Традиционално знаење и вештина на изработка и свирење на гајда

Од Википедија — слободната енциклопедија

Традиционално знаење и вештина на изработка и свирење на гајда - Гајда или мешница е дувачки инструмент составен од мев (мешина), гајдарка, брчало, слагарче и дувало. Гајдата заедно со звучно-естетски атрибути традиционално е застапена  на  територијата на  Република  Македонија и претставува нематеријално (духовно) значајно културно наследство. Овој инструмент е тесно поврзан со многубројните обичаи поврзани со животот на населението кое живее во Р Македонија. Гајдата има значајна улога во севкупното градење на музичката култура во Р Македонија.

Се употребувала за време на чествувањето на верските празници од календарскиот циклус но и за време на одржување на свадбените веселби како придружик на обредите поврзани со свадбениот циклус, кога се славело за раѓање на деца и во други прилики кои не биле поврзани со одредени настани. Во придружба на гајда[1] се пееле многубројни обредни и ороводни песни и се играле ора кои македонскиот народ ги негувал уште од далечното минато па се до денес. Со векови создаваните мелодии, песните и ората македонскиот народ ги искажувал своите чувства и инвентивност во создавањето на карактеристични чекори придружувани од гајдаџиската мелодија.[2]

Потекло[уреди | уреди извор]

Околу настанокот на музичкиот инструмент гајда не може да се добијат конкретни податоци, бидејќи музичките инструменти биле создавани спонтано, според потребите на заедницата и истите биле надоградувани паралелно со културното и музичко созревање на човекот.

Секако, појавата на музичките инструменти  е тесно поврзана со изработувачите на музички инструменти, кои во корелација со талентираните инструменталисти го одбирале материјалот за изработување, ги одредувале тонските висини кои се прилагодувале на локалните музички особености.

Одредени податоци околу присуството на музичките инструменти здобиваме од фреските и иконите на кои се насликани музички инструменти меѓу кои и гајдата. Останати информации околу потеклото и употребата на инструментот гајда ги здобиваме од запишаните извори кои ги забележале истражувачите на музичкиот фолклор.

Околу потеклото на гајдата постојат многубројни теории, а едно е сигурно дека инструменти со слични ерголошки карактеристиќи на гајдата во Р Македонија се среќаваат во повеќе делови од светот. Ова укажува на спонатноста во настанувањето на музичките инструменти кои се создавале, надоградувале и усовршувале во одреден временски и географски простор. Потеклото на гајдата како музички инструмент, генерално останува енигма, бидејќи инструменти слични на него, во денешно време се среќеваат во повеќе земји. Ослободувајќи се од спрегите на минатото и согледувајќи ја фактичката состојба со употребата на овој инструмент во Р Македонија во денешно време, можеме со сигурност да кажеме дека станува збор за музички инструмент кој бил мошне застапен и користен од автохтоното население уште во далечното минато. И денес овој инструмент сè повеќе се негува во руралните средини, но со огромните миграции од руралните во градските средини станува застапен и во градот.

Опис на доброто[уреди | уреди извор]

Гајдата претставува музички инструмент кој според својот состав е нешто покарактеристичен во споредба со останатите традиционални музички инструменти издвојувајќи со својата уникатност. Гајдата е составена од неколку елементи кои имаат своја улога во конечното обликување на тонот на овој инструмент и тоа: мелодиската цевка; бордунската цевка; дувало и резервоар за воздух.

Мелодиската цевка позната во Источна Македонија како „гајдарка“, а во Западна како „сурла“, се обликува во форма на дрвена цевка, свиткана на долниот крај под агол од 120О спрема вертикалата.

Бордунската цевка се нарекува брчало, бучало или рог а резервоар за воздух се нарекува мев, мешина и мешница но често и кожа поради материјалот од кој е изработен мевот. Мевот е изработен од овча или козја кожа.

Од горната страна на гајдарката се наоѓаат седум мелодиски отвори а од долната страна, под највисоките мелодиски отвори се наоѓа осмиот мелодсикси отвор кој се затвора со палецот. Највисокиот мелодиски отвор е е со помал дијаметар и во него се вметнува р’жена сламка во правец на долниот (осмиот) отвор.

