Макропрудентна супервизија
Макропрудентна супервизија или макропрудентна регулација — пристап за финансиска супервизија којшто има за цел да се ублажи ризикот на финансискиот систем во целост, т.е. системскиот ризик. По финансиската криза од доцните 2000-ти, постои растечки консензус меѓу создавачите на политики и економските истражувачи за потребата од пренасочување на регулаторната рамка кон макропрудентни политики.
Историја
[уреди | уреди извор]Поимот „макропрудентно“ бил за првпат употребен во доцните 1970-ти во необјавени документи на Куковиот комитет (предвесник на Базелскиот комитет за банкарска супервизија) и Банката на Англија.[1] Но, дури во раните 2000-ти, по период од две декади со финансиски кризи во индустриските и најчесто во пазарните економии во појавување,[2] започнал да се промовира макропрудентниот пристап во регулаторната рамка, особено од страна на челниците на Банка за меѓународни порамнувања. Поголема согласност за примената на овој пристап била постигната по финансиската криза од доцните 2000-ти.
Цели и оправданост
[уреди | уреди извор]Главна цел на макропрудентната супервизија е да се намали ризикот и макроекономските трошоци од финансиската нестабилност. Прифатено е дека неопходно треба да се пополни јазот меѓу макропрудентните политики и традиционалната макропрудентна супервизија на финансиските институции.[3]
Макропрудентна наспроти микропрудентна супервизија
[уреди | уреди извор]Макропрудентните и микропрудентните политики се разликуваат во поглед на нивните цели и разбирањето на природата на ризикот.[4] Традиционалната микропрудентна супервизија бара да се зајакне сигурноста и цврстината на поединечни финансиски институции, за разлика од макропрудентната супервизија којашто се фокусира на благосостојбата на целокупниот финансиски систем. Понатаму, ризикот во микропрудентната супервизија се зема предвид како егзогена променлива, така што се претпоставува дека секој шок којшто предизвикува финансиска криза потекнува надвор од финансискиот систем. Од друга страна, макропрудентниот пристап претпоставува дека факторите на ризик може да се анализираат како ендогени променливи, т.е. како системски феномен. Во склад со ова размислување, макропрудентните политики ја опфаќаат меѓусебната поврзаност на поединечните финансиски институции и пазари, како и нивната заедничка изложеност на економските фактори на ризик. Тие исто така се фокусирани на процикличното однесување на финансискиот систем со цел да се одржи неговата стабилност.
Теоретско начело
[уреди | уреди извор]На теоретска основа се смета дека реформата во прудентната супервизија треба да обединува три различни парадигми:[5] агентската парадигма, парадигмата на екстерналии и парадигмата на промени во расположението. Улогата на макропрудентната супервизија посебно се однесува на последните две.
Агентската парадигма го нагласува значењето на агентскиот проблем. Главен аргумент е тоа што државата во улога на последен кредитор и осигурувач на депозитите ги менува поттиците за банките да преземаат ризик. Ова е одраз на агентскиот проблем попознат како морален хазард. Имено, постоењето на систем за осигурување на депозитите и недоволно регулирани портфолија на банките ги поттикнува финансиските институции да преземат поголем ризик.[6] Меѓутоа, оваа парадигма претпоставува дека ризикот произлегува од поединечните прекршоци и со тоа отстапува од нагласокот на целокупниот систем како основа на макропрудентниот пристап.
Во парадигмата на екстерналии, клучниот концепт е наречен парична екстерналија. Таа се дефинира како екстерналија којашто се јавува кога дејствието на еден економски агент влијае врз благосостојбата на некој друг агент преку ефектите врз цените. Кога постојат нарушувања во економијата (на пр. нецелосни пазари или несовршени информации), спроведувањето на политики може да ја подобри благосостојбата на секој агент во смисла на Паретовата ефикасност.[7] Всушност, голем број на автори покажале дека кога агентите се соочуваат со ограничувања во позајмувањето или други видови на финансиски фрикции, произлегуваат парични екстерналии и се појавуваат други нарушувања (на пр. прекумерно позајмување, прекумерно преземање на ризик и превисоки нивоа на краткорочен долг).[8] Во овој контекст, макропрудентната супервизија може да ја подобри општествената ефикасност. Студијата на политиките спроведена од страна на Меѓународниот монетарен фонд укажува на тоа дека екстерналиите на ризикот меѓу финансиските институции и од нив кон реалниот сектор се пазарен неупсех којшто ја оправдува примената на макропрудентната супервизија.[9]
Во парадигмата на промени во расположението, Кејнзовите животински духови значително влијаат врз однесувањето на менаџерите на финансиските институции, предизвикувајќи прекумерно ниво на оптимизам во добри времиња и ненадејно смалување на ризикот во лоши времиња. Како резултат на тоа, ценовните сигнали на финансиските пазари може да бидат неефикасни, зголемувајќи ја веројатноста од системска неволја. Поради тоа, улогата на макропрудентната супервизија во ублажување на неизвесноста и готовноста за справување со ризиците поврзани со финансиските иновации е оправдана.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Clement, P. (2010). The term "macroprudential": origins and evolution. BIS Quarterly Review, March.
- ↑ See Reinhart, C. and Rogoff, K. (2009). This time is different: Eight centuries of financial folly. Princeton University Press.
- ↑ Bank of England (2009). The role of macroprudential policy. Bank of England Discussion Paper, November.
- ↑ Borio, C. (2003). Towards a macro-prudential framework for financial supervision and regulation? BIS Working Papers No 128, February.
- ↑ de la Torre, A. and Ize, A. (2009). Regulatory reform: Integrating paradigms. The World Bank. Policy Research Working Paper 4842.
- ↑ See Kareken, J. and Wallace, N. (1978). Deposit insurance and bank regulation: A partial-equilibrium exposition, Journal of Business, 51: 413-438.
- ↑ Greenwald, B. and Stiglitz, J. (1986). Externalities in economies with imperfect information and incomplete markets, Quarterly Journal of Economics, 101: 229-264.
- ↑ Видете повеќе во: Bianchi, J. (2010). Credit externalities: Macroeconomic effects and policy implications. American Economic Review: Papers & Proceedings, 100: 398-402; и Korinek, A. (2011). The new economics of prudential capital controls: A research agenda. University of Maryland. Mimeo.
- ↑ De Nicolo, G., G. Favara and L. Ratnovski (2012). Externalities and macroprudential policy, IMF Staff Discussion Note 12/05.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Conference Macroprudential regulation and policy (BIS - BoK, 2011), збирка на статии презентирани за време на конференцијата под наслов „Macroprudential regulation and policy“ во заедничка организација на Банката за меѓународни порамнувања и Банката на Кореја од 16–18 јануари 2011.
- Survey of Systemic Risk Analytics (1/10/2012) Dimitrios Bisias, Mark Flood, Andrew W. Lo, Stavros Valavanis.
- “The Macroprudential Toolkit: Measurement and Analysis” Архивирано на 5 септември 2013 г., December 1-2, 2011 Washington, DC.
- A literature review (Galati and Moessner, 2011)
- Report by the Working Group on Macroprudential Policy established by the Group of Thirty Архивирано на 15 февруари 2012 г.