Сенка (филм од 1956)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Сенка (полски: Cien) - полски филм од 1956 година, во режија на Јежи Кавалерович (Jerzy Kawalerowicz), според сценариото на Александер Сцибор-Рилски (Aleksander Scibor-Rylski). Главните улоги ги толкуваат: Зигмунт Кестович (Zygmunt Kestowicz), Адолф Хроницки (Adolf Chronicki), Игнаци Маховски (Ignacy Machowski) и Емил Каревич (Emil Karewicz). Во 1956 година, на Филмскиот фестивал во Кан, филмот бил номиниран за „Златна палма“.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Полицијата пронаоѓа мртов човек кој бил исфрлен од воз. Полицајците, агентите од службата за безбедност и патологот настојуваат да го утврдат идентитетот на убиениот. Притоа, се наметнуваат три можни причини за убиството: првата од времето на Втората светска војна, втората непосредно по војната, а третата од современата Полска. Патологот се присетува на еден настан од Втората светска војна, кога се обидувал да ограби еден трговски дуќан, но тогаш се појавиле неколку вооружени луѓе при што во престрелката имало неколку погинати. Подоцна се утврдило дека две групи на движењето на отпорот истовремено влегле во дуќанот и пукале во себе, а сето тоа го организирал секретарот на партиската организација. Од друга страна, полицискиот инспектор се присетува на следниов настан кој се случил по војната: заедно со еден свој соборец, тој се уфрлил во редовите на една паравоена чета која се борела против комунистичката полска држава. Кога конечно дошле до водачот на групата, тој сфатил дека неговиот соборец е предавник и поради тоа ги активирал рачните бомби што ги носел со себе. Во меѓувреме, на една железничка станица, полицијата приведува млад човек кој патувал без возен билет. Тој признава дека бил наговорен да им помогне на неколку луѓе да влезат во рудникот, а потоа тие извршиле саботажа. Бидејќи го гризе совеста, тој се качува во возот за да го пронајде организаторот на саботажата и за време на меѓусебната борба го турка од возот.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]