Илузија (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
„Илузија (Mirage)“
MirageFilm.jpg
американски филмски постер
Режирано од Светозар Ристовски
Продуцент Светозар Ристовски
Сценарист Светозар Ристовски
Грејс Леа Троје
Настапуваат Мустафа Надаревиќ
Владо Јовановски
Никола Ѓуричко
Дејан Аќимовиќ
Марко Ковачевиќ
Музика Клаус Хундбихлер[1]
Bei the Fish[2]
Кинематографија Владимир Самоиловски
Монтажа Атанас Георгиев
Дистрибутер Crescent Releasing
Picture This! (САД)
Премиера Канада Канада:
11 септември 2004
Македонија Македонија:
11 март 2005
Flag of the United States.svg САД:
13 март 2005
Времетраење

103 [2]

107 мин[3]
Држава Македонија Македонија
Јазик Македонски
Албански
Буџет 600,000 [4]

Илузија е македонски филм во австриска копродукција[5] од 2004 година со Мустафа Надаревиќ, Владо Јовановски, Никола Ѓуричко, Дејан Аќимовиќ и Марко Ковачевиќ во главните улоги. Филмот е режиран од Светозар Ристовски кој е и автор на сценариото во соработка со Грејс Леа Троје. Дејствието на филмот се одвива во Велес и е приказна за едно талентирано, но злоупотребувано момче кое е предадено од своите илузорни надежи за подобра иднина и, по склоп околници, претворено во криминалец. Филмот дава една мрачна престава на пост-југословенска Македонија, портретирајќи ја како место подложно на насилство и корупција.

Илузија е дебитантскиот филм на Ристовски. По неговата премиера во Канада и САД, добро е прифатен од тамошните критичари кои го фалат неговиот бескомпромисен реализам и изведбата на Марко Ковачевиќ во главната улога.[6] Споредуван со Ивановото детство на Андреј Тарковски,[6][7] филмот добива награда за Најдобар филм на Меѓународниот Филмски Фестивал „Anchorage“ во 2005 година[8][9][2], а номиниран е и за Гран при на Меѓународниот Филмски Фестивал во Токио една година претходно[8][10].

Содржина[уреди]

Дејството на филмот се случува во Велес за време на првите години од независноста на Република Македонија. Приказната се врзува за 13-годишното момче Марко Трифуновски (Марко Ковачевиќ), талентирано момче што расте во семејство на татко пијаница - Лазо (Владо Јовановски), преплашена мајка од која нема никаква поддршка - Анѓа (Елена Мосевска) и промискуитетна, надмена сестра Фани (Славица Манаскова). На училиште, Марко е постојано малтретиран од Леви (Мартин Јовчевски), син на албанскиот шеф на полицијата Блашко (Дејан Ачимовиќ). За да избега од проблемите, Марко често игра шах на локалните гробишта сместени крај железничката. Два ментори му ветуваат подобра иднина на Марко - босанскиот професор по македонски јазик (Мустафа Надаревиќ) и исплашениот војник Парис (Никола Ѓуричко) - но потоа и двајцата го изневеруваат, што на крајот предизвикува катастрофална промена кај него - станува криминалец и го убива својот професор. Илузорната природа на овие надежи најдобро е конципирана во епиграфот на филмот, еден афоризам од Човечко, премногу човечко на Фридрих Ниче :"Надежта е најлоша од сите зла, зашто ги продолжува човековите измачувања."[11]

Заработка, реакции и награди[уреди]

Заработка[уреди]

Во САД, филмот има премиера само во едно кино на 17 март 2006 година и таму заработува $1,511 во текот на еднонеделното прикажување.[12] Севкупно, филмот има заработено $2,241 во Соединетите Држави.[12]

Реакции[уреди]

Филмот е добро прифатен од критичарите. На Rotten Tomatoes држи "свеж" рејтинг 82% врз основа на 11 рецензии, со 86% одобрување од страна на најдобрите критичари и нивните 7 огледи.[13] На Metacritic, филмот има исто така позитивен метаскор од 61% од 8 рецензии.[14]

