Независност на Парагвај

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Фулхенсио Јегрос, првиот претседател на независен Парагвај.
Педро Хуан Кабалјеро, водичот и идеологот на независен Парагвај.
Кампањата на Белграно против Парагвај.
Карта на Парагвај од 1850 година.

Независноста на Парагвај е процес кој преку политички и воени дејствија современата држава Парагвај се изборила за сувереност и независност на својата територија и од шпанската империјалистичка власт. Процесот на независноста на Парагвај започнал на 14 мај 1811, една година по Мајската револуција во Буенос Аирес, кога била создадена локална владејачка хунта. Во почетокот на 1811 година парагвајските сили постојано ги поразувале аргентинските воени сили, кои пак ја сметале Парагвај за сепаратистичка покраина која сакала независност наместо да остане во федерацијата на скоро создадената држава Обединети Покраини на Рио де ла Плата (и двете биле составен дел на претходното Вицекралство Рио де ла Плата). Парагвајската Република била прогласена на 12 октомври 1813 година, а формалниот чин се случил на 25 ноември 1842. Парагвајската независност била зацврстена само по Парагвајската војна, настан кога Империјата Бразил се спротиставила на понудата на Аргентина за поделба и анектирање на Парагвај.

Позадина[уреди | уреди извор]

Во 1776 година шпанскиот крал Карлос III го создал Вицекралството Рио де ла Плата со главен град Буенос Аирес. Во склоп на оваа шпанска колонијална административна единица влегувале современите Аргентина, Боливија, Уругвај, Чиле, Парагвај и Рио Гранде до Сул (бразилска сојузна држава). Во 1782 година се воспоставил општинскиот систем, каде Општина Парагвај имал само едно населено место со статус град - Асунсион.

За време на Полуостровската војна во Шпанија, кога Наполеон ја зазел Шпанија и шпанскиот трон, Британската Империја се обидела да ја преземе контролата на шпанската колонија Вицекралство Рио де ла Плата преку своите инвазии на Рио де ла Плата. Во 1806 и 1807 Британците ги окупирале Буенос Аирес и околните градови. За протерување на Британците се организирале сите вицекралски покраини, меѓу кои и Парагвај. Парагвајските трупи во битките против Британија биле предводени од Гувернерот Веласко кои пак се бореле во битките за Монтевидео.

Монархистичка управа[уреди | уреди извор]

По Мајската револуција од 1810 година во Буенос Аирес и создавањето на Примера хунта, која пак се стремела за владеење на сите територии кои биле под управа на поранешното Вицекралство Рио де ла Плата, во Парагвај сè уште владееле структури од колонијалниот период. Така, Буенос Аирес го испратил Хосе де Еспинола во Асунсион со задача да ја приклучи поранешната колонијална покраина во составот на независната Обединети Покраини на Рио де ла Плата. Еспинола не успеал во оваа мисија и многу брзо бил избркан од Парагвај.[1]

Кралскиот гувернер во Асунсион, Бернардо де Веласко и Уидобро, на 24 јули организирал месно кабилдо составено од 200 месни благородници, кои на тој настан му одговориле на Буенос Аирес дека тие (односно Парагвај) сè уште се лојални на монархијата и шпанскиот крал Фернандо VII и го одбиле авторитетот на Примера хунта.[2] Дополнително на тоа, кабилдото донело одлука за мобилизација на населението и Веласко заминал со своите трупи во Јагуарон за да основа одбрамбени позиции.

Политичката иднина на Парагвај била одлучена со конфликти помеѓу три групи, секоја со своја засебна замисла за иднината на државата: „полуостровците“ (луѓе кои се родени во Шпанија и живеат во Парагвај), портењо (граѓани, во овој случај жители на Буенос Аирес и поддржувачи на Примера хунта) и месни Парагвајци и креолци предводени од Фулхенсио Јегрос и Педро Хуан Кабалјеро.[3]

Во септември 1810 година се обелоденил заговорот кој бил спреман од групата на луѓе „потењо“, план кој имал за цел заземање на Асунсион. Осомничените биле уапсени од властите и испратени во Форт Борбон.[4]

Луѓето од групата „портењо“ сакале да ја заземат власта на целото поранешно вицекралство и така во септември 1810 година Буенос Аирес повторно испратил трупи во Парагвај, овој пат под команда на Мануел Белграно. Целта била освојување на Парагвај, но сепак тие биле поразени од Парагвајците за време на битката на Такуари и битката на Парагвари. Оваа т.н. Парагвајска кампања (а во Парагвај денес се нарекува 'Војна за независност') била успешна за Парагвај, но катастрофална за Буенос Аирес.

