Субјективизам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Субјективизмот е доктрина која утврдува дека „нашата сопствена умствена активност е единствениот неоспорен факт на нашето искуство“,[1] наместо некаква заедничка или колективна, како и дека не постои надворешна или објективна вистина.

Успехот на ова тврдење историски му се припишува на Декарт и на неговиот „Картезиски“ скептицизам, иако тој го искористил како епистемолошко средство за да го тврди спротивното, т.е. спознавање на светот преку разумот или разумното размислување, или дискутабилното спознавање на објективен свет на факти, независни од сопственото знаење (од тука и наречен „Татко на модерната филозофија“, бидејќи неговите ставови подоцна стануваат основа на научниот поглед на светот).[1] Субјективизмот го приоритизира субјективното искуство како основно на секоја мерка и закон.[2] Во екстремните форми како солипсизмот, се смета дека природата и постоењето на секој предмет зависи исклучиво од нечијата субјективна перцепција за истиот. Во овој контекст, може да се разгледа емпиризмот на Џорџ Беркли, кој го предлага Бог како главен двигател на човечката перцепција.

Метафизички субјективизам[уреди | уреди извор]

Субјективизмот е термин кој што се користи за означување на филозофскиот принцип дека „нашата сопствена умствена активност е единствениот неоспорен факт на нашето искуство“.[1] Успехот на ова тврдење историски му се припишува на Декарт и на неговиот „Картезиски“ скептицизам. Субјективизмот низ историјата е отфрлан од христијанските теолози, кои му се спротивставуваат со објективниот авторитет на црквата, христијанската догма и „апсолутната вистина“ на Библијата.[3] Христијанските теолози, особено Карл Барт, исто така, го сместуваат и антропоцентризмот како форма на субјективизам.[4]

Метафизичкиот субјективизам е теоријата дека реалноста е онаа што ние ја сметаме за реална и дека не постои општа вистинска реалност што постои независно од перцепцијата. Исто така, може да се смета дека всушност свеста, наместо перцепцијата, е реалноста (субјективен идеализам). Ова е во спротивност со метафизичкиот објективизам и филозофскиот реализам, кои што тврдат дека постои основна „објективна“ реалност, која пак се перцепира на различни начини.

Ова гледиште не треба да се збуни со ставот дека „сè е илузија“ или дека „не постои такво нешто како реалност“. Метафизичките субјективисти сметаат дека реалноста е доволно реална. Тие, сепак, сметаат дека природата на реалноста која е поврзана со дадена свест, всушност зависи од таа свест. Својата филозофска основа за првпат ја има во списите на Декарт (cogito ergo sum) и претставува камен-темелник на филозофијата на Серен Кјеркегор.

Современи верзии[уреди | уреди извор]

Поскромна современа верзија на метафизичкиот субјективизам, на пример, би било тврдењето да сметаме дека е факт дека чоколадото е вкусно, иако можеме да препознаеме дека не е вкусно за секого. Ова би значело дека постојат факти кои се субјективни (аналогно на тоа, може да се смета дека е факт дека на северната хемисфера е зима, иако тоа не е секогаш така, што значи дека некои факти се привремени). Џовани Мерло развил специфична верзија на метафизичкиот субјективизам, според која субјективните факти секогаш се однесуваат на менталните својства.[5] Со Џулија Правато, тој тврди дека неговата верзија на субјективизмот обезбедува начин да се биде и реалистички и релативистички настроен, на пример, за предлогот дека чоколадото е вкусно — би било во делот од реалноста (што е субјективен факт), но тоа не значи дека е нужно точно од туѓа перспектива.[6] Теоријата за егоцентричнична сегашност на Каспар Хер е уште еден, тесно поврзан пример.

Субјективизам, панфизицизам и анимизам[уреди | уреди извор]

Едно можно проширување на субјективистичката мисла е дека свеста е достапна за сите објективно воочливи субстанци. На пример, ако прегледуваме слики создадени со камера на кои гледаме вулкан што избувнува, можеме да се претпоставиме дека релативното движење на ерупцијата (вулканот) следи од вулкан кој има своја субјективна свест (на вулкан!). Овие својства можеме да ги припишеме и на фотоапаратот или на неговите поединечни компоненти.

На овој начин, сепак, субјективизмот се претвора во друга поврзана доктрина, панфизицизам, верување дека секој воочлив ентитет (или настан) има внатрешен или субјективен аспект. Слично на ова, но со поархаични тврдења е анимизмот.

