе овој товар. На крајот, Махмуд и неговото семејство стигнуваат безбедно до Германија и се примени од семејството домаќин, постариот Саул Розенберг и неговата сопруга, Рути - малата сестра на Јозеф, која го преживеа холокаустот неколку децении пред тоа благодарение на саможртвата на Јозеф. Сепак, Хана е изгубена и никаде ја нема, се претпоставува дека е изгубена или мртва.[6]

  1. Jordan, Tina (2018-08-03). „That Huge Surprise in His Own Family Genealogy? It's Playing out in His Novels (Published 2018)“. The New York Times (англиски). ISSN 0362-4331. Посетено на 2021-01-26.
  2. „Refugee by Alan Gratz | Kirkus Reviews“. Посетено на 2017-12-19.
  3. „Refugee by Alan Gratz – A Timely and Important Novel“. Shooting Stars Mag. 27 July 2017.
  4. „LitCharts“. LitCharts (англиски). Посетено на 2021-04-30.
  5. „LitCharts“. LitCharts (англиски). Посетено на 2021-04-30.
  6. „LitCharts“. LitCharts (англиски). Посетено на 2021-04-30.