Во поново време р’жената сламка се заменува и со пластично цевче. Овој мелодиски отвор се нарекува мрморец бидејќи преку негово брзо отворање и затворање се добива ефект на мрморење.

Гајдарката се изработува од повеќе видови дрва, најповеќе од материјал кој може да се набави во околината на изработувачот. Најупотребувано дрво за изработка на гајдарка е шимширот помеѓу народот познато и како зеленика бидејќи ова дрво се одликува со голема цврстина и природна боја која го збогатува и естетскиот дел на инструментот.

Во минатото па и денес, се изработувале и гајдарки од воловски  рог или пак дрвената гајдарка се обложувала со прстени од воловски рогови. Долниот крај на гајдарката се нарекува рокче бидејќи најчесто се изработувал од воловски рогови а денес, во недостаток на воловски или биволски рогови, сѐ почесто се изработува од истото дрво како гајдарката.

Брчалото е составено од три делови кои се нарекуваатː пискарче (делот што влегува во главината); средниче и бучало.Тие се навлекуваат еден во друг со што овозможуваат негово скратување и продолжување со што се постигнува посакуваната висина, истото произведува континуиран тон- втор глас.

Брчалото се изработува од истиот материјал додека поталентираните изработувачи правеле брчало и од воловски рогови со што и овој мелодиски елемент ја збогатува естетска вредност на гајдата.

Во некои региони од Македонија, покрај мелодиската и бордунската цевка се среќава уште еден минијтурен бордунски мелодиски елемент, кој звучи за две октави повисоко од бордунската цевка. Се нарекува слагарче и е составено од два дела. Во зависност од бројот на бордунските елементи се определува и видот на гајдата односно, двогласна и тригласна.

Во мелодиските елементи се вметнува еднојазична писка изработена од трска. Дувалото се изработува од дрво и е елемент преку кој се вдувува воздухот во мешницата. На долната страна која што влегува во кожата се наоѓа липало кое го спречува враќањето на воздухот наназад.

Слагарче има само кај тригласните гајди карактеристични за Источна Македонија. Составено е од два дела кои што се навлекуваат еден во друг овозможувајќи постигнување на потребната висина. Дувалото е цевче кое што служи за полнење на мешината со воздух.

Резервоарот за воздух се изработува од козја или овча штавена кожа. На кожата во делот кај главата и предните нозе на животното се врзуваат главини во кои се вметнуваат гајдарката, брчалото и дувалото и доколку гајдата е со слагарче  се вметнува дополнителна главина за слагарчето која се врзува десно од дувалото во правец на брчалото.

Главините се елементи изработени од воловски рог за гајдарката додека дувалото, брчалото и слагарчето покрај од рог се изработуваат и од дрво. Свирачот на гајда се нарекува гајдаџија.[3]

На територијата на Република Македонија се употребуваат две варијанти на распоредување на мелодиските елементи и на дувалото.

  • Првата варијанта која е и најраспространета, е кога на местото од предните нозе на животното се врзуваат главините за дувало и брчало додека на вратот се врзува главина во која влегува гајдарката. Главината во која влегува слагарчето, обично се врзува помеѓу дувалото и брчалото малку нанапред кон гајдарката.
  • Втората варијанта на врзување ја среќаваме само во Радовишко и се разликува од првата по тоа што  брчалото се наоѓа кај главата од животното додека кај нозете се вметнува гајдарката и дувалото. Слагарчето се наоѓа помеѓу двете нозе.  Етноорганологот Боривоје Џимревски првиот тип на гајда го нарекува „обична“ а вториот тип на гајда „криволакавичка“.

Гајдата се издвојува од останатите музички инструменти поради својот волумен за време на репродуктивниот процес а мешината за воздух покрај тоа што е обединител на сите елементи овозможува и долготрајно непрекинато свирење преку кое се градени многубројните гајдарски мелодии. Гајдата овозможува истовременот свирење и пеење од страна на инструменталистот на гајда.

Можноста за непрекинатото свирење на бројни мелодии односно истовременото звучење на мелодијата и бордунските елементи градат еден карактеристичен и уникатен ансамблов звук кој отсуствува кај останатите традиционални инструменти.

