Прејди на содржината

Даурска ластовичка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Даурска ластовичка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Ластовици
Род: Cecropis
Вид: Даурска ластовичка
Научен назив
Cecropis daurica
(Laxmann, 1769)
Синоними

Hirundo daurica

Даурската ластовичка (науч. Cecropis daurica) е мала врапчевидна птица од семејството на ластовиците. Се размножува во отворените планински предели низ умерена јужна Европа и Азија, од Португалија и Шпанија, до Јапонија и Индија, а на југ до тропска Африка. Ја има и во Македонија. Индиските и африканските птици се постојани жители, но европските и азиските се птици преселници кои зимуваат во Африка или Индија, а може да заскитаат до северна Австралија.

Даурската ластовичка по многу нешта е слична на останатите воздушни инсектојадни птици, како што се сродните ластовици од нејзиното семејство и неповрзаните, но слични пиштарки (Apodiformes), малата и големата пиштарка. Одозгора, тие се темносини, а одоздола посветли.

Слични се на селската ластовичка, но се потемни одоздола и имаат црвеникав лик, околувратник и задник. Им недостасува дамката на градите, но под опашката се црни. Брзи летачи се и инсектите ги ловат во лет. Имаат широки, но зашилени крилја.

Градат гнезда во облик на четвртина сфера, со тунел во влезот кој го прават од кал што ја собираат со својот клун и несат 3-6 јајца. Вообичаено гнездат под издадените делови на карпите во нивните планински домови, но лесно се прилагодуваат во урбаните средини каде ги градат гнездата под мостовите или слични соодветни места.

Кога се размножуваат не создаваат големи колонии, но дружељубиви се вон сезоната на парење. Стотици птици може да се видат низ рамнините на Индија.

Распространетост

[уреди | уреди извор]

Даурската ластовичка се размножува низ јужна Европа и Азија, на исток до јужен Сибир и Јапонија. Овие птици се преселници кои зимуваат во северна и јужна Африка. Популациите кои живеат во Африка, од Етиопија до Танзанија, како и оние во Индија и Шри Ланка, се постојани жители, но може да извршат сезонски преселби. Овој вид често се случува да заскита надвор од својот опсег.[2]

Поведение

[уреди | уреди извор]

Живеалиштето на даурската ластовичка се пасишатата, каде ги ловат инсектите. Понекогаш ги начекуваат палежите на тревите кои ги гонат инсектите во воздух.[3]

Размножување

[уреди | уреди извор]
Собирајќи кал за градење гнездо
Cecropis daurica - Јајцa

Даурската ластовичка своето гнездо го гради така што, прво прави отворена чашка, потоа ја затвора и на крајот го гради влезот во вид на тунел. Се претпоставува дека развојот на затворено гнездо го намалил натпреварот меѓу мажјаците за копулација со женките. Бидејќи размножувањето се случува надвор од гнездото, тешкотијата да се влезе во гнездото значи дека останатите мажјаци се исклучени.[4]

Даурската ластовичка има многу широка распространетост и популација со милиони. Не е познато дека бројот им се намалува, па затоа спаѓаат во вид со најмала загриженост.[1]

Европската популација има од 100.000 до 430.000 возрасни парови или од 300.000 до 1.290.000 единки.[1]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 1,2 „Red-rumped Swallow Hirundo daurica BirdLife species factsheet“. BirdLife International. Retrieved 3 January 2010
  2. Turner (1989) pp. 201–204
  3. Phillips,WWA (1953). „A grass-fire association of the Ceylon Swallow Hirundo daurica hyperythra“. Ibis. 95 (1): 142.
  4. Winkler, David W; Sheldon, Frederick H (1993). „Evolution of nest construction in swallows (Hirundinidae): a molecular phylogenetic perspective“ (PDF). Proceedings of the National Academy of Sciences USA. 90 (12): 5705–5707. doi:10.1073/pnas.90.12.5705. PMC 46790. PMID 8516319. Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-02-24. Посетено на 2013-07-30.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]