Орланци (Скопско)

Координати: 42°2′53″N 21°35′35″E / 42.04806° СГШ; 21.59306° ИГД / 42.04806; 21.59306
Од Википедија — слободната енциклопедија
Орланци

Глетка на селото Орланци

Орланци во рамките на Македонија
Орланци
Местоположба на Орланци во Македонија
Орланци на карта

Карта

Координати 42°2′53″N 21°35′35″E / 42.04806° СГШ; 21.59306° ИГД / 42.04806; 21.59306
Општина  Арачиново
Население 890 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 25101
Надм. вис. 431 м
Орланци на општинската карта

Атарот на Орланци во рамките на општината
Орланци на Ризницата

Орланци — село во рамките на Општина Арачиново, на северниот дел од Скопското Поле, надвор од градот Скопје.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Орланци се наоѓа на источната страна на северниот дел на Скопската Котлина во рамки на Општина Арачиново[2]. Сместено е во дното на длабок дол на крајното југоисточнои подножје на Скопска Црна Гора, од левата страна на асфалтниот регионален пат кој од Скопје преку Арачиново води за Куманово. Селото е рамничарско, расположено на надморска височина од 400 метри[2]. Атарот кој се издигнува на јужните падини на Скопска Црна Гора зафаќа простор од 4,1 км2, на кои обработливото земјиште зазема површина од 245 ха, а на пасиштата отпаѓаат 224 ха[2].

Историја[уреди | уреди извор]

На потегот Селиште кој се наоѓа на 800 метри јужно од денешното село, се наоѓало старото македонско Орланци, кое ја зафаќало десната падина на широката долина[3]. До шеесеттите години на XX век, на ова место имало видливи камења од ѕидови на куќи и парчиња од грнчарија, а на две места се забележувале остатоци од црквиште и стари гробови[3]. Познато е дека црквата во Орланци била посветена на Света Петка, а неа за празници ја посетувале Македонци христијани од други села, како на пример Бучинци каде во 1910 година како стогодишен старец умрел некојси Ѓорѓија од тамошниот род Сељовци кој за причест одел во црквата во селото Орланци[3]. Доказ дека Орланци било населено со христијанско македонско население се пишаните турски документи од средновековиот период од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година за тогашниот Скопски вилает, каде е запишано дека во Орланци живееле вкупно 47 македонски христијански семејства, 4 вдовици и 9 неженети со имиња како Петко, Никола, Димитри, Драгош, Влатко, Спасе, Доброслав, Новак, Божидар, Влајко, Стојан, Пејо, Оливер, Иван, Ѓоре, Костадин, Ивана, Станислава, Калина, Радослава и др. кои остварувале приход од 1424 акчиња[4]. Подоцна во XVI век, во 1544 селото имало 42 македонски христијански и 1 муслиманско семејство, а во 1568 биле забележани 42 христијански семејства[4].

Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство.

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било муслиманско, со 9 муслимански домаќинства. На овој попис биле забележани 36 мажи муслимани, со 1 новороденче. Се проценува дека селото во тој период имало 86 жители.[5]

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 280 жители.[6]

На почетокот на XIX век северно од македонското село Орланци се населиле две албански домаќинства од кои потекнуваат денешните родови Зекировци и Суљовци[3]. Припадниците на тие родови брзо се намножиле и ги заземале најдобрите делови на атарот особено пасиштата и шумата, а вршеле и пакости на стоката[3]. Имајќи предвид дека Албанците како муслимани биле повластени во отоманското време, како и неповолната и небезбедна положба крај главниот пат меѓу Скопје и Куманово, околу средината на XIX век започнале судири меѓу староседелското македонско и доселеничкото албанско население. Не можејќи да опстојат во селото Македонците започнале да се иселуваат при што се знаат иселениците: родот Орланци во Куманово, Ристо и Ѓорѓи во Скопје, а веќе во втората половина на XIX век селото целосно станало албанско[3]. Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 120 жители муслимани (Албанци).[7].

Во 1913 година, во селото биле евидентирани 146 жители. Било дел од Општина Брњарци.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 100 Албанци.[8]

Од 1955 започнал силен бран на иселување на албанското население во Турција и доселување на бошњачко население исто така на пат за иселување во Турција. Сите бошњачки родови се населиле од Санџак во Србија и Црна Гора во периодот од 1955 до 1963, купувајќи куќи и имоти за цена од 200.000 до 500.000 тогашни динари[3]. Поради тие процеси за Орланци постоело мислење дека е пролазно село бидејќи едни жители се иселуваат, а други се доселувале[3].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото потекнува и има значење на македонски јазик најверојатно од името на птицата орел , што укажува дека тоа останало од староседелците Македонци, а го прифатиле и доселените Албанци кои селото го нарекуваат Orllanca. Местоположбата на селото, вовлечено во дол под падините на Скопска Црна Гора, кој често го надлетуваат орли и други граблви птици, може да ја потврди претпоставката за потеклото и значењето на името. Во Македонија постои уште едно село со име Орланци во Кичевско.

Население[уреди | уреди извор]

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото Орланци имало 120 жители, сите Албанци.[9]

На пописот од 2002 година, селото имало 829 жители. Следува табела на националната структура на населението[10]

Националност Вкупно
Македонци 0
Албанци 761
Турци 0
Роми 0
Власи 0
Срби 0
Бошњаци 63
останати 5

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:[11]

Година 1900 1948 1953 1961 1971 1981 1994 2002
Население 120[9] 192 222 319 424 545 688 829

Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, Орланци има 890 жители.

Следува табела на народносната структура на населението:

Народност Вкупно
Македонци 857
Албанци 0
Турци 0
Роми 0
Власи 1
Срби 0
Бошњаци 4
Други 29

Родови[уреди | уреди извор]

Орланци е албанско-бошњачко село.

Со започнувањето на доселувањето на Албанците во првата половина на XIX век и целосното иселување на Македонците во Куманово (род Орланци) и Скопје (Ристо и Ѓорѓи)[3], селото Орланци денес е населено со албански муслимански родови. Најстари родови се: Суљовци и Беќировци (од северна Албанија)[3]. Останати албански родови се: Чајан (дошле од с. Љуботен (Скопско), а по потекло се од местото Чаја во областа Љума во северна Албанија), Белановчани (припаѓаат на фисот Бериша од северна Албанија, а тука дошле од с. Белановце во Кумановско), Брестњани, Тенџер (припаѓаат на фисот Бериша) и Акуљци (припаѓаат на фисот Красниќи) сите дојдени од с. Брест на Скопска Црна Гора, а со подалечно потекло до северниот дел на Албанија[3]. Сите бошњачки родови се населиле од Санџак во Србија и Црна Гора во периодот од 1955 до 1963 на пат за иселување во Турција: Хасиќи, Хајдаровиќи, Мекиќи, Еровиќи, Меховиќи и др[3].

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 2339 според Државната изборна комисија, сместено во основното училиште.[12]


Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 222–223.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски, Јован (1964). Сеоска насеља Скопске котлине (српски). Скопје: Филозофски факултет. стр. 24–26.
  4. 4,0 4,1 Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 214.
  5. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на муслиманското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2020.
  6. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  7. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.256
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. 9,0 9,1 Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 208.
  10. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  11. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
  12. „Описи на ИМ“. Државна изборна комисија. Посетено на 13 октомври 2021.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]