Прејди на содржината

Погледот на Паралакс (филм од 1974)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Погледот на Паралакс (англиски: The Parallax View) - американски филм од 1974 година, во режија на Алан Ј. Пакула. Главните улоги ги играат: Ворен Бити, Хјум Кронин, Паула Прентис, Вилијам Даниелс, Кели Тордсен, Бил Џојс, Џим Дејвис, итн.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Новинарот Џо Фреди (го игра Бити) и неговата поранешна сопруга Ли Картер (ја игра Прентис), која исто така е новинарка, се меѓу сведоците на сенаторот Чарлс Керол (го игра Џојс). Државната комисија која го испитува случајот носи заклучок дека убиецот, кој смртно настрадал по атентатот, самостојно го извршил убиството и дека не постои никаква завера. Три години подоцна, Ли го посетува Џо, тврдејќи дека некој сака да ја убие, но Џо не ја сфаќа сериозно, знаејќи ги нејзината психоза и претходните обиди за самоубиство. Меѓутоа, откако Ли му кажува дека четворица сведоци на убиството на сенаторот веќе се мртви, тој почнува да ѝ верува. Набргу, Ли е пронајдена мртва, со официјално објаснување дека се предозирала, и тогаш Џо решава самостојно да ја открие заверата. Најпрвин, тој оди во едно мало место за да открие нешто повеќе за смртта на еден од сведоците на убиството на сенаторот, но тамошниот шериф се обидува да го убие. Сепак, Џо успева да се спаси, а во борбата за својот живот погинува шерифот. Притоа, кај шерифот пронаоѓа документи за фирмата „Паралакс“.

Потоа, Џо доаѓа во контакт со еден сведок (го игра Даниелс) на убиството и таму здогледува фотографија на убиецот на сенаторот. Тогаш, бродот на сведокот експлодира и сите мислат дека и Џо е меѓу погинатите. Истовремено, тој се пријавува на тестовите што ги спроведува „Паралакс“, претставувајќи се како нестабилна и агресивна личност, и оттаму добива потврда дека е избран за една работа. Во зградата на „Паралакс“, Џо го здогледува убиецот од фотографијата, го следи и открива дека тој подметнува бомба во авионот во кој патува еден сенатор. Сепак, џо го предупредува екипажот и авионот се враќа назад во аеродромот, каде што експлодира веднаш откако се истовараат патниците. Набргу, шефот на весникот (го игра Кронин) каде работи Џо е убиен. Џо го следи убиецот на „Паралакс“ до местото каде се одржува пробата за политичкиот митинг на сенаторот Хамонд (го игра Дејвис). Таму, сенаторот е убиен со снајпер, а Џо е наместен како извршител на убиството. Кога тој се обидува да побегне од местото, го убива еден убиец на „Паралакс“. И за тој случај е формирана посебна државна комисија, која прогласува дека Џо е убиецот на сенаторот Хамонд, дека делувал самостојно и дека нема никаква завера.[1]