Шпански фолклор

Од Википедија — слободната енциклопедија

Во Шпанија, како што е случај со сите други народи, фолклорот е составен дел на културниот идентитет. Шпанија имала богата и турбулентна историја низ вековите. Шпанскиот фолклор, митовите и легенди се однесуваат на митовите на оние култури кои постојат во земјата. Во фолклорот на Шпанија е вклучен оној на Галите, Астурците, Кантабријците, Каталонците и Баскијците. Во фолклорот се вклучени и приказните од митологијата на Келтите, Иберите, Картагинците, Визиготите, Маврите од Шпанија, па и легенди од римската и старогрчката митологија.

Танцор сардана, прикажан на керамички плочки

Танци[уреди | уреди извор]

Историја[уреди | уреди извор]

Танцот како форма на комуникација и личен израз постои уште од најдалечното минато. Во минатото имало ритуални танци за одбележување на битките и другите теми поврзани со војната, а со вековите подоцна, во средниот век, биле препознатливи и структурирани ритуални танци на религиозни теми. Во 15 век се забележува разлика меѓу жанровите. Сериозните танци застареле а популарноста на среќните и послободни танци се зголемила. Со ренесансата, популарното и народното танцување продолжило да прави големи чекори во историјата на шпанскиот танц и добива меѓународно признание. Регионалните танци и сами се развиваат и се мешаат со други танци од кои се родиле нови. Толку биле популарни што се случувало во еден регион (Каталонија) да постојат дури 200 регионални танци[1].

За време на барокниот период, ромска популација дошла на Пиринејскиот Полуостров и растечката популарност на ромската музика и танц, фламенко, ја одбележала историјата на шпанскиот танц. Денес фламенкото е национална и меѓународна сензација. Во текот на 20 век, диктаторот Франциско Франко забранил многу работи на регионално ниво, вклучувајќи го танцот, музиката и регионалните јазици.[1]

Сарџент Џон Сингер Шпанска танчерка

Традиционални шпански танци[уреди | уреди извор]

Јота Арагонеса. Овој типичен танц доаѓа од северниот дел на Шпанија, Арагон, и има брз темпо, се игра со рацете подигнати високо над главаѕт и со кастанети. Веројатно има мавритански влијанија, бидејќи му се припишува на мавритански поет исфрлен од Валенсија во 12 век.

Сардана: традиционален танц од Каталонија.

Муњеира: се танцува во двојки со музиката на гајда. Овој традиционален е типичен за Галисија и Астурија.

Замбра: мавритански танц кој влегол во шпанската трандиција.

Болеро: Еден од најстарите и најтрадиционалните шпански танци, болерото е брз шпански танц со ненадејни паузи и остри вртења.

Фанданго: Еден од најпознатите танци на Шпанија. Фандангото е жив, весел шпански танц во двојка.

Фламенко: Страстен танц, фламенкото е меѓународно познат танц.

Севиљана: Жив и радосен танц типичен за Севиља и потсетува на фламенко.

Митови, легенди и фолклор[уреди | уреди извор]

Слика на Франциско Гоја: Апото ќе дојде. (шпански: Que viene el Coco)

Ел Коко[уреди | уреди извор]

Раскажувањето приказни за плашење мали деца е дел од навиките на луѓето во цел свет. Тоа се приказни за страшила, за апото и за секакви страшни суштества кои грабнуваат деца доколку се непослушни. Во Шпанија, Ел Коко (или Куко) е чудовишно суштество кое јаде или грабнува деца. Приказна се наоѓа и во приспивните песни и многу родители ја користат за да ги натераат децата да спијат.

"Duermete niño, duermete ya, que viene el Coco y te comerá.”

"Спиј дете, спиј сега, или апото ќе дојде и ќе те изеде."