Воопштено, критичарите даваат многу позитивен осврт на бескомпромисниот реализам. По својата премиера во Торонто, списанието Variety го пофалува филмот како "скромен триумф на бестрашна глума и остар социјален коментар".[6] И во САД е пропратен со истата пофалба: "Ристовски бара од нас да ги почувствуваме страдањата на неговата нација и, на крајот, успева,"[15] пишува New York Daily News. The Hollywood Reporter го оценува начинот на кој е обработена приказната за Марко како "непрекинато тмурен и моќен",[16] а TV Guide го смета филмот за "напнат [и] неизвесен", а истовремено и за "особено убав".[17] New York Times ѝ забележува на приказната која ја оценува за "слабо развиена", но сепак заклучува дека филмот е "застрашувачки прозорец кон балканската земја".[18] Village Voice, пак, го окарактеризира филмскиот приказ на младешките страдања како "извештачена евокација на безнадежноста".[19]

Како и да е, филмот, исто така, наидува и на неколку негативни критики. New York Post, на пример, вели дека филмот е "здодевен, очаен и бесмислен",[20] а списанието Slant смета дека Марковата приказна е "очајничка" и "нереална" живописно заклучува дека филмот "го влече трупот на Били Елиот низ вода од одводен канал".[21] По неговата европска премиера, дневниот Утрински весник го пофалува реализмот и визуелната истанченост на филмот, но, сепак, рецензијата ја завршува со критика на нагласувањето на страдањето што резултира филмот да е едностран.[22]

Единствената константа што се провлекува низ сите критики е истакнувањето на Марко Ковачевиќ кој ја игра главната улога во филмот. Неговата изведба е оценета како "извонредна" од списанието Variety[6] и "супериорна" од The Hollywood Reporter,[16]. Village Voice, пак, му честита за можноста да го "каналира нежното и дивото со подеднаква леснотија"[19] при неговото портретирање на протагонистот.

Награди[уреди]

Настан Награда Номиниран Резултат
Меѓународен Филмски Фестивал во Токио 2004 [8] [10] Токио Гран При Светозар Ристовски Номинација
Меѓународен Филмски Фестивал „Anchorage“ 2005 [2] [8] [9] Најдобар филм Светозар Ристовски Награден
Меѓународен Филмски Фестивал за деца и младинци во Злин 2005[8][23] Најдобар европски дебитантски филм Светозар Ристовски Награден
Филмски Фестивал Аванса 2006[8][24] Долгометражен филм Светозар Ристовски Награден
Најдобар актер (почесна награда) Марко Ковачевиќ Награден
Најдобра фотографија Владимир Самоиловски Награден

Белешки[уреди]

