Себороичен дерматит

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Seborrhoeic dermatitis.jpg

Себороичен дерматит е кожно заболување, кое настанува како резултат на истовремено дејствување на надворешни и внатрешни фактори. Некои нарушувања на жлездите со внатрешна секреција може да доведат до нарушување на метаболизмот на мастите, кое се одразува на функцијата на масните жлезди. Овие жлезди почнуваат да произведуваат мрсен секрет (себум) во поголемо количество со променет биохемиски состав, што претставува хранлива подлога за развој на некои микроорганизми, кои редовно ги има на кожата (сапрофитни микроорганизми). Метаболитичките продукти како резултат од исхраната на микроорганизмите со себумот, предизвикуваат надразнувачки реакции на кожата, а последица се воспалителните процеси на кожата.

Себороичниот дерматит се локализира во таканаречени себороични области на кожата - влакнестиот дел на главата, средниот дел на лицето (чело, веѓи, околу носот, брада), областа на градната коска, на грбот, околу гениталиите и анусот. Во овие регии кожата се зацрвенува, станува влажна и отечена, површината е мрсна и може да биде покриена со масни жолтеникави лушпи, кои предизвикуваат јадеж. Кај новороденчињата себороичниот дерматит се манифестира со бело- жолтеникави корички, красти и лушпи по влакнестиот дел на главата - млечна кора со црвенило во слабинските набори.

Лечење[уреди]

Лекувањето е со локално аплицирање кортикостероидни кремови краток период, а влакнестиот дел се третира со 3-отстотна салицилна киселина во масло или комбинирана салицилна киселина и резорцин во еднаков сооднос. Се препорачуваат препарати што содржат сумпор, селен (селсун) и др. По потреба се применуваат и некои локални антипаразитарни препарати во вид на таблети или масти (канестен, флагил и др.).

Воспаление околу устата[уреди]

Воспаление на кожата околу устата се вбројува во посебна варијанта на розацеата. Кај поголем број од заболените се докажува присутност на контактна алергија на козметички препарати (кремови, лосиони), кармини, сапуни, пасти за заби и др. Голема важност за настанување на ова заболување имаат и некои микроорганизми (габички и паразити- демодексфоликулорум). Важна улога за оваа болест имаат и хроничните нарушувања на органите за варење (хроничен запек) како и употребата на контрацептивни средства. Заболувањето обично се јавува кај жените на возраст од 20 до 40 години. Кај овие болни кожата околу устата е лесно зацрвенета и нафрлана. Процесот е хроничен и често повторлив (со периоди на подобрувања и повторни влошувања) при употреба на кортикостероидни препарати.

Лечење на дерматитот околу устата[уреди]

Локално се аплицираат индиферентни средства, од кои мошне успешни се меката цинкова паста (цинк оксид 10 отсто, рицинусово масло 30 грама и ланолин 60 грама). Се препишува и тетрациклини и антипаразитна терапија како и кај розацеата. Не треба да се користат кортикостероидни препарати, козметички средства и флуорирани пасти за заби. Кожата може да се чисти со растителни лосиони и мека вода (без калциум).

Извор[уреди]

Дневник весник, Статија - При воспаление на кожата избегнувајте кортикостероидни препарати, Издание: сабота, 18 март 2006, Скопје, РМ.