Свеќа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Свеќа е вештачки извор на светлина, направен од восок или друг материјал.

Улогата на свеќата во христијанството[уреди | уреди извор]

Свеќата има важно место во христијанската религија, откако на Седмиот веленски собор било одлучено: „Во Црквата Христова да се кади со темјан и да се палат свеќи и кандила. Со тоа се прави чест пред светите икони, светите мошти, чесниот крст и светото Евангелие“. Во христијанството, свеќата претставува симбол на Христос и неговата светлина, со која се растерува темнината во душата на човекот и во светот. Палењето свеќи се сретнува уште во Стариот завет, во кој една од првите заповеди што Господ му ги дал на Мојсеј била да направи златен светилник со седум кандила. Потоа, свеќи палеле и светите апостоли и првите следбеници на Христос, кога се собирале ноќе за да го проповедаат неговото учење и при молитвите. Оттука, палењето свеќи има посебно место во Новиот завет.[1]

Во првите векови на христијанството секогаш се палеле свеќи при богослужбите, а тоа делумно било од практични причини, зашто нивните средби и ритуали се одржувале ноќе, во мрачните катакомби. За оваа практика сведочи еден од првите црковни писатели Тертулијан, кој запишал: „Ние никогаш не извршуваме богослужение без запалени свеќи. Но, не ги употребуваме само за да ја растераме темнината, туку затоа што палејќи ги свеќите го изобразуваме Христа несоздадената светлина, без кого и напладне би оделе во темница“.[2]

Во христијанските цркви, најпрвин, свеќите ги палеле при вечерната богослужба, а денес, свеќите се палат при извршување на светите тајни и при богослужбите. Освен тоа, некои светци, како св. Фануриј во иконографијата се претставени со запалени свеќи. Бројот на свеќите што се палат во одделни богослужби е различен, а тоа е одредено со Типикот по кој се раководат свештениците. На венчавките, на сопружниците им се даваат свеќи како знак на чистота, а на крштевките, тие ја симболизираат духовната светлина што ја прима новопросветениот. При погребите и помените, како и на гробовите се палат свеќи како симбол на светлината Христова која треба да го просветли покојникот.[3]

Кога одат во црквата, верниците треба да запалат свеќи за живите и за покојните, а тоа треба да биде проследено со молитви за милост и заштита на живите, односно за покој и спас на душата на умрените. Притоа, свеќите се палат на посебно место во црквите, т.н. шандани. При палењето на свеќата, верникот теба да се прекрсти и да ја бакне свеќата, со што се симболизира љубовта кон оние на кои им е наменета свеќата. Првата свеќа треба да биде посветена на Исус Христос, втората на Богородица, третата за светецот чие име го носи верникот, а четвртата за најблиските.[4]

Свеќата како тема во уметноста и во популарната култура[уреди | уреди извор]

  • „Свеќа“ (Candle) - песна на американската рок-група „Соник јут“ (Sonic Youth) од 1988 година.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Црковната свеќа е симбол за Христовата светлина“, Дневник, година XVIII, број 5617, петок, 14 ноември 2014, стр. 22.
  2. „Црковната свеќа е симбол за Христовата светлина“, Дневник, година XVIII, број 5617, петок, 14 ноември 2014, стр. 22.
  3. „Црковната свеќа е симбол за Христовата светлина“, Дневник, година XVIII, број 5617, петок, 14 ноември 2014, стр. 22.
  4. „Црковната свеќа е симбол за Христовата светлина“, Дневник, година XVIII, број 5617, петок, 14 ноември 2014, стр. 22.
  5. YouTube, Sonic Youth - Daydream Nation (1988) Full Album (пристапено на 25.9.2017)