Етички субјективизам[уреди | уреди извор]

Етичкиот субјективизам е метаетичкото тврдење дека етичките судови се сведуваат на фактичките изјави на ставовите и/или конвенционалноста на засебни луѓе, или дека кој било етички суд подразбира став што некој го застапува. Како таков, тој е форма на моралниот релативизам, кој вистината на моралните тврдења ја сведува во однос на ставовите на поединците (за разлика од, на пример, заедницата).[7] На пример, за личност која што замислува како е да се биде мачка, фаќањето и јадењето глувци е сосема природно и морално здраво. За лице кое што замислува дека е глушец, предаторството од мачките е морално гнасно. Иако е лабава метафора, ова служи за илустрација на гледиштето дека секој одделен субјект има свое разбирање за правилното и погрешното.

Еден етички субјективист може да тврди, на пример, дека она што е морално исправно е врзано со тоа дали е одобрено од заедницата или со закон (ова доведува до гледиштето дека различни ствари можат да се исправни според сечија морална идиосинкратична перспектива). Една импликација на ова тврдење е дека, за разлика од моралните скептици или некогнитивистите, субјективистот смета дека етичките судови, иако субјективни, сепак се вид на ствар што може да биде вистинита или лажна во зависност од ситуацијата.

За веројатноста[уреди | уреди извор]

Нашироко кажано, постојат две гледишта на Бејзиска веројатност кои го толкуваат концептот за веројатноста на различни начини. За веројатноста, субјективистичкиот став е тврдењето дека веројатноста е само степен на верба од страна на свесните „делувачи“ во одредена ситуација, кои што немаат објективна реалност сама по себе. Според субјективистичкото гледиште, веројатноста ја мери „личната верба“.[8] За овој вид на субјективизам, тврдењата што имаат врска со веројатноста едноставно го потврдуваат степенот до кој субјективните делувачи веруваат дека нивното тврдење е точно или неточно. Како последица, субјективистот би немал проблем со различните гледишта на различни луѓе кои даваат различни веројатни одговори за одредено прашање, и би ги разбрал сите како точни.

Многу современи методи за машинско учење се засноваат на објективистичките бејзиски принципи.[9] Според објективистичкиот став, правилата на Бејзиската статистика можат да бидат оправдани со барања кон рационалноста и конзистентноста, и да се толкуваат како дополнување на логиката.[10][11] Во обид да ја оправда субјективната веројатност, Бруно де Финети ја создава идејата за филозофска кохерентност. Според оваа теорија, тврдењето за веројатноста е слично на облогот, а облогот е кохерентен (разумен) само ако не го изложува обложувачот на губиток доколку неговиот противник избере паметно. За да го објасни своето значење, де Финети создал мисловен експеримент за да ја илустрира потребата за принципите на кохерентноста при давање на веројатно тврдење. Според него, кога некој ќе го каже својот степен на верување во нешто, некој става мал облог за или против тоа верување и ги специфицира коефициентите, со разбирање дека другата странка, потоа, може да одлучи која страна од облогот да ја поддржи. Така, ако Бобан специфицира коефициент 3 спрема 1 против исказ А, неговиот противник Ѓорѓи може да избере дали ќе бара од Бобан да ризикува 100 денари за да освои 300 денари, ако се утврди дека предлогот А е точен, или да бара од Бобан да ризикува 300 денари со цел да добие 100 денари ако предлогот А не е точен. Во овој случај, можно е Ѓорѓи да го победи Бобан. Според де Финети, овој случај го смета за некохерентен.[11]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Richardson, Alan and Bowden, John (1983) A new dictionary of Christian theology pp.552-3
  2. William Hay (2011) Blog entry on subjectivism
  3. Dallmayr, Fred Reinhard (1989) Margins of political discourse p.188
  4. Michael Kunzler (2001) Church's Liturgy p.3
  5. Merlo, Giovanni (2016). „Subjectivism and the Mental“. Dialectica. 70 (3): 311–342. doi:10.1111/1746-8361.12153.
  6. Merlo, Giovanni; Pravato, Giulia (2020). „Relativism, realism, and subjective facts“. Synthese. doi:10.1007/s11229-020-02562-x.
  7. "moral subjectivism is that species of moral relativism that relativizes moral value to the individual subject".Internet Encyclopedia of Philosophy
  8. Cox, R. T. 2001. Algebra of Probable Inference, The Johns Hopkins University Press. ISBN 978-0801869822
  9. Bishop, C.M. 2007. Pattern Recognition and Machine Learning. Springer. ISBN 978-0387310732
  10. Jaynes, E.T. 1976. "Bayesian Methods: General Background", Maximum Entropy and Bayesian Methods in Applied Statistics, by J. H. Justice (ed.). Cambridge: Cambridge Univ. Press. doi:10.1017/CBO9780511569678.003
  11. 11,0 11,1 de Finetti, B. 1974. Theory of Probability (2 vols.), J. Wiley & Sons, Inc., New York). ISBN 978-0471201427