Прејди на содржината

Неофит Бозвели

Од Википедија — слободната енциклопедија
Неофит Бозвели (c. 1785-1848)

Неофит Бозвели (бугарски: Неофит Бозвели) (о. 1785 – 4 јуни 1848) бил бугарски свештеник и просветител и еден од водачите на бугарската црковна борба.

Бил роден во градот Котел.[1] Образованието го завршил во родниот град. Бил монах во манастирот Хиландар на Света Гора околу 1803-1805. Кон 1813-1814 се населил во Свиштов, каде што работел како поп и учител. Во 1835 година во Крагуевац, Кнежевство Србија ја печати својата книга Словеноболгарское детеводство. Во оваа книга, Бозвели зборува за световно образование, за учење на народен јазик и формирање на јавни училишта.

Околу 1834-1835, Бозвели живеел во Кнежевството Србија со цел да го отпечати својот учебник. Таму се запознал со идеите на претходните српски просветители како Доситеј Обрадовиќ и Захарије Орфелин. По враќањето во Бугарија, активно се залагал за идејата за независна Бугарска православна црква. Се преселил во Цариград во 1839 да ја предводи борбата на бугарските трговци и занаетчии против доминантно грчката Вселенска патријаршија. Изградбата на бугарската црква во Цариград и основањето на бугарска општина започнале по негова иницијатива.

Но, неговите патриотски дејствија биле сфатени како опасни од Патријаршијата и бил прогонет на Света Гора во 1841 од каде избегал во 1844, и ја продолжил борбата заедно со неговиот помлад поддржувач Иларион Макариополски. Во 1845, тие добиле права да ги претставуваат Бугарите од Цариград пред османлиските власти и патријаршијата. Истата година, тие испратиле две молби до властите во кои ги објасниле барањата за бугарска црква. Ова предизвикало силен протест од Патријаршијата и двајцата биле протерани на Света Гора, каде Бозвели ги поминал последните години во манастирот Хилендар. Црковната борба ја продолжил Макариополски и успешно ја завршил со формирањето на Бугарската егзархија на 28 февруари 1870 со ферман на султанот Абдул Азис.

  1. MacDermott, Mercia (1962). A History of Bulgaria 1395–1885. New York: Frederick A. Praeger. стр. 131. Посетено на 18 June 2021 – преку Internet Archive.
  • Бакалов, Георги; Милен Куманов (2003). „НЕОФИТ БОЗВЕЛИ (Неофит Хилендарски-Бозвели) (около 1785-4.VI.1848)“. Електронно издание – История на България (бугарски). София: Труд, Сирма. ISBN 954528613X. OCLC 62020465.
  • Пундев, Васил. „Неофит Хилендарски Бозвели“ (бугарски). Литернет. Посетено на 2008-08-19.