Љубена (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Љубена“ или „Сакана“ (англиски: Beloved) — роман на американската писателка Тони Морисон од 1987 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Прв дел[уреди | уреди извор]

Во годините по Граѓанската војна во САД, во куќата со број 124 во предградието на Синсинати живее Сета со ќерката Денвер, откако двајцата малолетни сина на Сета ја напуштаат куќата, а набргу умира и свекрвата Бејби Сагс. Куќата е позната по тоа што во неа престојува лош дух кој ги вознемирува нејзините жители, кои веруваат дека станува збор за духот на умрената ќерка на Сета – Сакана. Сета е некогашна робинка од фармата „Сладок дом“ на брачниот пар Гарнер во Кентаки, каде доaѓа на 13-годишна возраст, а една година подоцна се мажи за робот Хали Сагс. Подоцна, кога на фармата доаѓа нов сопственик, додека е бремена со Денвер, таа бега од фармата откако претходно најпрвин ѝ го молзат млекото, а потоа ја камшикуваат, а во бегството ѝ помага една белата девојка-скитничка Ејми Денвер со која заедно ја минуваат реката Охајо при што Сета се пораѓа во чамецот. Откако пристигаат на спротивниот брег, Сета и Ејми се разделуваат, а потоа, со помош на старецот наречен Печат Платено и на други Црнци, Сета пристигнува во куќата на Бејби Сагс, каде претходно ги испраќа своите три деца. По повод нејзиното доаѓање, Бејби Сагс приредува богата прослава со што предизвикува незадоволство кај соседите, а кај неа раѓа немир. Набргу, во куќата број 124 пристигнуваат неколку белци во потрага по Сета. Одлучна да не се враќа на фармата, Сета се обидува да ги убие децата при што успева да ја убие само својата прва ќерка. Вџашени од глетката, ловците на робови се откажуваат од намерата да ја вратат назад, меѓутоа Сета е уапсена и одведена в затвор поради убиството на ќерката. Еден ден, во домот на Сета доаѓа Пол Д., некогашен роб од „Слаткиот дом“, кој откако е продаден, се обидува да го убие новиот сопственик поради што е одведен во затвор во Џорџија. Таму, тој минува кратко време, зашто сите робови успеваат да побегнат. Бегалците среќаваат група Чироки, кои ги ослободуваат од синџирите, а оттаму, Пол оди пеш дури до еден град во Охајо. Потоа, по18-годишно скитање од едно до друго место, тој доаѓа до куќата број 124. Уморен од скитничкиот живот, тој останува да живее со Сета во која е вљубен уште на фармата „Слаткиот дом“. Веднаш по неговото доаѓање, од куќата исчезнува духот. Набргу, во куќата бр. 124 доаѓа непозната девојка која се вика Сакана. За неа се грижи Денвер, а штом закрепнува од болеста, Сакана останува да живее во куќата и постојано бара од Сета да ѝ раскажува за своето минато, но таа е многу таинствена и не открива ништо за својот живот. Денвер, која целиот живот е осамена, станува многу блиска со Сакана која, пак, е опседната со Сета и не може да го поднесе Пол Д., но тоа воопшто не ѝ пречи да му стане љубовница. Меѓутоа, кога Пол дознава од Печат Платено за Сетиното чедоморство, тој го напушта нејзиниот дом.[1]

Втор дел[уреди | уреди извор]

Печат Платено се кае поради својата постапка и неколкупати оди до куќата број 124 со намера да ѝ се извини на Сета, но секојпат се откажува. По заминувањето на Пол Д., домот на Сета е празен, а месното население ја избегнува од случката со чедоморството. Откако повторно остануав сама, Сета одлучува да им се посвети на двете девојки и да го занемари надворешниот свет. Една вечер, Сакана почнува да ја пее мелодијата која одамна ја измислила Сета, која тогаш сфаќа дека, всушност, Сакана е нејзината втора ќерка. Еднаш, кога Печат Платено повторно се обидува да влезе во куќата број 124, за првпат ја здогледува Сакана. По напуштањето на Сета, Пол Д. живее во подрумот на една црква.[2]

Трет дел[уреди | уреди извор]

