Ричард Паверс

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ричард Паверс (англиски: Richard Powers; р. 25 март 1948 во Охајо, САД) — американски танцов историчар и експерт за друштвен танц. Тој е познат по своите кореографии и работилници насекаде низ светот. Паверс е моментално инструктор по танц на универзитетот „Стенфорд“ во Калифорнија, САД.

Истражувачка дејност[уреди | уреди извор]

Ричард Паверс работи на истражување и реконструирање на друштвени танци од сите делови од светот, но пред сè од западната полутопка. Тој преку пишани извори дознава за танците во периодот од ренесансата, па наваму и пробува да ги оживее преку кореографии за професионални танцови групи и аматери. Паверс во 1981 год. ја основа академијата за стари танци „Летечки облак,“ со кои месечно организира балови од викторијанскиот и рагтајм периодот. Добитник е на бројни признанија, меѓу кои и наградата „Пост-Корбет“ која е најзначајното признание на градот Синсинати за еден уметник.

Неговата дејност се раширува и до кореографии за филмски продукции во САД.

Наставна дејност[уреди | уреди извор]

Паверс од 1992 год. е инструктор по танц на универзитетот „Стенфорд,“ каде предава повеќе предмети за друштвен танц. Овие предмети се едни од најпопуларните на универзитетот.[1] Во 1990-тите, Паверс бил и шеф на катедрата за танц во одделот за театарски и настапни уметности. За неговата посветеност кон образованието, Паверс е добитник на наградата „Лојд В. Динкелспил.“

Работилниците на Паверс се популарни меѓу танцовите здруженија во Европа, Азија и Америка. Тој редовно предава во САД, Русија, Франција и Јапонија, а има организирано и семинари и собири во Велика Британија, Данска, Италија, Канада, Шпанија итн.[2]

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Ричард Паверс има дипломирано машинско инженерство на универзитетот „Пердју“ во Индијана, САД. Тој се има стекнато со магистерско звање на универзитетот „Стенфорд“ во 1970 год. Долги години работи како иноватор и држи повеќе патенти, вклучувајќи го и патентот за модерниот поставувач на тампони.[3]

Оженет е со Трејси Паверс и живее во околината на Санфранцискиот Залив, Калифорнија, САД.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. magazine, STANFORD. „Why Dance Matters“. stanfordmag.org (англиски). Посетено на 2019-07-12.
  2. „Richard Powers CV“. richardpowers.com. Архивирано од изворникот на 2019-07-12. Посетено на 2019-07-12.
  3. Mogensen, Jackie (2015-10-30). „Richard Powers leaves engineering for a happier life in dance“. The Stanford Daily (англиски). Посетено на 2019-07-12.