Не можеме да ги одминеме и индивидуалните обиди составните делови на гајдата да се изработат и од други материјали како метал, пластика и други фабрички добиени материјали. Оваа практика е повеќе резултат на истражувачкиот карактер на изработувачите кои се обидуваат да внесат некои иновативни идеи во изработувањето на гајдата.[4]

Според Александар Линин, во Р Македонија во минатото се користеле неколку типови на гајди кои се одредуваат според нивната големина како што се: тиквешка, которска, рудничка, блатска, полска, штипска и мариовска.

Во поново време најзастапени се гајдите со најнизок тон d, es, f и  g а се именуваат за квинта повисоко односно:

гајда со најнизок тон d се нарекува A (А) гајда,

гајда со најнизок тон es се нарекува B (Бе) гајда итн.

Гајдата има опсег од девет тонови кои се делат на два пентахорда, долен и горен. Ако најнискиот тон кај гајдата е d највисокиот тон ќе биде e односно долниот пентахорд започнува со тонот d и завршува на тонот a додека втроиот пентахорд започнува со тонот a и завршува на тонот e.

Поточно, завршниот тон на долниот пентахорд е почетен тон на горниот пентахорд и овој тон го сметаме за централен тон кај гајдата.

Прва причина за тоа е што е заеднички тон на двата пентахорда и втроа причина што на овој тон се штима брчалото и доколку гајдата има слагарче, и слагарчето. Во долниот пентахорд целите и полустепените тонови се фиксирани додека во горниот пентахорд со комбинација на отворање и затаварање на дел од мелодиските отвори се добиваат одредени цели и полустепени тонови.

 Гајдата ги содржи следните тонови: d-e-fis-g-a-h-b-c-cis-d-e. Брчалото се штима на петтиот тон сметано од најнискиот тон на гајдарката а слагарчето за две октави повисоко од брчалото. Ако гајдата е со штим d тогаш бордунските цевки ќе звучат на тонот a. Ако гајдата е со штим f бордунските цевки ќе звучат на тонот c.

Овој константен и непроменлив бордунски тон ја придружува гајдарската мелодија без прекинување и го обликува каркатеристичниот звучен тембар на гајдата. Гајдата во минатото била музичкиот инструмент кој придружувал многубројни обреди поврзани со севкупното живеење на македонскиот народ. Гајдата поради нејзината компактна звучност била помеѓу најупотребуваните музички инструменти.

Поврзаност со други народни инструменти[уреди | уреди извор]

Музичкиот инструмент гајда се поврзува со останатите народни музички инструменти како: кавал, ќемане, тамбура, зурла, шупелка, дудуче, тапан и др. Овие музички инструменти имаат своја улога во креирањето на инструменталната музичка традиција. Овие инструменти, во помала или поголема застапеност се среќаваат на целата територија на Р Македонија. Се издвојуваат со својата индивидуалност што се должи на начинот на изработка којшто не е генерализиран, туку секој изработувач има свој индививуален пристап на изработување.

Посебни карактеристики[уреди | уреди извор]

Како посебни каракатеристики со кои се одликува гајдата ги нагласуваме нејзините музички особености. Овој инструмент припаѓа на групата бордунски музички инструменти кои се издвојуваат по звучниот тембар и интензитет кој се добива благодарејќи на бордунските составни елементи брчало и слагарче кои влијаеле и во формирањето на гајдарскиот музички изразен стил. Другата карактеристика по која се издвојува гајдата е можноста за непрекинато свирење без преќинување во еден подолг период. Ова се постигнува благодарејќи на  резервоарот за воздух кој овозможува постојан константен притисок на воздухот потребен за добивање на тон. Со повремено дување во дувалото се внесува потребниот воздух, а во време кога не се дува, притисокот се надополнува со притискање на кожата со лактот од левата рака под пазувите, каде се држи мевот за време на репродуктивниот процес.

Вредности и значење на доброто[уреди | уреди извор]

Музичкиот инструмент гајда е распространет на поголем дел од територијата на Р Македонија има своја вредност, како за локалната средина, така и пошироко. Присутен во некои сегменти од човековиот живот, тој има огромна вредност во градењето на музичката инструментална традиција. Како инструмент погоден за придружба на песни и ора има голема функција во создавањето на бројни напеви и играорни обрасци. Гајдата  е инструмент кој е длабоко втемелен во генот и свеста на Македонецот, за што сведочи огромниот број на песни во кои се споменува гајдата, а визуелно ја среќаваме и на одреден број фрески во манастирите и црквите што само го потврдува нејзиното значење и одраз во колективната свест. Овој инструмент како во минатото така и денес има голема социјална и културна функција кај македонскиот народ и допринесува и директно се одразува во јакнењето на  националниот идентитет на македонскиот народ.

