Смртта на Јово Деспотовиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Смртта на Јово Деспотовиќ (српски: Смрт Јова ДеспотовиҺа) е српска епска (јуначка) песна.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во својот дворец, во селото Купиново, во Срем, Јово Деспотовиќ е смртно болен и затоа го повикува својот слуга Милутин да оди во манастирот во Крушедол и да му ја каже вистината на брат му, владиката Максим. Потоа, слугата треба да замине во Беркасово, каде живее мајка му Анѓелија, но нејзе треба да ѝ рече дека Јово се подготвува да оди во војна преку морето и дека бара благослов од неа. Анѓелија бара од слугата да ја почека три дена за да подготви колачи и да ги подготви кошулите, но тој ѝ одговара дека Јово мора итно да замине и дека нема време за чекање. Кога се приближуваат до дворецот во Купиново, мајката Анѓелија ги гледа слугите како се шетаат гологлави, коњите слободно пасат по ливадата и никаде нема воени тапани и знамиња. Таа се сомнева дека нешто не е во ред, но слугата ја утешува, велејќи дека господарот Јово се одмара и дека ги пуштил коњите добро да се напасат зашто ги чека долг пат. Сепак, кога влегува во дворецот, мајката го здогледува синот на смртната постела, додека владиката му чита молитви. Тогаш, мајката го прашува синот Јово, кому ќе му ги остави Срем, дворецот, коњите и соколите, богатството и жената? Јово се враќа од мртвите и со мртовечки глас ѝ одговара дека Срем ќе си најде нов господар; дворецот, коњите и соколите му ги подарува на братот Вук Змејогнен (Вук Змајогњен); богатството ќе му припадне на мајка му, за да има од што да живее; а на жена си ѝ остава три товари богатство, иако таа често се жалела кај владиката Максим дека Јово шета низ Срем и љуби млади девојки. Откако го кажува сето тоа, Јово ја испушта душата.[1] [2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 98-101.
  2. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 301-304.