Патент

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Патент е уверение за интелектуална сопственост што државата му го дава на еден пронаоѓач кое му гарантира исклучиви права на пронајдокот со негово објавување во јавноста.[1]

Објект на патентна заштита е пронајдокот како материјализаиран производ на инвентивниот труд на поеднинец или на група луѓе доколку ги исполнува утврдените услови со закон. Законите и меѓународните конвенции кои ја регулираат оваа област обично не го дефинираат поимот „пронајдок“. Оваа интенција е присутна и во ЗИС од 1993 и во ЗИС од 2002. Во ЗИС од 2002 содржана е многу општа дефиниција на поимот „пронајдок“, во која се укажува само на техничката природа на пронајдокот како решение на технички проблем, а потоа се наведува дека пронајдокот може да се однесува на „производ, постапка или материја сама по себе, која е резултат на одредена постапка“. Избегнувањето да се дефинира поимот пронајдок доаѓа оттаму што неговиот поим зависи од третманот што тој го добива во конкретниот закон кој ја регулира оваа област за одредена земја или група земји. Законодавецот се определил да дефинира на што се однесува пронајдокот, но користи општи поими – „производ“, „постапка“ и „материја“ – за да овозможи пошироко толкување на областите на кои се однесува пронајдокот. Неопходните критериуми кои треба да ги исполнува пронајдокот за да може да се заштити со патент се:

  • Новост (пронајдокот е нов ако не бил опфатен со состојбата на техниката)
  • Инвентивен придонес (пронајдокот треба да е резултат на творечка работа)
  • Применливост во индустријата или друга област (пронајдокот да придонесува за развој на индустријата и другите дејности)

Во ЗИС се наброени човековите интелектуални креации кои не се сметаат за пронајдоци. Тоа се: откритија, научни теории, математички методи, естетски творби, планови, правила и постапки за вршење интелектуална дејност, за игри или за вршење деловни или бизнис активности, компјутерски програми и прикажувањето информации.

Видови патенти[уреди]

Најголемиот број национални закони (покрај корисните модели и мали патенти) ги познаваат следниве видови патент: доверлив патент, доплнителен патент и зависен патент. Според друг критериум, патентите се делат на: патенти создадени од индивидуални пронаоѓачи, од повеќе пронаоѓачи и патенти создадени во работен однос.

На пронаоѓачот на доверлив пронајдок најчесто му припаѓа еднократен надомест што го утврдуваат спогодбено пронаоѓачот и надлежниот државен орган (за одбрана или државна безбедност). Според Законот за индустриска сопственост на Република Македонија, доверливиот патент или патент за доверлив пронајдок се разликува од основниот патент по тоа што исклучително право да располага и да го користи доверливиот пронајдок има органот на управа надлежен за работите на одбраната.

Особено е значајна категоријата дополнителен патент. Во правната теорија се смета дека пронајдокот кој е пријавен или е заштитен со патент може да се усоврши на три начини: со измена на некој елемент или состојка, ако пронајдокот претставува комбинација на елементи; со усовршување , ако некој елемент или својство на пронајдокот се изменат на подобро; и со дополнување ако некој нов елемент му се додаде на веќе постоен пронајдок. Важно е, во сите овие случаи, дека основната идеја на пронаоѓачот останува зачувана, дека не се работи за друг, посебен пронајдок. Носителот на основниот патент поднесува пријава за дополнителен патент, кога тој, или лицето кое му ги отстапило резултатите на усовршување, дојде до посовршен пронајдок. Дополнителниот патент трае колку и основниот.

Како зависен патент се дефинира оној патент со кој се заштитува пронајдок којшто не може самостојно да се применува и за чија примена е неопходна истовремена примена на друг пронајдок, којшто временски порано е заштитен со патент. Станува збор, значи за два пронајдока коишто се функционално поврзани, а пронаоѓачи се две сосем различни лица.

Постапка за стекнување патент[уреди]

За заштита на пронајдоците особено е значајна фазата на пријавување на пронајдокот во соодветна државна институција. Постапката за признавање патент во Република Македонија се регулира со Законот за индустриска сопственост и со Правилникот за патент. Согласно овој Закон, постапката за признавање патент се поведува со пријава која содржи барање за признавање на правото. За секој пронајдок се поднесува посебна пријава. Една пријава за патент може да содржи и повеќе пронајдоци кои се така меѓусебно поврзани што да остваруваат единствена пронаоѓачка замисла. Битни делови на пријавата, според Законот, која се поплнува на соодветен образец се: барање за признавање патент, опис на пронајдокот, патентно барање, апстракт и нацрт.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. „патент“ - Лексикон на македонскиот јазик, он.нет

Надворешни врски[уреди]