Печат Платено го посетува Пол Д. барајќи прошка, а Пол е целосно разочаран. За тоа време, Сета потполно ѝ се посветува на Сакана, запоставувајќи сè друго, вклучувајќи ја и Денвер, па набргу добива отказ од работата. Набргу, трите жителки на куќата број 124 почнуваат да гладуваат, но Сета не покажува интерес за ништо освен Сакана. Меѓу Сета и Сакана се развива противречен однос: од една страна, Сета е целосно потчинета, но истовремено, меѓу нив често доаѓа до кавги. Затоа, Денвер одлучува да ја разреши таа состојба и за првпат по многу години ја напушта куќата, одлучна да побара помош. Таа ѝ се обраќа на својата поранешна учителка, госпоѓата Џонс, а набргу голем број жени од градот почнуваат да испраќаат храна во куќата број 124. Подоцна, Денвер наоѓа работа во куќата на господинот Бодвин, кој своевремено се погрижил за Бејби Сагс, а потоа ја извадил Сета од затворот. Така, целиот град дознава за очајната состојба на Сета и за девојката која ја измачува. Поради тоа, група од 30 жени се собираат пред куќата број 124, пеејќи песни и молејќи се во присуство на Денвер, Сета и Сакана. Тогаш, крај куќата минува господинот Бодвин и Сета го напаѓа со намера да го убие, но Денвер и жените успеваат да ја совладаат. По тој немил настан, Сакана исчезнува, а Сета се наоѓа во многу лоша состојба и за неа се грижи Денвер. Еден ден, Пол Д. се враќа во куќата, решен да продолжи да живее со Сета и да се грижи за неа. Со текот на времето, Сета, Денвер, Пол Д. и другите жители полека забораваат на Сакана.[3]

За делото[уреди | уреди извор]

Според исказот на авторката, идејата за романот ја добила во 1983 година, кога дала отказ од работното место во издавачката куќа. Неколку дена по напуштањето на работата, додека седела пред куќата гледајќи ја реката Хадсон, наеднаш ја опфатил необичен страв, а кога се вратила во својот дом, таа сфатила дека е среќна како што не била никогаш во животот и тогаш започнала да размислува за значењето на зборот „слободна жена“. Тогаш, таа се сетила на една книга објавена од издавачката куќа во која работела („Црната книга“, 1974). Во една новинска статија наведена во книгата се зборувало за Маргарет Гарнер, млада мајка која побегнала од ропството, но потоа била уапсена затоа што убила едно од своите деца, а останатите се обидела да ги убие само за да го спречи нивното враќање на плантажата на робовладетелот. Нејзиниот случај станал познат во борбата против законот за избеганите робови, а недостигот од каење на мајката го привлекол вниманието на аболиционистите и на весниците. Сметајќи дека опишувањето на приказната на Маргарет Гарнер го ограничува писателот, Морисон одлучила да ги измисли мислите на вистинската личност и да ги вметне во поттекст кој во својата суштина е историски точен, но не одговара целосно на фактите, а со цел нејзината приказна да ја поврзе со современите прашања за слободата на жената. Затоа, таа одлучила најважниот лик во книгата да биде убиената, а не мајката-убиец. На тој начин, намерата на Морисон била да го киднапира читателот и немилосрдно фрлен во непозната средина и така да влезе во светот на жителите од книгата, исто како што главните ликови биле грабнати и преместени од едно на друго место без никаква подготовка и одбрана. Исто така, авторката решила на куќата да не ѝ даде некое вообичаено име од тоа време, туку да ја нарече само со бројот и така да ја издвои од другите куќи, од улицата и од градот со што куќата се претвора во личност. Со цел поверно да го долови чувството на ропството, Морисон се обидела создаде чувство дека нештата се истовремено под и надвор од контрола; дека мирот на секојдневниот живот ќе биде насилно прекинат од хаосот на мртовецот; дека херкуловскиот напор да се заборави умрената ќе биде загрозена од споменот на неа. Најпосле, со цел ропството да се претстави како лично искуство, авторката била принудена да го отстрани јазикот.[4]

Романот „Љубена“ бил позитивно оценет од книжевната критика, а за него Морисон ја освоила Пулицеровата награда. Британскиот весник „Гардиен“ го оценил делото како „чудесно остварување... американско ремек-дело“; според весникот Сандеј тајмс, авторката „ги спојува ужасот и убавината во приказна која засекогаш ќе ве потресе“; а во својот осврт кон романот, објавен во весникот Њујорк тајмс, писателката Маргарет Атвуд напишала: „Љубена е уште еден триумф на Тони Морисон. Навистина, нејзината сестраност, вештина и опсегот на емоциите не познаваат граници. Доколку постои некаков сомнеж за нејзиниот статус на еден од најзначајниет романописци во Америка не само на својата генерација, туку воопшто, романот Љубена целосно ќе ги распрсне.“[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Toni Morison, Voljena. Beograd: Laguna, 2013, стр. 17-211.
  2. Toni Morison, Voljena. Beograd: Laguna, 2013, стр. 215-295.
  3. Toni Morison, Voljena. Beograd: Laguna, 2013, стр. 299-343.
  4. „Predgovor“, во: Toni Morison, Voljena. Beograd: Laguna, 2013, стр. 10-13.
  5. Toni Morison, Voljena. Beograd: Laguna, 2013.