Прејди на содржината

Златко Жоглев

Непроверена
Од Википедија — слободната енциклопедија
Златко Жоглев, сликан додека бил ректор на Универзитетот „Климент Охридски“ - Битола.

Златко Жоглев (6 ноември,1959, Битола),  е доктор по социолошки науки (1996.). Од 2002 година е избран, а во 2007 година е реизбран, за редовен професор на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола (УКЛО). Во два мандатни периоди (2007-2011 г. и од 2011-2015 г.) бил Ректор на  Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола.

Досега му се објавени 4 универзитетски учебници, 3 учебни помагала (скрипти) и 7 книги. Како автор и/или коавтор има свои текстови во 7 монографии на македонски, 2 на англиски и 2 на германски јазик. Од 1983 година до 2020 година, тој објавил повеќе од 200 научни, стручни и  научно-популарни трудови во домашни и меѓународни списанија.

Учествувал на преку 100 меѓународни научни конференции, конгреси и симпозиуми, а на некои од нив имал и воведни обраќања. Држел предавања на додипломски, постдипломски и докторски студии во земјата и во странство, како визитинг професор.

Бил на стручно усовршување на Педагошкиот универзитет при Универзитетот во Бирмингем (Англија) и на студиски посети во Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Јапонија, САД, Турција, Франција, Холандија, Хрватска, Чешка и др.

Течно зборува англиски и француски јазик, како и српско-хрватски – бошњачки-црногорски јазик. Се служи со албански, бугарски, грчки, руски и словенечки јазик.

Добитник е на многу награди и признанија. Тој двапати ја има добиено наградата на градот Битола „4-ти Ноември“, еднаш индивидуално (за книгата „Компјутеризација и општество“, 1997.) и втор пат како дел од тимот и коавтор (за книгата во три тома „Печатење и издаваштво во Битола“, 1999.).

Објавил повеќе од 100 статии (есеи и кратки текстови) во локални, регионални и национални списанија и весници. Тој е и литературен критичар и има напишано повеќе од сто рецензии, осврти и критики на книги од познати автори. Преведува поезија и проза од српски, бугарски, руски, англиски и француски јазик.

Тој е еден е од иницијаторите и основачите на Универзитетскиот книжевен клуб „Дениција“ – Битола (заедно со проф. д-р Гордана Стојаноска и проф.д-р Даниела Андоновска-Трајковска), со кој двапати учествуваше на битолското културно лето „БИТФЕСТ“.

Проф.д-р Златко Жоглев е член на Здружението на социолози на Македонија, Македонското научно друштво (МНД) – Битола, Српската академија за образование (САО) – Белград, Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и Битолскиот книжевен круг (БКК).

Член е на многу научни и стручни здруженија и бил учесник на многу конференции, симпозиуми, семинари во земјата и странство.

Поезија пишува повеќе од 40 години и има напишано преку 400 песни. Во коавторство со Гордана Стојаноска и Даниела Андоновска-Трајковска, во издание на „Матица Македонска”, во 2014 година излезе од печат поетската книга „Збор за зборот”. Негови песни и раскази, се објавувани во повеќе списанија и зборници. Се занимава и со литературна критика и има напишано повеќе од стотина рецензии, осврти и прикази на книги од наши познати автори.

Во 2018 година во издание на „Матица македонска“ му е објавена книгата „Сенката на добриот човек: кратки поучни приказни“.

Преку Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик при Педагошкиот факултет – Битола, во 2019 година  му се објавени три песнарки-боенки за деца („Снаодливото јаренце“, „Мечката и штркот“ и „Зајко Бајко и кучето Трајко“).

Член е на редакцијата на списанието „Современи дијалози“ (Македонско научно друштво, Битола).