Универзална декларација за човековите права

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Универзална декларација за човековите права
Елеонор Рузвелт како ја држи шпанската верзија на декларацијата
Елеонор Рузвелт како ја држи шпанската верзија на декларацијата
Создаден 1948
' 10 декември 1948
Место дворец Шајо, Париз
Автор(и) Џ.П. Хамфри (Канада), Р. Касен (Франција), П.Ч. Чанг (Кина), Ч. Малик (Либан), Е. Рузвелт (САД) и други
Намена човекови права

Универзална декларација за човекови права (УДХР)декларација донесена од Генералното собрание на Обединетите нации на 10 декември 1948 г. во дворецот Шајо, Париз. Декларацијата произлезе директно од искуството од Втората светска војна и го претставува првото глобално изразување на права на коишто, по својата природа имаат право сите човечки суштества. Декларацијата се состои од 30 члена коишто се елаборирани во подоцнежни меѓународни договори, регионални инструменти за човекови права, национални устави и закони. Меѓународната повелба за човекови права се состои од Универзалната декларација за човекови права, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и неговите два Факултативни протоколи. Во 1966 година, Генералното собрание донесе два детални пакта коишто ја комплетираат Меѓународната повелба за човекови права и во 1976 година, откако двата пакта беа ратификувани од доволен број поединечни држави, Повелбата стана меѓународен закон.

Историја[уреди | уреди извор]

Претходници[уреди | уреди извор]

За време на Втората светска војна сојузниците ги донесоа четирите слободи: слобода на говор, слобода на здружување, слобода од страв и слобода од сиромаштија како нивни основни воени цели. Повелбата на Обединетите нации „ја потврди вербата во основните човекови права, достоинството и вредноста на човекот“ и ги обврза сите земји-членки да промовираат „универзална почит и придржување кон човековите права и основните слободи на сите луѓе без разлика на расата, полот, јазикот или религијата“.

Кога по Втората светска војна стана јасно ѕверството што го изврши нацистичка Германија, во рамките на светската заедница се дојде до консензус дека Повелбата на Обединетите нации не ги дефинира доволно правата на коишто се однесува. Беше потребна универзална декларација којашто ќе ги прецизира правата на поединците за да станат валидни одредбите за човековите права од Повелбата.

Подготвување на нацрт-декларацијата[уреди | уреди извор]

Генералниот секретар на Обединетите нации го повика Канаѓанецот Џон Питерс Хамфри да работи на проектот и така тој стана главниот изготвувач на Декларацијата. Во тоа време, Хамфри штотуку беше назначен за директор на Одделението за човекови права при Секретаријатот на Обединетите нации. Комисијата за човекови права којашто е постојано тело на Обединетите нации беше формирана за да ја преземе работата за подготвување на она што беше првично замислено како Меѓународна повелба за човекови права. Членството на Комисијата беше направено така што широко да ја претставува глобалната заедница, вклучувајќи претставници од следните земји: Австралија, Белгија, Советската Социјалистичка Република Белорусија, Чиле, Кина, Египет, Франција, Индија, Иран, Либан, Панама, Филипини, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Сојузот на Советските Социјалистички Републики, Уругвај и Југославија. Меѓу другите, добро познати членови на Комисијата, беа дел и Еленор Рузвелт од Соединетите Американски Држави којашто беше претседател, Жак Маритен и Рене Касен од Франција, Чарлс Малик од Либан и П. Ц. Чанг од Кина. Хамфри ја даде првичната нацрт-декларација којашто стана работен текст на Комисијата.

Според „Глобализирање на семејните вредности“ (Globalizing Family Values), фразите коишто го поддржуваат традиционалното семејство, а се присутни во Декларацијата се резултат на влијанието коешто го имало христијанско-демократското движење врз Касен и Малик.

Донесување[уреди | уреди извор]

На 10 декември 1948 година, Генералното собрание ја донесе Универзалната декларација којашто беше изгласана со 48 гласа за, а ниту еден против и 8 воздржани (воздржани беа сите држави од Советскиот блок: Белорусија, Чехословачка, Полска, Украина и Сојузот на Советските Социјалистички Републики, потоа Југославија, Јужна Африка и Саудиска Арабија).

