Многучетинести црви

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Полихети
Eudistylia polymorpha со своите пипала
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Прстенести црви
Класа: Многучетинести црви
Грубе, 1850
Поткласи

Palpata
Scoleoida

Класата на многучетинести црви или полихети (или Polychaeta, грчки poly = многу, chaeta = четинки, хети) е најраспространетата и најспецијализирана група на прстенести црви која брои околу 5,500 видови. Тие главно се морски животни и во еколошки поглед се поделени на Errantia (подвижни) и Sedentaria (неподвижни) многучетинести црви. Оваа класификација денес не е валидна во таксономски поглед, но е корисна. Подвижните многучетинести црви имаат добро развиени глави и сложени параподии кои ги користат за пливање. Честопати многучетинести црви се грбно-стомачно сплескани.

Повеќето многучетинести црви се гонохористи (постојат мажјаци и женки), меѓутоа некои се секвенцијални хермафродити (што значи дека една единка прво е еден пол, а потоа се менува во друг пол). Размножувањето е често проследено со продукција на специјални модифицирани репродуктивни сегменти кои можат или неможат да станат независни од мајчиниот организам пред парењето. Овие сегменти се уништуваат или умираат за време или одма откако ќе ги испуштат своите гамети.

Морфологија[уреди]

Пресек на многучетинест црв со приказ на неговата внатрешна анатомија

Повеќето многучетинести црви се долги и тенки со тела изградени од серии на идентични сегменти. На предниот крај на телото се наоѓа сегментот наречен простомиум, а понекогаш по него следува перистомиумот, од кои се состои главата. На задниот крај е пигидиумот од каде се формираат нови сегменти. Но не сите видови се изградени по овој основен план. Постојат и кратки и клопчести видови кои се прекриени со влакна или лушпи и кои воопшто не личат на црви, како морскиот глушец (Aphrodite aculeata).

Кај повеќето многучетинести црви, особено подвижните, главата е добро развиена и на неа се наоѓаат очи, сетилни пипалца и уста. Во устата има хитински вилици и фаринкс кој може да се издолжи надвор од устата. Кај многу од седентарните форми сите овие структури се редуцирани или отсуствуваат. Разликите помеѓу слободните и седентарните форми се рефлектираат и во нервниот систем кој е многу подобро развиен кај слободните видови. Исто така, активните форми имаат добро развиени странични додатоци. Овие додатоци не се вистински нозе и се нарекуваат параподии. Тие содржат свои мускули, нерви и хети. Имаат најразлична намена, но кај слободните форми тие најмногу се користат како органи за движење (локомоција). Кај седентарните видови овие параподии се редуцирани или отсуствуваат. Меѓутоа, седентарните многучетинести црвиобично имаат неколку или повеќе пипалца асоцирани со главата кои помагаат при собирањето на храната (филтерно хранење). Кај некои форми, параподиите на првите два сегменти можат да бидат трансформирани во цирии, долги и тенки додатоци како антените или пипалцата.

Анатомија[уреди]

Нервен систем[уреди]

Arenicola marina.
Aphrodita aculeata.

Нервниот систем се состои од мозок (односно церебрална ганглија) кој се наоѓа во простомиумот и е поврзан за вентралното нервно стебло и подголточната ганглија преку специјален сет на нерви наречени циркумфарингални конективи. Вентралното нервно стебло е опколено со фибинска маса. Меѓу другото, оваа маса дејствува и како потпора на мускулите кои ги движат параподиите. Вентралниот нерв содржи два вида на нервни фибрили - нормални и џиновски. Џиновските фибрили се користат при брзи маневри на животното. Вентралниот нерв се разгранува на повеќе други нерви во секој сегмент. Кај поактивните слободни форми, секој сегмент има своја мала ганглија, но кај седентарните таа отсуствува.

Циркулаторен систем[уреди]

Крвниот систем е од затворен тип, што значи дека се состои од крвни садови низ кои циркулира крв. Постојат два главни лонгитудинални крвни садови - еден дорзален и еден вентрален. Овие садови имаат кружни мускули околу нив кои ритмично се контрахираат, така што и помагаат на крвта при движењето. Тие исто така содржат и клапи кои и овозможуваат на крвта да тече само во еден правец. Крвта тече од главата кон задниот дел во вентралниот сад и назад, од задниот дел кон главата во дорзалниот сад. Во секој сегмент има неколку странични садови кои се разгрануваат од главните садови. Во првите неколку сегменти тие се трансформирани во странични срца. Крвта на дождовните црви (и анелидите) содржат хемоглобин, што ја прави крвта црвена.

Гасна размена[уреди]

Гасната размена најчесто се случува преку целата телесна површина. Кај подвижните форми, параподиите се особено добро снабдени со крвни садови и се важни органи за гасна размена. Кај седентарните форми, доколку постојат пипалца, тие ја вршат истата функција. Други видови имаат специјални надворешни жабри (Arenicola marina).

Екскреција и осморегулација[уреди]

Екскрецијата на метаболичките продукти се остварува преку дејството на метанефридиите. Тие се долги извиткани цевчиња кои поседуваат многу цилии кои ја обложуваат нивната внатрешна површина. Крвта и целомската течност влегуваат во метанефридиите, каде хранливите материи, водата и солите се отстрануваат низ нефридиопората. Повеќето телесни сегменти, со исклучок на првите три и последниот, имаат сопствен пар на метанефридии. Нивниот број кај седентарните многучетинести црви може да е редуциран, а кај A. marina тие се наоѓаат само во сегментите од 4 до 9. Нефридиите служат и како органи за осморегулација. Кај видовите кои живеат во слатка вода или средини со различна соленост (како Nereis pelagica), нефридиите се подолги за да им помогнат при поголемиот осмотски потенцијал меѓу телесните течности и течноста од околината во која живеат.