  1. „Клаус Хундбихлер“. Семрежна филмска база на податоци. http://www.imdb.com/name/nm0402153/. конс. 16 септември 2008. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 „Илузија“. Македонски Информациски Филмски Центар. http://www.maccinema.com/filmovi_detali.asp?IDMAKFILM=712. конс. 16 септември 2008. 
  3. „Илузија“. Семрежна филмска база на податоци. http://www.imdb.com/title/tt0368962/. конс. 17 септември 2008. 
  4. На 14 април 2003 година, Утрински весник објавува дека буџетот на филмот е 550,000 евра ("Пред почетокот на снимањето на првиот долгометражен филм за 2003 година - Години на надеж ќе почне да се снима на 6 мај.".) На 6 мај истата година, Дневник објавува дека буџетот на филмот е 600,000 евра ("Филм - снимањето на Години на надеж на Светозар Ристовски отпочнува".) Истата бројка ја соопштува и Вест на 13 јули 2004 ("Три македонски кандидати на Мостра – филмот на Светозар Ристовски аплицира за Венеција".) Во сите три случаи, буџетот е приближно (Утрински весник) или точно (Дневник, Вест) 600,000 ; затоа и оваа бројка е земена за точна.
  5. Александра Бубевска. „Премиера на филмот „Илузија““. А1 телевизија. http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=44030. конс. 16 септември 2008. 
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 Еди Кокрел. „Mirage (Илузија)“. Списание Variety. http://www.variety.com/review/VE1117924885.html?categoryid=31&cs=1. конс. 16 септември 2008. 
  7. „Проекции на македонската „Илузија““. Вест. http://www.vest.com.mk/default.asp?id=94940&idg=5&idb=1434&rubrika=Kultura. конс. 16 септември 2008. 
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 „IMDB: Награди за Илузија (2004)“. Семрежна филмска база на податоци. http://www.imdb.com/title/tt0368962/awards. конс. 16 септември 2008. 
  9. 9,0 9,1 Меѓународен Филмски Фестивал „Anchorage“ 2005. http://137.229.184.12/2005/index.asp. конс. 16 септември 2008.  Повеќе информации на Илузија (Mirage). http://137.229.184.12/2005/guide/entry.asp?id=0346. конс. 16 септември 2008. 
  10. 10,0 10,1 „Историја: 17ти Меѓународен филмски фестивал во Токио“. http://www.tiff-jp.net/en/tiff/lineup.php?id=17. конс. 16 септември 2008. 
  11. Малку поразлична верзија на истиот афоризам може да се најде на Викицитат сместено под број 71.
  12. 12,0 12,1 Box Office Mojo: Илузија. http://www.boxofficemojo.com/movies/?id=mirage.htm. конс. 16 септември 2008. 
  13. „Rotten Tomatoes: Илузија. http://www.rottentomatoes.com/m/mirage. конс. 16 септември 2008. 
  14. „Metacritic: Илузија. http://www.metacritic.com/film/titles/mirage?q=Mirage. конс. 16 септември 2008. 
  15. Елизабет Вајцман (17 март 2006). „"Movie Digest: Илузија"“. „New York Daily News“. http://www.nydailynews.com/archives/entertainment/2006/03/17/2006-03-17_movie_digest.html. конс. 16 септември 2008. 
  16. 16,0 16,1 Френк Шек (19 мај 2006). „Рецензија за Илузија. „The Hollywood Reporter“. http://www.allbusiness.com/services/motion-pictures/4790444-1.html. конс. 16 септември 2008. 
  17. Кен ФоксF (17 март 2006). „"Илузија (2006, филм)"“. „TV Guide“. http://www.tvguide.com/movies/mirage/review/278991. конс. 16 септември 2008. 
  18. Нил Генцлингер (17 март 2006). „"Тешки времиња за македонските тинејџери"“. „New York Times“. http://movies.nytimes.com/2006/03/17/movies/17mira.html. конс. 16 септември 2008. 
  19. 19,0 19,1 Питер Л’Офишл (7 март 2006). „"Следејќи го филмот: Илузија"“. „The Village Voice“. http://www.villagevoice.com/film/0611,lofficial,72542,20.html. конс. 16 септември 2008. 
  20. Кајл Смит (17 март 2006). "Болката во Шпанија создава познати солзи". New York Post: New York Pulse, стр. 58.
  21. Ед Гонзалез (8 март 2006). „Рецензија на Илузија. „Slant Magazine“. http://www.slantmagazine.com/film/film_review.asp?ID=2113. конс. 16 септември 2008. 
  22. 45ти Филмски фестивал во СолунИлузија со три проекции во Солун“, „Утрински весник“, 23 ноември 2004.
  23. „Филмски Фестивал Злин: Меѓународен Филмски Фестивал за деца и младинци - 45то издание“. http://www.zlinfest.cz/vysledkove_listiny.php?zobrazArchiv=2005. конс. 16 септември 2008. 
  24. „Фестивал Аванса 2006: Меѓународно кино и видео натпреварување“. http://www.avanca.com/festival_2006_premios.htm. конс. 16 септември 2008. 

Надворешни врски[уреди]