Следниве земји гласаа за Декларацијата: Авганистан, Аргентина, Австралија, Белгија, Боливија, Бразил, Бурма, Канада, Чиле, Кина, Колумбија, Костарика, Куба, Данска, Доминиканската Република, Еквадор, Египет, Ел Салвадор, Етиопија, Франција, Грција, Гватемала, Хаити, Исланд, Индија, Иран, Ирак, Либан, Либерија, Луксембург, Мексико, Холандија, Нов Зеланд, Никарагва, Норвешка, Пакистан, Панама, Парагвај, Перу, Филипините, Тајланд, Шведска, Сирија, Турција, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Уругвај и Венецуела.

Во почетокот, канадската влада беше воздржана од гласање за донесување на Декларацијата и покрај главната улога којашто ја имаше Канаѓанецот Џон Хамфри, но подоцна во Генералното собрание, Владата гласаше во корист на финалната верзија.

Структура[уреди | уреди извор]

Основната структура на Универзалната декларација беше воведена во вториот нацрт на Декларацијата којшто го изготви Рене Касен. Касен работеше врз основа на првиот нацрт којшто го изготви Џон Петерс Хамфри. Во Структурата беше присутно влијанието на Наполеоновиот законик, вклучувајќи и преамбула и општи воведни начела. Касен ја споредуваше Декларацијата со портикото на грчки храм составен од темел, скали, четири столба и педимент. Член 1 и 2 се основните блокови со нивните начела на достоинство, слобода, рамноправност и братство.

Седумте ставови од преамбулата во коишто се наведени причините за Декларацијата се претставени со скалите.

Главниот текст на Декларацијата ги претставува четирите столба. Првиот столб го сочинуваат правата на поединецот, како што се правото на живот и забрана на ропство, односно членовите 3-11. Вториот столб, односно членовите 12-17 е составен од правата на поединецот во граѓанското и политичкото општество. Третиот столб, односно членовите 18-21 се однесуваат на духовните, јавните и политичките слободи како што се слободата на вероисповед и слободата на здружување. Во четвртиот столб, односно членовите 22-27 се утврдени социјалните, економските и културните права.

Во моделот на Касен последните три члена од Декларацијата го сочинуваат педиментот којшто ја врзува структурата. Овие членови се однесуваат на должноста на поединецот кон општеството и забраната за користење на правата за прекршувања на целите на Обединетите нации.

Преамбула[уреди | уреди извор]

Универзалната декларација започнува со преамбула, составена од седум ставови и е проследена со изјава којашто ја „прогласува“ Декларацијата.

Во секој од ставовите е наведена причина за донесувањето на Декларацијата. Во првиот став, се тврди дека признавањето на човековиот дигнитет на сите луѓе е темел на правдата и мирот во светот. Во вториот став, се напоменува дека игнорирањето и непочитувањето на човековите права довело до варварски дејствија коишто ја разгневиле совеста на човештвото и дека четирите слободи: слобода на говор, слобода на верување, слобода од сиромаштија и слобода од страв се „прогласени за највисока аспирација на луѓето.“ Во третиот став е наведено дека за да не бидат луѓето принудени да се побунат против тиранијата, човековите права треба да бидат заштитени со владеењето на правото. Четвртиот став ги поврзува човековите права со развојот на пријателски односи меѓу нациите. Петтиот став ја поврзува Декларацијата со Повелбата на Обединетите нации со што се потврдува вербата во основните човекови права, достоинството и вредноста на човекот. Во шестиот став се вели дека сите членови на Обединетите нации се обврзале да остварат промовирање на универзална почит и придржување кон човековите права и основните слободи, во соработка со Обединетите нации. Во седмиот став се напоменува дека за целосно остварување на таа заложба „од огромна важност“ е „заемното разбирање“.

Овие ставови се проследени со „акт за прогласување“ на Декларацијата како „заеднички стандард што треба да се постигне“ за „сите луѓе и сите нации“, за да можат „сите луѓе“ и „сите органи на општеството“ преку учење и образование да промовираат почитување на овие права и слободи и по пат на прогресивни мерки на национално и на меѓународно ниво, да се обезбеди нивно универзално и ефективно признавање и почитување.

Одбележување на меѓународниот ден на човековите права[уреди | уреди извор]

Донесувањето на Универзалната декларација е значајна меѓународна комеморација којашто се одбележува секоја година на 10 декември и е позната како Ден на човековите права или Меѓународен ден на човековите права. Комеморацијата ја одбележуваат поединци, заедници и религиски групи, организации за човекови права, парламенти, влади и Обединетите нации. Често, декадните одбележувања се проследени со кампањи за промовирање на свеста за Декларацијата и за човековите права. Во 2008 година, беше одбележана 60-годишнината којашто беше проследена со активности на тема „Достоинство и правда за сите“, коишто траеја цела година.

