Сисачка тврдина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Сисачка тврдина
Сисак, Сисачко-мославинска жупанија,
Хрватска
Тип низинска тврдина
Координати 45°17′ СГШ; 16°14′ ИГД / 45.28° СГШ; 16.23° ИГД / 45.28; 16.23
Изграден 1544-1550 година
Изградил Petar de Mediolanus
Градежни
материјали
тули, камен
Тековна
состојба
делумно сочувана
Отворен за
јавноста
Музеј на град Сисак
Под управа на Бискуп на Загреб; од 17-тиот век: неколку други сопственици

Сисачката тврдина (хрватски: Tvrđava Sisak или Stari grad Sisak) е рано-модерна низинска тврдина изградена на брегот на реката Купа пред нејзиното устие во реката Сава. Се наоѓа во предградие на градот Сисак, во Сисачко-мославинската жупанија.

Тврдината има триаголна форма, а изградена е воглавно од тули и поддржана со камења. Секој агол на тврдината е засилен со округла кула со конусен покрив. Кулите се поврзани со дебели ѕидини, долги повеќе од 30 метри со местимични отвори. Бидејќи се наоѓа на брег на река, тврдината има природна одбранбена линија од запад-југозапад, додека другите страни делумно се заштитени од реката Сава која тече во непосредна близина, во југоисточен правец.

Во текот на својата историја, Сисачката тврдина била оштетувана и реновирана неколкупати. Денес, таа е во релативно добра состојба. Во неа е сместен локалниот градски музеј.

Историја[уреди | уреди извор]

Тврдината била изградена по неколку заканувачки и разурнувачки турски напади врз Кралството Хрватска. Градежните работи ги нарачал Бискупот на Загреб, кој бил сопственик на имотот, и траеле од 1544 до 1550 година. Главен архитект (director muratorum) бил миланскиот мајстор Petar de Mediolanus, и целокупните градежни трошоци биле проценети на повеќе од 3.300 флорини (форинти).

Откако станал босански паша во 1591 година, Хасан Паша Предојевиќ започнал неколку напади врз Сисак. За време на неговата последна воена кампања од јуни 1593 година, неговата војска (која броела околу 12.000 османлиски војници) на 22 јуни 1593 година претрпела тежок пораз од бранителските сили составени од хрватски, словенечки и австриски војници. Во текот на борбата Хасан Паша Предојевиќ го загубил животот. Битката претставува историски значајна пресвртна точка, бидејќи довела до прекин на понатамошните османлиски освојувања.

По ослабувањето на османлискиот притисок врз хрватските територии во 17-тиот век, тврдината неколку пати ги менувала сопствениците, понекогаш била оштетувана, но веднаш потоа поправана. Последната голема штета се случила за време на Втората светска војна, кога фортификацијата била погодена од гранати, а северозападната кула делумно била уништена.

Во денешната тврдина се наоѓаат неколку збирки од Музејот на град Сисак (основан во 1951 година), кои вклучуваат археологија, етнологија, културна историја и нумизматика.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]