Прејди на содржината

Шибалково семе

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Шибалково семе“ е расказ на рускиот и советскиот писател Михаил Шолохов од 1925 година. Расказот е објавен на македонски јазик, во превод на Цветко Мартиновски, како дел од збирката „Донски раскази“, објавена во 1965 година од издавачката куќа Култура.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Јаков Шибалок е митралезец во Црвената армија. Носејќи го на раце својот малечок син дури 40 километри, тој доаѓа во еден детски дом, каде го предава детето на чување. Бидејќи управителката на домот не сака да го прими детето, тој ѝ ја раскажува својата лична приказна:

По долината на Дон, неговиот ескадрон ја гонел бандата на Игнатјев. Еден ден, војниците здогледале на патот жена, гола, речиси безживотна. Таа им кажала дека ја силувале Козаците, а потоа ја фрлиле на патот. Јаков се сожалил на жената (Дарја) и ги замолил своите другари да ја задржат во одредот, иако тие се противеле на тоа. Најпрвин, таа им помагала на борците, извршувајќи разни „женски“ работи, а потоа дури станала и возач на митралеската кола. Со текот на времето, Јаков и Дарја се зближиле и таа останала бремена. Еднаш, борејќи се против козачките банди, одредот на Јаков останал без муниција, но војниците го криеле тоа. Сепак, утредента, се случило предавство, бидејќи некој им кажал на Козаците дека црвеноармејците немаат повеќе куршуми. Така, одредот на Јаков бил опколен и половина од борците на одредот биле убиени. Утредента, остатокот на одредот се прибрал во една шума, а Дарја добила породилни болки. Затоа, таа се тргнала настрана во шумата и започнала да се пораѓа, а Јаков бдеел над неа. За време на пораѓањето, Дарја му признала на Јаков дека таа го извршила предавството и дека ја измислила приказната за силувањето. Исто така, таа признала дека му била љубовница на Игнатјев и дека Козаците ја испратиле како шпион во одредот на Јаков. Јаков им раскажал на другарите за признанието на Дарја, а тие му наредиле да ја убие, заедно со бебето. Сепак, по неговото упорно молење, тие му дозволиле да го задржи бебето, а потоа, тој ја убил Дарја. Во тоа време, во ескадронот се ождребила една кобила, а војниците го убиле ждребето за да може бебето да цица од кобилата. Така, некое време, Јаков се грижел за бебето, а кога наполнило повеќе од една година, го зел и го донел во детскиот дом.[1]

  1. „Шибалково семе“ во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 18-24.