Росов Остров

Координати: 77°30′S 168°00′E / 77.500° ЈГШ; 168.000° ИГД / -77.500; 168.000
Од Википедија — слободната енциклопедија
Росов Остров
Ross Island
Карта на Росовиот Остров
Географија
МестоАнтарктик
Координати77°30′S 168°00′E / 77.500° ЈГШ; 168.000° ИГД / -77.500; 168.000
АрхипелагРосов Архипелаг
Површина2.460 км2
Највисоко издигнување3.794 м
Највисока точкаЕребус
Управување
нема
Под управа согласно Антарктичкиот договор
Демографија
Населениелете: 1000; зиме: 140
Јужниот крај на Росовиот Остров.

Росов Остров (англиски: Ross Island) — остров близу Антарктикот, сочинет од четири вулкани во Росовото Море крај брегот на Викториината Земја на заливот Мекмердо. Сместен е на подрачјето на Росовата Зависност, територија на Нов Зеланд.

Откривање[уреди | уреди извор]

Островот е откриен во 1840 г. од британскиот истражувач Џејмс Кларк Рос и подоцна наречен по него по иницијатива на Роберт Ф. Скот.

Росовиот Остров послужил како база за голем број рани експедиции на Антарктикот поради неговата положба како најјужен остров достапен за бродови. Сè уште стојат колибите на Скот и Ернест Шеклтон направени во нивните експедиции и подоцна запазени како историско наследство.

Денес на островот е сместена новозеландската база „Скот“ и американската антарктичка станица „Мекмердо“ — најголема населба на континентот. Од 1987 до 1992 г. работела и станица на меѓународната организација „Гринпис“ наречена „База на Светскиот парк“.

Географија[уреди | уреди извор]

Поради трајното присуство на ледената покривка, островот понекогаш се смета за дел од антарктичкото копно. Зафаќа површина од 2.460 км2, од кои само мал дел не се покриени со мраз и снег.

На Росовиот Остров се наоѓа најјужниот активен вулкан на светот — Еребус (3.794 м), како и забележителниот заспан вулкан Терор (3.230 м). Наречени се по бродовите „Еребус“ и „Терор“ од страна на капетанот Џејмс К. Рос. Трет по висина е вулканот Бед, на чии падини се ледниците Шел и Ендевор Пиемонт. Меѓу Еребус и Берд е врвот Ебот. Во источниот дел на островот се купите Гембл и Кајл.[1] Врвот Биби е 4,4 км (2,4 М) на исток-североисток од Берд.

Наспроти скромната големина, островот го зазема шестото место по висина во светот и првото на Антарктикот. Има најголема просечна висина од сите острови на планетата.

Знаменитости[уреди | уреди извор]

Местата на Росовиот Остров и околината се претежно наречени по разни истражно-геодетски групи кои ги извршиле првите картографски работи на ова подрачје.

Најзначајна знаменитост е планината Еребус. Од неговите долни падини во југозападен правец се издава полуостровот Хат Поинт на кој се сместени станицата „Мекмердо“ и базата „Скот“. Од западните падини се издава Барновиот Ледник. Северно од Терор се Кинлеовите Нунатаци.

Најисточната точка на островот е ’ртот Крозје. На западниот крај е карпестиот ’ртот Еванс, кој ја образува северната страна на заливот Еребус.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. LeMasurier, W. E.; Thomson, J. W., уред. (1990). Volcanoes of the Antarctic Plate and Southern Oceans. American Geophysical Union. стр. 512. ISBN 0-87590-172-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]