Хагиографија

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Хагиограф)
Страна на Свети Мартин Турски од Сулпициj Север

Хагиографија[1][2] или житие[3][4]животопис за светците. Овој жанр се јавува во врска со продорот на христијанската религија во времето кога таа била забранета. Првите книжевни описи на жртвуваните маченици за христијанската вера биле документирани во зборниците познати под наслов: Acta martyrum. Хагиографијата се однесува на записите за светите личности и на биографиите на еклестичните и на секуларните водачи, канонизирани од христијанската црква. Наспроти тоа, хагиологијата, за контраст, е студија на светците колективно, без да се фокусира на животот на еден поединечен светец.

Хагиографиите се делат на општохристијански и локални. Од општохристијанските, во Македонија, позначајни се хагиографиите посветени на Свети Алексеј Чудотворецот, Свети Ѓорѓи Кападокиски, Свети Димитрија, Свети Павле, Свети Еразмо Охридски. Од локалните хагиографии, пак, најпознати се Панонските легенди и опширните житија за браќата Свети Кирил и Методиј.

Одлики на хагиографијата[уреди | уреди извор]

Хагиографијата била особено застапена во меровиншкиот период, но била популарна низ целиот среден век.

Најчесто, хагиографијата претставувала т.н. мал книжевен облик со едноставна содржина, напишана со прост јазик. Пообемните житија, вообичаено, биле разделувани на помали заокружени фрагменти, кои можеле да се користат посебно, независно еден од друг. Најчесто, централната тема во житијата се чудата што ги направил некој светец при што нивните описи, по правило, едноставно се наредени еден по друг. Во таа смисла, Д. С. Лихачов зборува за „анфиладниот принцип“ во создавањето на овие дела, зашто во описот на животот на светецот не се случува никаков развој на неговата личност, туку неговата светост се искажува од самиот почеток на животот, често уште во детството, а некогаш била претскажана и пред неговото раѓање. Исто така, приказната за чудата на светецот не се прекинува со неговата смрт, туку напротив, во бројни случаи, се множат неговите чуда.[5]

Иако претставуваат еден вид биографии и содржат историски материјал, описите во хагиографиите не мора да бидат наведени по строго хронолошки редослед, ниту пак да бидат усогласени со одредени временски периоди. На пример, во житието речиси никогаш не се става годината или месецот на раѓањето и на смртта на светецот, иако често се наведува денот во неделата (па дури и часот) или црковниот празник со кој се совпаѓа неговата смрт. Исто така, хагиографот е незаинтересиран и за другите дати од животот на светецот, водејќи се од начелото дека светецот е надвор од времето и дека ѝ припаѓа на вечноста, па затоа е врзан само за времето на литургискиот циклус. Друга одлика на хагиографијата е оцената на причинско-последичните врски: во прикажувањето на постапките и чудата на светците не се бара каузална мотивираност, зашто чудото е само по себе акаузално и претставува нарушување на земската причинско-последователна врска.[6]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]