Важност и правно дејство[уреди | уреди извор]

Важност[уреди | уреди извор]

Според Гинисовата книга на рекорди УДХР е опишана како „најпреведуван документ“ во светот. Во преамбулата, Владите се обврзуваат себеси и својот народ на прогресивни мерки за да се обезбеди универзално и ефективно признавање и почитување на човековите права коишто се утврдени во Декларацијата. Еленор Рузвелт го поддржуваше донесувањето на УДХР како декларација, наместо како договор затоа што веруваше дека Декларацијата би го имала истото влијание врз глобалното општество како што го имаше Декларацијата за независност во Соединетите Американски Држави. Таа беше во право. Иако, формално, Декларацијата не беше правно обврзувачка, од 1948 година таа беше усвоена во повеќето државни устави или пак во нив беше присутно нејзиното влијание. Исто така, Декларацијата служи како основа за сè повеќе меѓународни договори, државни закони и меѓународни, регионални, национални и субнационални институции коишто ги штитат и промовираат човековите права.

Правно дејство[уреди | уреди извор]

Иако, Декларацијата самата по себе не е договор, таа беше експлицитно донесена за дефинирање на значењето на зборовите „основни слободи“ и „човекови права“ коишто се присутни во Повелбата на Обединетите нации којашто е обврзувачка за сите земји-членки. Токму затоа, Универзалната декларација е основен, суштински документ на Обединетите нации. Исто така, многу меѓународни адвокати веруваат дека Декларацијата е дел од меѓународното обичајно право и дека е моќна алатка при вршење дипломатски и морален притисок врз Владите коишто го прекршуваат кој било член од Декларацијата. На Меѓународната конференција за човекови права на Обединетите нации во 1968 година, беше сугерирано дека Декларацијата „претставува обврска на сите членови на меѓународната заедница“ кон сите луѓе. Декларацијата служи како основа за два обврзувачки пакта за човековите права на Обединетите нации, а тоа се Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, како и начелата од Декларацијата кои се елаборирани во меѓународни договори како што се: Меѓународната конвенција за елиминирање на сите форми на расна дискриминација, Меѓународната конвенција за елиминирање на сите форми на дискриминација на жените, Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации, Конвенцијата против тортура на Обединетите нации и многу други. И понатаму многу влади, професори, поборници, уставни судови и луѓе кои се повикуваат на начелата од Декларацијата за заштита на нивните признати човекови права ѝ оддаваат огромно признание.

Реакции[уреди | уреди извор]

Оддавање признание[уреди | уреди извор]

Многу еминентни личности ѝ оддале признание на Универзалната декларација. Либанецот Чарлс Малик, филозоф и дипломат ја нарече „меѓународен документ од најголема важност“, додека пак на 10 декември 1948 година, Еленор Рузвелт, првата претседателка на Комисијата за човекови права (ЦХР) кој ја изготви Декларацијата изјави:

- Декларацијата може да стане меѓународната Магна Карта на сите луѓе во целиот свет.-

На 5 октомври 1995 година, папата Јован Павле II во својот говор УДХР ја нарече:

- Еден од најголемите изрази на човековата совест на нашето време. –

Исто така, на 10 декември 2003 година, Марчело Спатафора во име на Европската унија изјави:

- Декларацијата ги става човековите права во центарот на рамката на начелата и обврските, притоа формирајќи ги односите во рамките на меѓународната заедница. -

Критики[уреди | уреди извор]

Критики од исламистите[уреди | уреди извор]

Исламските земји како што се Судан, Пакистан, Иран и Саудиска Арабија ја критикуваа Универзалната декларација за човекови права поради тоа што тие сметале дека не ги зема предвид културниот и религискиот контекст на исламските земји. Во 1982 година, иранскиот претставник во Обединетите нации, Саид Раџи Корасани ја искажа позицијата на неговата земја во однос на Универзалната декларација за човекови права, велејќи дека УДХР е „секуларно разбирање на јудејско-христијанската традиција“, коешто муслиманите не можат да го применат без кршење на исламскиот закон.

