Биохемија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Биохемијата ги проучува ензимски катализираните реакции. Ова е 3D слика на ензимот нуклеозид фосфорилаза што учествува во катализата на адицијата на фосфор на еден нуклеозид.
Едвард Бухнер.

Биохемијата е меѓудисциплинарна наука (гранка) на биологијата и хемијата чиј предмет на изучувањето се хемиските процеси и хемиските претворби кои се случуваат во живите организми.

Биохемијата е наука за структурата и функцијата на клеточните компоненти, како протеините, јаглехидратите, липидите, нуклеинските киселини и други биомолекули.

Иако постои голем број на биомолекули, тие сепак се изградени од истите повторувачки подединици (наречени мономери) поредени во различен редослед. Секоја класа на биомолекули има различен сет на подединици. Од неодамна, биохемијата е фокусирана на хемијата на ензимски катализираните реакции, како и на својствата на протеините.

Биохемијата на клеточниот метаболизам и ендокриниот систем се опишуваат многу детално. Други полиња на биохемијата се проучувањето на генетскиот код (ДНК, РНК), протеинската синтеза, транспортот низ клеточната мембрана и пренесувањето на сигналите во организмот.

Историја на биохемијата[уреди]

Првенствено се верувало дека животот не подлежел на законите на науката како неживата природа. Се мислело дека само живите суштества можеле да ги произведат молекулите на животот (од други, претходно постоечки биомолекули) и многу научници биле приврзаници на философијата на витализмот. Тогаш, во 1828 година, Фридрих Велер објавил статија за синтезата на уреа, докажувајќи дека органските соединенија можат да се создадат и по пат на лабораториска синтеза.

Раните почетоци на биохемијата можат да се бараат со откривањето на првиот ензим - диастаза (денес наречен амилаза) во 1833 од страна на Анселм Пајен. Едвард Бухнер ја извел првата демонстрација на комплексен биохемиски процес надвор од клетката во 1896: алкохолна ферментација во клеточни екстракти од квасна габа. Иако терминот "биохемија" изгледа бил за прв пат користен во 1881, општо прифатено е дека формалното именување на биохемијата се случило во 1903 од страна на Карл Нојбер, германски хемичар. Од тогаш биохемијата напреднала, особено во средината на XX век, со развојот на новите техники како хроматографијата, дифракцијата на Х-зраците, NMR спектроскопијата, радиоизотопното именување, електронската микроскопија и симулациите на молекуларната динамика. Овие техники го овозможиле откривањето и деталната анализа на многу молекули и метаболички патишта на клетката, како гликолизата и Кребсовиот циклус (циклус на лимонската киселина).

Денес, откритијата на биохемијата се користат во многу области, од генетиката до молекуларната биологија и од земјоделството до медицината.

Поврзаност на биохемијата со другите молекулско-биолошки науки[уреди]

Истражувањата во биохемијата користат специфични техники, матични за самата биохемија, но тие често се комбинираат со техники и идеи од генетиката, молекуларната биологија и биофизиката. Никогаш не постоела остра граница помеѓу овие дисциплини во смисла на содржина и техники.

  • Биохемијата е наука за хемиските супстанци и витални процеси кои се случуваат во живите организми.
  • Генетиката е наука за ефектот на генетските разлики кај организмите.
  • Молекуларната биологија е наука за молекулската зависност од процесите репликација, транскрипција и транслација на генетскиот материјал. Централната догма на молекуларната биологија каде генетскиот материјал се транскрибира во РНК, а потоа се транслацира во протеин, иако преупростена слика за молекуларната биологија, сè уште овозможува добра стартна точка за разбирање на ова подрачје од биологијата.

Надворешни врски[уреди]