За време на овој процес, гувернерот Веласко покажал голема слабост и плашење од можните анти-монархистички трупи од околните држави и планирал да побара поддршка од Португалија преку својата колонија Бразил и дури бил спремен да го прифати португалскиот суверенитет. Ова не било никако прифатливо за месното парагвајско население, особено одбивно било помеѓу креолското население. Тие сметале дека Португалија е стар непријател која присвоила голем број парагвајски територии.

Победата за време на Парагвајската кампања и ослабувањето на позицијата на монархистот Веласко го зацврстил локалниот патриотизам на Парагвајците и тие почнале да кројат планови за негово рушење од власта.

Револуцијата од 14 мај[уреди | уреди извор]

Првично планот бил да се започне со Парагвајската револуција на 25 мај, на првата годишнина од Мајската револуција. Се очекувало воените сили под команда на Фулхенсио Јегрос да маршираат од Итапуа и да бидат поддржани од гарнизони и од други градови, но преговорите на Веласко со Португалците ја забрзале револуцијата.

Вечерта на 14 мај 1811 година, воена побуна започнала во Асунсион. Под раководство на Педро Хуан Кабалјеро, поборниците тргнале кон седиштето на гувернерот Веласко, кое пак се наоѓало на плоштадот во Асунсион. Таму се сретнале со малиот гарнизон предводен од Маурисио Хосе Троче.

На полноќта, Висенте Игнасио Итурбе му ги објавил барањата на Веласко, кои во суштина биле:

  • да се предаде на главниот плоштад, да го предаде сето оружје и клучевите на кабилдото, или
  • гувернерот Веласко да остане на власт, но како дел од трочлена хунта, која би вклучила и двајца претставници избрани од офицерите.

Офицерите, меѓу кои биле Педро Хуан Кабалјеро, Фулхенсио Јегрос, Висенте Игнасио Итурбе, Маурисио Хосе Троче, Фернандо де ла Мора, Хуан Валеријано де Зебалјос и Хосе Гаспар Родригез де Франсија го присилиле Веласко да создаде трочлена извршна хунта.[5]

Веласко морал да ги прифати условите на офицерите, но се двоумел. Поради тоа, на плоштадот донеле дополнителни топови и му поставиле нов ултиматум на Веласко, односно краток рок за одговор на понудата. Утрото на 15 мај Веласко објавил дека ја предава власта. Веста била пречекана со радост, кренато било за прв пат знамето на независен Парагвај а веста била проследена со свечени истрели и биење на камбаните на црквите. Денес овој ден се слави како „Ден на независноста на Парагвај“.

На 17 мај народот бил официјално известен дека Парагвај е управуван од трочлена хунта: Веласко, Гаспар Родригез де Франсија и Хуан Валеријано де Зебалјос. Фулхенсио Јегрос стигнал во Ауснсион дури на 21 мај 1811.

Зацврстување на независноста[уреди | уреди извор]

Хунтата составена од гувернерот Веласко, месниот политичар Франсија и офицерот по родим од Шпанија - Забелјос, сè уште покажувале симпатии за сојузништво со шпанскиот престол. Оваа хунта владеела со Парагвај сè до основањето на Првиот национален конгрес на 17 јуни 1811.Пред Конгресот да се основа, на 9 јуни Веласко бил во куќен притвор бидејќи и понатака бил во преговори и заговори со Португалците.[6]

Конгресот одобрил создавање на нова петчлена „Гувернарна Супериорна Хунта“, предовдена од Јегрос. На 20 јули 1811 година хунтата испратила писмо до Буенос Аирес со што Асунсион побарал од Буенос Аирес да ја признае независноста на Парагвај и предложиле конфедерација на независни држави. На 12 октомври била потпишана краткотрајната конфедерација помеѓу Парагвај и Обединетите Покраини на Рио де ла Плата.

Вториот национален конгрес бил одржан на 30 септември и траел до 12 октомври 1813. На него имало 1100 делегати и претседател бил Педро Хуан Кабалјеро. Конгресот донес нов устав на 12 октомври 1813 и официјално била прогласена независна Парагвајска Република. Исто така се создало и двочлено извршно тело составено од Јегрос и Франсија. Третиот национален конгрес бил одржан на 3 и 4 октомври 1814 година и со тоа се укинало двочленото тело и започнува диктаторската ера на Парагвај на чело со Франсија.[7]

Меѓународно признавање[уреди | уреди извор]

Парагвај првично водел политика на изолација од надворешниот свет, особено кога со државата управувал Франсија. Истовремено државата избегнувала воени конфликти со Аргентинската Конфедерација и Империјата Бразил. Во тој момент Парагвај немал меѓународно признавање.

На 25 ноември 1842 година парагвајскиот конгрес формално го објавил Актот на независноста. На 17 јуни 1843 година Боливија ја признала нејзината независност, а истата била загарантирана кога Бразил ја признал парагвајската независност на 14 септември 1844, и Аргентина на 17 јули 1852. САД ја признале Парагвај на 27 април 1852 година.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]