На 30 јуни 2000 година, муслиманските земји коишто се членки на Организацијата на исламската конференција, официјално одлучија да ја поддржат Каирската декларација за човекови права во исламот, којашто е алтернативен документ каде што се вели дека луѓето „имаат слобода и право на достоинствен живот во согласност со исламскиот закон шеријат“. Меѓутоа, според овој документ не е призната слободата за промена на религијата, изедначувањето на жените со мажите или пак, непристрасност при споредувањето религии.

Критики од либертаријанците[уреди | уреди извор]

Либертаријанците и некои конзервативци веруваат дека позитивните права коишто други луѓе мора да ги обезбедат преку наметливо извлекување, на пример оданочување, ги негираат неотуѓивите права на другите луѓе. Во врска со декларацијата за право на бесплатна здравствена заштита, во член 25, Ендру Бисел, поддржувач на објективизмот рече:

- Здравствената заштита не расте на дрво. Ако тоа право треба да им се даде на одредени луѓе, средствата за обезбедување на тоа право мора да бидат конфискувани од други луѓе... Никој нема да сака да работи во областа на медицината ако наградата за многуте години вредно школување и учење не им се плати чесно, туку наместо тоа добие пациенти коишто сметаат дека имаат право на нечии напори и Влада којшто ги потчинува токму оние умови од коишто зависат животите на пациентите. –

Образование[уреди | уреди извор]

Многу поборници за алтернативното образование, особено за нешколувањето (unschooling) не се согласуваат со член 26 во којшто е пропишано дека „... образованието е задолжително.“ Според филозофиите на Џон Холт како и на други луѓе, самото задолжително образование го прекршува правото еден човек да може мирно да ги следи своите интереси:

- Ниту едно човеково право не е посуштинско од ова, со исклучок на правото на живот. Слободата на учење на еден човек е дел од неговата слобода на мисла, што е поосновно дури и од неговата слобода на говор. Ако некому му го одземеме правото да одлучи за што ќе се интересира, тогаш ја уништуваме неговата слобода на мисла. Ние всушност, велиме дека не треба да мислите на она што Ве интересира и Ве засега, туку треба да мислите на она што нас нè интересира и нè засега.-

„Бегство од детството“ Џон Холт

Овој пример на зборот „задолжително“ е единствениот во целиот документ. Зборот „принудува“ е употребен двапати и притоа во двата случаи е со негативна конотација.

Право да одбиеш да убиеш[уреди | уреди извор]

Групи како што се Амнести интернешенал (Amnesty International) и Вор резистерс интернешенел (War Resisters International) се залагаа „правото да одбиеш да убиеш“ да биде додадено во УДХР. Вор резистерс интернешенел изјави дека правото на „совесно спротивставување“ на воена служба произлегува пред сè од член 18 од УДХР: правото на слобода на мисла, совест и вероисповед, но сепак во него тоа сè уште не е експлицитно кажано.

Во рамките на Обединетите нации преземени се чекори ова право да се направи поексплицитно, но овие чекори се ограничени на секундарни, „помаргинални“ документи на Обединетите нации. Токму затоа Амнести интернешенел би сакала ова право да се извади „надвор од маргините“ и да се стави експлицитно во најважниот документ, а тоа е Универзалната декларација на Обединетите Нации.

Кон правата коишто Универзалната декларација за човекови права ги гарантира може да биде додадено уште едно важно право. Тоа право е „правото да одбиеш да убиеш“.

Помошник-генерален секретар на Обединетите нации и лауреат на Нобеловата награда за мир Шон Мекбрајд, Нобелово предавање 1974 година.

Декларацијата од Бангкок[уреди | уреди извор]

Во Декларацијата од Бангкок којашто ја донесоа министрите од азиските земји на средба во 1993 година, којашто претходеше на Светската конференција за човекови права, азиските влади ги потврдија своите заложби во однос на начелата од Повелбата на Обединетите нации и Универзалната декларација за човековите права. Тие го изнесоа својот став за меѓусебната зависност и неделивоста на човековите права и ја потенцираа потребата од универзалност, објективност и неселективност на човековите права. Меѓутоа, тие, исто така, ставија акцент на начелото на независност и начелото на немешање, барајќи да се стави поголем акцент на економските, социјалните и културните права, а особено повеќе на правото на економски развој отколку на граѓанските и политичките права. Декларацијата од Бангкок се смета за значајно изразување на перспективата на “Азиските вредности“ којашто нуди опсежна критика на универзализмот на човековите права.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]