Прејди на содржината

Монголско дерби

Од Википедија — слободната енциклопедија

Монголското дерби е долга коњска трка, која ја тестира издржливоста на џокејот. Трасата на трката е преку 1000 km низ монголската степа, па овој натпревар го добива епитетот на најдолгата коњска трка во светот. Монголското дерби го оживува искуството на системот со коњски курири кој е зодаден од Џингис Хан во 1224 година. Во 2016 година, на трката учествуваат 23 жени и 21 маж во улога на курири. Учесниците таа година доаѓаат од 13 различни земји. Трасата се менува секоја година и се чува во тајност до последен момент. Пределите на трката вклучуваат планински превои, отворени зелени котлини, пошумени ридови, премини преку реки, мочуришта и бари, песочни опустошени дини, ридест предел и отворена степа.

Котизацијата за Монголското дерби во 2020 година е околу 800 илјади македонски денари, што на џокејот му обезбедува 25-27 монголски коњи, тим за поддршка, тренинг пред трката, како и пристап до успатни станици за помош. Џокеите мораат да го променат коњот секои 40 km на станиците за помош. Ветеринари ја следат состојбата на коњите и може да изречат казна ако џоикеите ги форсираат животните кои им се ставени на располагање. За учество, секој џокеј мора да прикаже доказ дека е во состојба да го издржи грубиот терен и дека поседува напредни јавачки способности. Коњите се полудиви и не секогаш соработуваат со џокеите, што додава уште еден предизвик за учесниците. Во просек, секој џокеј поминува околу 14 часа на ден јавајќи, а трката трае околу десет дена. Само околу половина од учесниците секоја година ја завршуваат трката, па самото пристигање на целната линија претставува голем успех.[1]

  1. „The Mongol Derby“. The Adventurists (англиски). Посетено на 2020-04-07.