Теорија на реални бизнис-циклуси

Од Википедија — слободната енциклопедија

Теоријата на реалните биснис-циклуси (англиски: Real business cycle models) претставува современа макроекономска теорија, која промените во економската активност ги објаснува како последица на факторите на страната на агрегатната понуда. Според ова учење, деловните циклуси настануваат поради промените во продуктивноста, кои се предизвикани од промените во технологијата, промените на цените на нафтата итн. Оттука, оваа теорија смета дека можностите за водење стабилизациона макроеконмска политика се драстично ограничени.

Основни постулати на теоријата на реалните бизнис-циклуси[уреди | уреди извор]

Основните постулати на [1] теоријата на реалните бизнис циклуси кои се речиси идентични со оние на новата класична макроекономија, суштински се многу блиску, може да се подредат на следниов начин:

  • Поради флексибилноста на платите и цените нагоре и надолу, пазарите имаат моќ на брзо, практично моментално урамнотежување.
  • Антиципирање на иднината од страна на учесниците во економскиот живот се прави со помош на рационалните очекувања, што значи не постојат асиметрични информации. Можна е само појава на определени проблеми со степенот на извесност на она што теоретичарите на реалните бизнис циклуси го нарекуваат ‘интерпретација на сигналите’.
  • Сите информации во врска со понуда на пари се комплетни – што значи секое зголемување на масата пари е транспарентно, односно навестено однапред од страна на владата.
  • И кејнзијанците, и ортодоксните монетаристи, и претставниците на новата класична економија се согласуваат околу тоа дека бизнис циклусите се манифестираат благодарение на отстапувањата на фактичкиот бруто-домашен производ, односно со негови флуктуации над и под потенцијалниот бруто-домашен производ. Наспроти ова тврдење, стои тврдењето на теоретичарите на реалните бизнис циклуси кое гласи: за време на нарушување на рамнотежата се јавуваат флуктуирања на потенцијалниот бруто-домашен производ околу самиот себе, а не на фактичкиот околу потенцијалниот. Иако може на прв поглед да изгледа збунувачки ова тврдење, сепак е поврзано со претходните постулати на теоријата на реалните бизнис циклуси. Економијата по правило функционира на својот потенцијален бруто-домашен производ, осигурувајќи истовремено и високо и ефикасно користење на расположливите ресурси, ако пазарите моментално се урамнотежуваат благодарение на флексибилноста на цените и платите и на рационалните очекувања. Но, гледано од друг аспект, бизнис циклусите се неоспорни, реално постојат и се само една потврда дека токму тогаш егзистира невработеноста на факторите на производство и дека сега економијата функционира обратно, односно под нивото на потенцијалниот бруто-домашен производ. Всушност во вакви ситуации, потенцијалниот производ на краток рок флуктуира околу самиот себе,што значи краткиот рок е, исто така, значаен и никако не смее да се запостави.

Од вака формулираните постулати на теоретичарите на реалните бизнис циклуси, јасни се две работи и тоа:

  • прво, дека во нивните анализи, теоретичарите поаѓаат од моделот на совршена конкуренција,
  • и второ, земајќи ги предвид ваквите претпоставки, улогата на монетарните фактори во генерирање на бизнис циклусите е комплетно релативизирана.

Механизмите кои генерираат флуктуации во економијата – клучното значење на вкупната факторска продуктивност[уреди | уреди извор]

За разлика од претставниците на другите школи, претставниците на реалните бизнис циклуси тврдат дека бизнис циклусите се детерминирани од шокови и од поместувања на агрегатната понуда.

Шоковите кои се наоѓаат на страната на агрегатната понуда, најчесто се условени од дејствувањето на реалните фактори: природни непогоди (земјотреси, суши и сл.), значителни покачувања на цената на енергијата (пример за тоа се првиот и вториот нафтен шок од 1970-тите години), војни, промени во технологијата и сл. Тоа значи дека теоретичарите на реалните бизнис циклуси се фокусираат на анализа во доменот на реалните фактори, а ја напуштаат тезата за доминантна условеност на бизнис циклусите од монетарните фактори.

Меѓутоа, во основата на теоријата на реалните бизнис циклуси лежи тврдењето дека во промените на вкупната факторска продуктивност во економијата треба да се бара главната причина за појавата на бизнис циклусите, главно условени од воведувањето на нова технологија, но не и од промените на факторите од монетарна и од финансиска природа, па и затоа и се доаѓа до заклучок за излишноста од водење на стабилизациона политика. Самиот термин реални, кажува дека тие се испровоцирани од фактори кои не зависат од промените во понудата на пари. Вкупната факторска продуктивност, во прв ред, зависи од технолошките подобрувања во производството на добра и услуги, како и од подобрувањето на квалификациите на работниците, но и од други фактори – инвенции во комерцијализацијата на новите производи, поевтинување на некои важни инпути и сл.[1] Ова претставува комплексен феномен.