Гајдата е музички инструмент кој е од исклучително значење за македонскиот народ, инструмент кој што е застапен и во соседните региони но македонската гајда се одвојува од другите поради непроменетата форма и бурдонскиот тип на музика која се темели на со векови создаваната традиционална музика поради што неговата идентификација е неделлива со македонскиот народ. Во минатото и денес има активна улога во градењето на музичкиот идентитет карактеристичен за населението кое живее на територијата на Р Македонија.

Гајдата во Р Македонија се среќава во сите региони а застапеноста во поглед на иннтруманталисти на гајда е различна односно променлива. И денес, повеќе е застапена во руралните средини каде се негувала во минатото и каде што природно припаѓа

Како музички инструмент гајдата има карактеристични особини кои ги нема кај останатите народни музички инструменти. Овој инструмент и слични на него се користат во традиционалана практика и во соседните земји. Поврзаноста ја бараме во нивните ерголошко-технички карактеристики кои имаат исти или слични изрази а музиката е таа која што на инструментот му дава локално обележје преку мелодиско-ритмичките особини карактеристични за македонската фолкорна музика.

Употреба на доброто[уреди | уреди извор]

Музичкиот инструмент гајда наоѓа широка примена во музичката вокална и инструментална практика. Имајќи ја во предвид нејзината музичка функција, може да се употребува во промоција на државата како дел од нејзиното културно музичко наследство како инструмент кој до ден денешен ја задржал својата автентична форма и од музики и од ерголошки аспект.

Истото може да се користи и за туристички цели преку отворањето на работилници за изработување на гајда во кои ќе може да се набави овој инструмент и како сувенир од што државата би имала и одреден бенефит и истовремено овие инструменти би биле полесни за набавување кое поттикнува понатамошен интерес за свирење од страна на потенцијалните инструменталисти на гајда.

Нематеријално културно наследство[уреди | уреди извор]

Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 јули 2019 година, донела одлука со која „Традиционалното знаење и вештини на изработка и свирење на кавал“ го прогласила за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Ангелов Горанчо, Музичкиот инструмент гајда и нејзините тонски карактеристики, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Факултет за музичка уметност, Годишен зборник бр. 2, стр.159-170, 2011
  • Линин Александар, Народните музички инструменти во Македонија, Македонска книга, Скопје, 1986.
  • Линин Александар, Музичките инструменти на македонските словени, Скопје: Музиката на почвата на Македонија, кн. 7, дел I-II, МАНУ, 281-290, 1999
  • Џимревски Боривоје, Некои методолошки аспекти во истражувањето на народните музички инструменти и инструменталната народна музика. Скопје: Макеоднски фолклор, 19/37, 177-181, 1986.
  • Џимревски Боривоје, Инструменталната народна музика во Титоввелешко. Скопје: Македонски фолклор, 21/42: 139-157, 1988.
  • Џимревски Боривоје, Гајдата во Македонија, Инструмент-инструменталист-музика, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, Македонско народно творештво - Орска и инструментална народна традиција, книга 5, Скопје, 1996.
  • Џимревски Боривоје, Градска инструментална музичка традиција во Македонија, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, Орска и инструментална народна традиција, кн. 7, Скопје, 2005.
  • Gojković Andrijana, Narodni muzićki instrumenti, “Vuk Karadžić”, Beograd, 1989.
  • Gojković Andrijana, Muzićki instrumenti – Mitovi i legende, simbolika i funkcija, Beograd, 1994.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. (Gajda). Гајда Дедо Целе Блажески, последниот Охридски гајдаџија., Посетено на 2023-11-26
  2. Luge i mesta, Tv Telma - Veles, Lazar Petrovski - gajdadjija, Посетено на 2023-11-26
  3. Mihajlovska, Elena (2014-11-18). „Охриѓанец ја чува традицијата за изработка на гајди и тапани“. OhridNews (англиски). Посетено на 2023-11-26.
  4. „Facebook“. www.facebook.com. Посетено на 2023-11-26.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]