Македонската книжевност во 19 век

Од Википедија — слободната енциклопедија

Македонската книжевност во 19 век ги опфаќа книжевните жанрови кои ги практикувале македонските автори во тој период.

Услови за појава на македонска книжевност[уреди | уреди извор]

Во овој период, во Македонија, се забележува зголемување на градското население од кое подоцна произлегла граѓанската класа, класното раслојување, еснафското здружување, изградбата на печатници и појава на световната книжевност, создавање црковно-училишни општини, а особено се карактеристични борбите за отфрлање на грчката духовна власт и воведувањето на народен јазик во наставата. Положбата на Македонија во овој период била таква, што Македонците се наоѓале под тројно ропство: политичко, духовно и просветно. Во такви услови започнало просветителското движење, чија основа била иста кај сите народи: борба за народен јазик, описменување на народот, конституирање на државноста.

Почетоците на македонската книжевност[уреди | уреди извор]

Како што споменавме погоре, во XIX век првите македонски книги биле печатени надвор од Македонија: Будим и Пешта, Цариград, во Хрватска, Србија и Бугарија. Во минатите времиња (XVI-XVIII век), македонските книги се печателе уште подалеку: во Венеција и Влашко. Така, печатарот Јаков од Камена Река, село во Осоговските планини, во 1566 година во Венеција испечатил еден црковен текст. Малку подоцна, во 1569/70 година, била испечатена уште една книга која што се продавала во „првата македонска книжарница“ на Кара Трифун во Скопје. Во XVII век се појавуваат неколку Македонци кои работеле како печатари во Влашко. Познати се имињата на некои од нив: монахот Нектариј од битолската епархија, јеромонахот Мелетиј Македонец и јеромонахот Стефан од Охрид.[1]

Во овој период значајно е собирањето на народното творештво. Тоа усно творештво силно влијаело врз понатамошното дооформување на македонската книжевност и македонскиот пишан збор. Ваквата необемна книжевна дејност и творештво било како резултат на историско-политичките околности во кои се наоѓале Македонците и Македонија. Таквите услови го прекинале континуитетот на создавање книжевни дела од пред доаѓањето на Турците на Балканскиот полуостров па сè до појавата на Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ. Всушност литературната дејност во почетокот на 19 век била задоцнета одглас на средновековната религиозно-поучна литература[2].

Сепак значењето на македонската книжевност од 19 век е несомнено. Таа ги изразува суштествените страни во развитокот на македонскиот народ, сведочејќи за неговите напори да се ослободи од затегнатоста и да стапи во редот на културните народи. Овој период е и доста важен при развојот на македонскиот јазик. Развојот на правописот и правописноте правила довело постепено до целосно оформување во еден современ стандарден македонски јазик. Покрај овие карактеристични црти, во некои од умотворбите и собраните дела, како оние на Марко Цепенков, се забележува одреден стил при пишување што укажува на зрела литературна култура кај Македонците од 19 век[3].

Појава на првите печатени изданија на народен македонски јазик[уреди | уреди извор]

Во почетокот на 19 век се формирала покомпактна македонска граѓанска средина која стекнала извесна економска моќ и со тоа дошло до менување на традиционалниот живот на Македонците во овој период. Покрај тоа, кај граѓанскиот започнало да се покажува интерес и за зацврстување на својата положба на културно-општествен план. Тоа резултирало со отворање на нови манастири, цркви и школи кои за кратко време биле обележани како „ќелијни училишта“.

Стремежот да се создадат упоришта на културно-просветна дејност се изразило видно во активноста на македонското граѓанство во првата половина на 19 век. Тогашните услови, политичко-историски, не дозволиле да се создаде голем образовен центар но се постигнал одреден степен на образование кај граѓанството. Таков прв обид е отворањето на печатницата на Теодосиј Синаитски во Солун во 1838 година.

Развојот на писменоста довел до експанзија на македонското авторство. Првата генерација претставници на македонската книжевност во XIX век ја сочинувале: Јоаким Крчовски, Теодисиј Синаитски, Кирил Пејчиновиќ. Тие создавале литература, наменета за широките народни маси, блиска до религиозните побарувања на црквата, но со световен призвук. Најчесто станувало збор за компилирање и прилагодување туѓи религиозни текстови на народен говор. Практиката да се пишува на црковнословенски јазик била отфрлена, поради потребите текстовите да бидат слушнати и разбрани од поголем круг читатели. Со вклучувањето на локалните говори, книгите полесно се обнародувале.

Понатамошен развој на македонската книжевност[уреди | уреди извор]

По 50-те години, условно речено, се појавила втората генерација македонски книжевници: Ј. Х. К. Џинот, браќата Миладиновци, браќата Константин и Андреја Петкович, Григор Прличев, Рајко Жинзифов, Кузман Шапкарев и други. Карактеристично за нивниот книжевен ангажман е силното влијание на фолклорот. Сите тие собирале, проучувале и објавувале зборници со македонско народно творештво (песни, приказни, легенди, преданија, поговорки).

Што се однесува до жанровската определба која ја практикувале македонските автори, може да се заклучи дека еден од најзастапените книжевни видови била поезијата. Поетски творби оставиле Џинот („Труд ми е името“, „Река Вардар“, „Аврора“ итн.), Константин Миладинов („Т’га за југ“, „Шупелка“, „Бисера“ итн.), Прличев („В хилјада и седемстотин шездесет и второ лето“, „Охридски џган“, поемата „Сердарот“, епот „Скендербег“ итн.), Константин Петкович („Сон султана“ итн.), Андреја Петкович („Глас от далека землја“ итн.), Жинзифов („Безсоница“, „На чуждина“, „Гусљар в собор“, поемата „Крвава кошуља“ итн.), Ѓорѓија Пулевски („Самовила македонска“, „Плачење македонско“, „Македонцим ув прилог“ итн.), Цепенков („Редењето на дедо Марко Цепенков“, „Позив од мајка Македонија“, „Мојата песна“ итн.).

Литература[уреди | уреди извор]

  • Кирил Пенушлиски, Македонскиот фолклор (историски преглед), Матица македонска, Скопје, 2004.
  • Блаже Конески, За македонската книжевност, Култура, Скопје, 1967.
  • Блаже Конески, Историја на македонскиот јазик, Култура, Скопје, 1967.
  • Харалампие Поленаковиќ, Страници од македонската книжевност, Македонска книга, Скопје, 1969.
  • Васил Тоциновски, Тајни и трајни пораки, Дирекција за култура и уметност, Скопје, 2003.
  • Ристовски, Блаже, Македонскиот преродбенски XIX век, прилози за македонската литературно-културна историја, I, прва книга, Три, Скопје, 2011.
  • Славчо Ковилоски, Македонското женско творештво во XIX век, ИМЛ, Скопје, 2018.
  • Ванчо Тушевски, Нова македонска книжевност, Менора, Скопје, 2008.
  • Блаже Ристовски, Македонски летопис, раскопки на литературни и национални теми, I, Македонска книга, Скопје, 1993.
  • Томе Саздов, Усна народна книжевност, Детска радост, Скопје, 1997.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Поленаковиќ, Харалампие (1969). Страници од македонската книжевност. Скопје: , Македонска книга. стр. 124.
  2. стр. 132, За македонската книжевност, Блаже Конески, Култура, Скопје, 1967
  3. стр. 133, За македонската книжевност, Блаже Конески, Култура, Скопје, 1967

Поврзано[уреди | уреди извор]