Маркабри

Од Википедија — слободната енциклопедија
Маркабри во песнарка од XIII век (MS cod. fr. 12473)

Маркабри или Маркабрин (окситански: Marcabrun; т. 1130-1150) — еден од првите трубадури чии песни се познати до денес. За неговиот живот не се познати сосем сигурни информации. Двата животописа („види“) во прилог на песните раскауваат поинакви случки, и обете се всушност толковно изведени од неговите песни.[1]

Според пократкиот животопис,[2] Маркабри е роден во бедно семејство во Гаскоња. Пишувал лоши песни и сатири, и имал негативни ставови за жените и љубовта. Се претпоставува дека ова е толкување на песната 293,18.[3]

Според подолгиот животопис,[4] како доенче бил оставен пред портите на некој богаташ и никој не знаел чиј е. Како дете израснал со велможата Алдрик Виларски, а стихотворењето го научил од трубадурот Серкамон. Прво го зел прекарот „Пан-перди“, за потоа да го смени во „Маркабри“. Се прочул со своето творештво, но зборувал лошо за гасконските големци, кои на крај го погубиле. Ова изгледа е изведено од песните 16b,1 и 293,43 и извесни претпоставки. Современите стручњаци не прифаќаат дека го познавал Серкамон.

На Маркабру му се припишуваат 45 песни, кои се одликуваат со значителна ученост и тежина, безмилосно напаѓајќи го моралното поведение на велможите и нивните жени, напати со многу непристојни стихови. Се испробувал во лирскиот жанр „пасторела“, со чија помош укажувал на залудноста на страстите. Во една песна раскажува како го одбила некоја овчарка поради сталежната припадност. Во друга, кажува како се обидувал да заведе некоја жена чиј сопруг бил во крстоносен поход, и наишол на силен отпор. Имал силно влијание врз подоцнежните поети што го усвоиле малку познатиот затворен или темен стил (трубар клус). Меѓу неговите покровители бил аквитанскиот војвода Гијом X и леонскиот крал Алфонсо VII. Можно е да бил во свитата на тулускиот гроф Алфонс Јордан при посетата на Шпанија. Во 1140-тите дејствувал како пропагандист за воено-политичкото движење „реконквиста“. Во славната песна „Мир во име Божје!“ (Pax in nomine Domini!), Шпанија ја нарекува „мивалиште“ за витезите што треба да си ги прочистат душите по борбата со клетите неверници.[5]

Денес се останати четири монофонични напеви за придружба на Маркабриевите стихови, како и три мелодии од песни што веројатно се контрафактури на негови дела.[6]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Текстови во Biographies des troubadours уред. J. Boutière, A.-H. Schutz. Paris: Nizet, 1964.
  2. MS. BNF 12473 Marcabrun
  3. A. Pillet, H. Carstens, Bibliographie des Troubadours (Schriften der Königsberger Gelehrten Gesellschaft: Sonderreihe, 3). Halle, 1933.
  4. MS. Vat. Lat. 5232 Marcabru
  5. Barton, 147.
  6. Hoppin, Richard H. Medieval Music. Norton, 1978, стр. 270.
  • Barton, Simon. The Aristocracy in Twelfth-Century León and Castile. Cambridge: Cambridge University Press, 1997. ISBN 0-521-49727-2.
  • Gaunt, Simon. Troubadours and Irony. Cambridge: Cambridge University Press, 1989. ISBN 0-521-35439-0.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]