Јазици во Босна и Херцеговина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Босна и Херцеговина Јазици во Босна и Херцеговина Босна и Херцеговина
Официјален јазикбосански, српски и хрватски
Главен странски јазиканглиски, германски, француски, руски, италијански
Знаковен јазикјугословенски знаковен јазик
Демографија на Босна и Херцеговина

Јазиците во Босна и Херцеговина е поим со кој се опфаќаат сите јазици кои се зборуваат на територијата на државата. Босна и Херцеговина е тројазична држава, каде мнозинското население зборува на еден од трите јазика.

Службени јазици[уреди | уреди извор]

На територијата на Босна и Херцеговина службени јазици се босанскиот, српскиот и хрватскиот јазик.[1] Сите три јазици се многу слични и меѓусебно разбирливи на највисоко ниво. Официјални писма се и кирилицата и латиницата.[2] Во Федерацијата Босна и Херцеговина трите јазика се именуваат со своите матични имиња, а во другиот ентитет на Босна и Херцеговина, Република Српска, се именуваат како „јазикот на српскиот народ, јазикот на босанскиот народ и јазикот на хрватскиот народ“.[3] Српскиот и босанскиот рамноправно користат и кирилица и латиница, а хрватскиот само латиница. Сите три јазика се засноваат на штокавското наречје на српскохрватскиот.

Босански јазик[уреди | уреди извор]

Босанскиот, или бошњачки, (bosanski, босански) е мајчин јазик на Бошњаците и еден од трите официјални јазика на Босна и Херцеговина. Јазикот, покрај во Босна, се зборува и во Србија (Санџак), Црна Гора, и во помал број во Косово, Македонија и во бошњачката дијаспора. Јазикот рамноправно користи и кирилица и латиница, иако втората е почесто користена. Јазикот, според поголем број јазичари, се смета за една од стандардните норми на српскохрватскиот јазик. Јазикот во БиХ го зборуваат најмногу до 2 милиони луѓе (според проценките), бидејќи нема попис со кој точно би се определил бројот на говорници во БиХ.

Српски јазик[уреди | уреди извор]

Српскиот јазик (srpski, српски) е мајчин јазик на Србите и еден од трите официјални јазика во БиХ. Во БиХ се проценува дека до 35% од населението зборува на српски (не е точна бројка, проценка е, бидејќи нема попис). Покрај во БиХ, јазикот е службен и во Србија, каде е национален јазик, на Косово, а се зборува и во Црна Гора, Хрватска, Македонија и останатите делови каде српскиот е малцински јазик. Српскиот рамноправно се пишува и на кирилица и на латиница. Јазикот, според поголем број јазичари, се смета за една од стандардните норми на српскохрватскиот јазик.

Хрватски јазик[уреди | уреди извор]

Хрватскиот јазик е мајчин јазик на Хрватите и еден од трите официјални јазика во БиХ. Покрај во БиХ, хрватскиот е национален и службен јазик во Хрватска. Покрај во овие две земји, јазикот се зборува и во Србија (Срем), Црна Гора, Словенија, и во делови од Унгарија. Во БиХ се проценува дека јазикот го зборуваат до 17% од населението (нема точни бројки, бидејќи нема попис во БиХ). Јазикот, според поголем број јазичари, се смета за една од стандардните норми на српскохрватскиот јазик.

Останати јазици[уреди | уреди извор]

Малубројните малцински групи во БиХ зборуваат на своите јазици, меѓу кои застапени се ромскиот, албанскиот, македонскиот и други.

Странски јазици[уреди | уреди извор]

Главни странски јазици кои се изучуваат во државата се англискиот, германскиот и францускиот. Најзборуван меѓу нив е англискиот.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. За Босна и Херцеговина Архивирано на 11 јули 2012 г., bhas.ba
  2. "Босна и Херцеговина - Политика за употреба на јазик и писмo во агенцијата за државни служби Пристапено 19.08.20.
  3. „Decision on Constitutional Amendments in Republika Srpska“. Архивирано од изворникот на 2018-12-25. Посетено на 2013-12-01.

Поврзано[уреди | уреди извор]