Според претставниците на оваа теорија, технолошките промени предизвикуваат промени во сферата на инвестициите и во побарувачката на труд. Доколку дојде до промени во технологијата, тие технолошки промени влијаат на зголемување на вкупната факторска продуктивност, тогаш претпријатијата почнуваат натпросечно да инвестираат во подобрување на перформансите на машините, опремата, во нови згради, во дополнителна работна сила. Таквото зголемено инвестирање во случај на пораст на вкупната факторска продуктивност претставува нормална реакција на претпријатијата кои имаат очекувања за повисоки маргинални приходи во иднина и кои настојуваат да го максимизираат профитот. Зголемената побарувачка за инвестициони добра и труд ја туркаат економијата во експанзија. Но во пазарна економија поради нагласениот конкурентен притисок, сите агенти во економскиот живот се однесуваат рационално. Теоретичарите на реалните бизнис циклуси го прифаќаат објаснувањето на традиционалната микроекономија, кое вели дека промените во понудата на труд се детерминирани пред сè од промените во реалните плати и од замената на ефектот на супституција со ефектот на доход. Кога растат реалните наемнини, расте и понудата за труд, односно преовладува ефектот на супституција, бидејќи работниците се рационални и знаат дека со зголемувањето на реалните наемнини секој час слободно време станува поскап - односно ако работникот реши повеќе да користи слободно време отколку што ќе работи, се соочува со поголем опортунитетен трошок. Но доколку и понатаму продолжи порастот на реалните наемнини, во тој случај ефектот на супституција ќе биде заменет со ефект на доход. Тоа значи дека со поголема реална наемнина работниците ќе бидат заинтересирани за замена на работата со слободно време, за да можат да уживаат во поволностите од зголемениот доход.

Сето ова претходно кажано, теоретичарите на реалните бизнис циклуси го надградуваат со два значајни елементи и тоа:

  • прво, во реалниот живот според нив доминира ефектот на супституција и,
  • второ, особено е значајна т.н. интертемпорална супституција која всушност укажува на различното однесување на работниците во зависност од ситуацијата на економијата – што значи дека во добрите времиња кога реалните наемнини се високи, работниците избираат да работат што повеќе, а во лошите времиња кога реалните наемнини се ниски, тие користат повеќе слободно време. Според теоретичарите на оваа теорија, интертемпоралната супституција зависи и од висината на каматната стапка – повисока реална каматна стапка ја намалува понудата на трудот и обратно, пониската реална каматна стапка ја зголемува понудата на трудот.

Заслугата на нобеловците Прескот и Кидланд, како најемитентни теоретичари на реалните бизнис циклуси е што тие укажаа дека бизнис циклусите не се посебен и независен феномен од долгорочниот економски раст. Најголемиот број трудови на Прескот се поврзани за одделни аспекти на економските циклуси.Тој даде значаен придонес со неговите понови трудови и во објаснувањето на феноменологијата на депресиите, посебно врз случајот на Јапонија како релативно нова епизода на депресија и потсети на случувањата во светската економија во периодот 1929-1933 година.[2]

Релативизирање на улогата на монетарните фактори како детерминанта на бизнис циклусите[уреди | уреди извор]

Препознатлива одлика на теоријата на реалните бизнис циклуси е тврдењето дека бизнис циклусите може да бидам објаснети со дејствието на реалните фактори, додека парите се неутрална категорија, односно се неутрални. Според тоа, во нивните модели, можат да се разликуваат три пристапи за значењето и третманот на монетарните фактори во експликацијата на феноменологијата на бизнис циклусите и тоа:

  • Модели кои во првата фаза на анализа на економските циклуси не ги вклучуваат монетарните фактори, туку само со помош на реалните се објаснува, додека во втората фаза се вклучуваат и монетарните фактори но само како помалку значајни, односно второстепени.
  • Модели кои во своите анализи воопшто не ги вклучуваат монетарните фактори
  • Модели кои сепак ги вклучуваат монетарните фактори во своите анализи, при што релацијата на монетарните фактори со производството е инверзна во однос на онаа за која говорат претставниците на другите економски школи.

Денес доминантен е третиот модел – промените во производството предизвикуваат промени во стапките на пораст на понудата на пари.

“Во суштина, моделите на реалниот економски циклус во дел се одговор на слабостите на моделите кои цврсто се засноваат врз монетарните поттици. Во мера во којашто моделите на реалниот циклус можат да го објаснат економскиот циклус без прибегнување кон монетарните шокови, тие делотворно го издигнуваат прашањето за релативното значење на парите како фактор за доминантно поттикнување на економскиот циклус.”[3]

Критики на теоријата за реалните бизнис циклуси[уреди | уреди извор]

Најзначајни критики за теоријата на реалните бизнис циклуси може да се прикажат на овој начин:

  • Најчесто во светот постојат имперфектни пазари, што значи дека постојат најмногу олигополистички пазари во современите пазарни структури денес, односно тие преовладуваат, додека моделот на совршена конкуренција е ограничен само во мал број сектори.
  • Постојат многубројни докази за тоа дека платите ( номинални и реални) и цените подлежат на ригидност, што значи бавно урамнотежување на пазарите, а особено на пазарот на труд.
  • Присутни се асиметричните информации, што значи нема комплетни и претходно најавени информации за промени во масата на пари од страна на Владата и тие всушност се една од најзначајните причини за пазарниот неуспех.
  • Невработеноста е од принуден карактер за што говорат многубројните примери во голем број земји во Европа, што значи дека таа не е доброволна.
  • Тврдењата на теоретичарите за детерминираност од технолошки промени е еднострано поради тоа што тие при анализата на факторите кои ги условуваат економските циклуси или го негираат значењето на монетарните фактори или пак им даваат второстепено значење.
  • Овој модел на теоретичарите на реалните бизнис циклуси не егзистира во реалниот свет и е модел на осамениот Робинзон Крусо.
  • Економската активност не е условена само од технологијата и преференциите, туку секогаш влијание имаат и промените на страната на агрегатната понуда и агрегатната побарувачка.
  • Голем број од економистите денес веруваат дека во создавањето на економските циклуси, влијанието на интертемпоралната супституција е маргинално, но не и клучно како што веруваат теоретичарите на теоријата за реални бизнис циклуси.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Таки Фити, Феноменологија на економските кризи, Економски факултет, Скопје, 2009 стр. 133.
  2. Таки Фити, Феноменологија на економските кризи, Економски факултет, Скопје, 2009 стр. 135.
  3. Plosser 1997, p.307.

Поврзано[уреди | уреди извор]