Согласно шпанската легенда, Франциско Ортега, наречен ел Моруно, бил човек болен од туберкулоза на почетокот на 20 век. Тој очајно барал лек за болеста и отишол кај некоја надрилекарка. Таа му рекла дека ќе оздрави ако пие крв од деца и ако со нивната маст си ги мачка градите. Затоа, ел Моруно го грабнал 7-годишното момче Бернардо, и му ја испил крвта. Ел Куко е познат по тоа што оди навечер по улиците со црна вреќа, барајќи ги оние деца кои талкаат по улиците и лошо се однесуваат.”[2]

Ратончито Перес (Глушецот Перес)[уреди | уреди извор]

Комеморативната плоча на глувчето Перес во Мадрид

Во 1894, на Луис Коломо му рекле да напише приказна за младиот крал Алфонсо XIII, кој штотуку го извадил забот. Коломо, инспириран од глушецот Ратон Перес кој како лик се појавил неколку години претходно, го создал Ротончито Перес, глушецот кој живее во кутија за колачи со своето семејство во Мадрид и трча по цевките за да стигне до спалната соба на децата кои ги губат нивните заби. Перес е шпанска верзија на забната самовила и е многу популарен кај народот. Приказната подоцна била адаптирана за книга и за филм. Градскиот совет на Мадрид му одал чест на Ротончито Перес со комеморативна плоча на која пишува[3]:

Тука живееше во кутија за колачи, Ротончито Перес, според приказната што ја напишал чичко Колома за малечкиот крал Алфонсо XIII.

Легендата за Свети Ѓорѓи[уреди | уреди извор]

Ова е една од најпопуларните каталонски легенди кои сè уште се слават, особено во Барселона.

Легендата вели дека во Монтбланк живеел змеј, кој ги тероризирал селаните и ги јадел нивните животни. Откако ги изел животните, змејот својот бес го насочил кон луѓето. Селаните одлучиле секој ден да му жртвуваат по еден на змејот. Но еднаш, за несреќа била избрана принцезата. Луѓето се понудиле да се жртвуваат наместо неа но кралот не сакал да дозволи некој да го жртвува животот за неговата ќерка. Принцезата му била испратена на змејот, и кога тој сакал да ја проголта, се појавил витез со сјаен оклоп и се борел со суштеството. Во битката тој го убил змејот со копје. На местото каде се пролила крвта изникнала црвена роза, којашто витезот ја набрал и ѝ ја дал на принцезата. Витезот се викал Свети Ѓорѓи.

За да се одбележи овој настан,секоја година на 23 април се одржува голема прослава на улиците на Барселона а мажите даваат рози на жената што ја сакаат.

Љубовниците Теруел[уреди | уреди извор]

Гробот на љубовниците од Теруел

Легендата за љубовниците Теруел датира од 13 век, кога Изабела и Диего, кои потекнувале од богати семејства, се заљубиле и сакале да стапат во брак. Сепак, несреќните настани предизвикале семејството на Диего да ги изгуби парите, а таткото на Изабела не давал неговата ќерка да се омажи за него. Диего заминал да го направи своето богатство и да се врати да се ожени со Изабела. Не се вратил пет години, а таткото на Изабела ја оженил за некој друг. Веднаш по свадбената церемонија, Диего се вратил во градот со многу богатство. Срцето му се скршило кога ја видел љубената омажена за друг. Вечерта скришно влегол во нејзината соба и ја замолил да го бакне, како да умира. Изабела одбила, бидејќи не сакајќи да го мами сопругот. Диего умрел до нејзиниот кревет. Следниот таа во свадбениот фустан отишла на неговиот погреб, го бакнала за последен пат и умрела веднаш до неговото тело. Селаните одлучиле да ги погребаат еден до друг близу црквата Сен Педро. До денес, градот во февруари ја слави нивната љубов и ја раскажува нивната приказна на разни начини.

Скулптура на дуенде

Дуенде[уреди | уреди извор]

Дуенде е добро познат во Шпанија и низ цела Латинска Америка, и секоја земја има свое толкување на овие гноми или суштества налик на виленик. Во 16 век, во Шпанија имало дури и закон кој велел дека секој оној кој во домот е нападнат со дуенде може да го напушти.[4] Верувањето во дуенде варира од регион во регион. Некои веруваат дека тие суштества се детски души кои умреле пред да бидат крстени, други ги отсликуваат како зли, лоши духови кои го опседнуваат домот.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Легендите за: Колумбо Магелан

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „History of Spanish Dance - Spanish Culture“. www.enforex.com (англиски). Посетено на 2017-11-08.
  2. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2017-07-18. Посетено на 2017-11-08.
  3. „Europe Diaries: Myths, legends and folklore from Spain“ (англиски). Архивирано од изворникот на 2017-07-18. Посетено на 2017-11-08.
  4. „13 Terrifying, Spooky, and Awesome Latino Monsters & Legends“. Remezcla (англиски). Посетено на 2017-11-08.