М (филм од 1931)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

М - германски филм од 1931 година, во режија на Фриц Ланг, кој е и автор на сценариото, заедно со Теа фон Харбоу. Главните улоги ги играат: Петер Лоре, Елен Видман, Инге Ландгут, Ото Вернике, Густаф Грундгенс, Фридрих Гнас итн.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во еден германски град се појавува сериски убиец, кој веќе има убиено неколку деца. Последното убиство се случува така што еден маж го пресретнува девојчето Елзи Бекман (ја глуми Ландгут), му купува балон, а потоа го убива. Полицијата е под голем притисок за да го пронајде, но убиецот нема оставено никаква трага. Оттука, иако спроведува темелни истраги низ целиот град, полицијата не може да го најде убиецот. Истовремено, градот е зафатен од хистерија, затоа што секој се сомнева во секого. Поради тие случувања, криминалците во градот трпат големи загуби, па организираат состанок на којшто се договараат да го откријат убиецот. За таа цел, тие бараат помош од организацијата на питачите, кои ги има низ сите улици во градот. Во меѓувреме, врз основа на писмото што убиецот го праќа до весниците, полицијата доаѓа до важна трага која води во домот на Ханс Бекерт (го глуми Лоре), поранешен пациент на душевна болница.
Питачите започнуваат обемна потрага низ градот, будно внимавајќи на секој маж кој доаѓа во допир со девојчиња. Еден ден, додека убиецот шета низ градот, еден слеп питач го препознава по мелодијата што ја пее. Питачот му дава сигнал на еден свој другар, кој започнува да го следи убиецот при што во еден миг му става знак на капутот (буквата М). На тој начин, сите питачи можат лесно да го следат убиецот додека тој бега низ градот. Најпосле, тој се сокрива во една деловна зграда, но таму доаѓаат криминалците, предводени од Шренкер (го игра Грундгенс) и успеваат да го фатат убиецот. Меѓутоа, криминалецот Франц (го игра Гнас) останува во зградата и тој е уапсен. Кога инспекторот Лохман (го игра Вернике) ќе го обвини за убиство, Франц го зафаќа паника и му го соопштува местото каде криминалците го однесле убиецот. Во меѓувреме, во една напуштена фабрика, тие организираат вистинско судење, во кое сите се едногласни дека убиецот треба да биде осуден на смрт, иако тој се правда дека не е свесен за убиствата што ги извршил. Тогаш, таму пристигнува полицијата и потоа убиецот е изведен пред судот. Таму, мајката на убиената Елзи (ја глуми Видман) изјавува дека родителите треба подобро да се грижат за своите деца.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]