Бура (драма)
„Бура“ или „Луња“ (англиски: The Tempest) — драма на Вилијам Шекспир. Се верува дека драмата е напишана околу 1610-1611 година, а многу критичари сметаат дека е последната драма што Шекспир ја напишал сам. Дејствoто се одвива на далечен остров, каде Просперо, избрканиот војвода на Милано, користејќи илузии и манипулација, размислува за тоа како да ја врати својата ќерка Миранда на нејзиното вистинско место. Тој создава бура за да го намами својот брат Антонио, кој е сегашен војвода на Милано, иако нема право на тоа, и неговиот соучесник Алонсо, кралот на Неапол. Таму, неговите планови ја откриваат подлата природа на Антонио, избавувањето на Алонсо и бракот на Миранда со синот на Алонсо, Фердинанд.
Не постои единствен и очигледен извор кој служи како основа за приказната во „Бура“, но истражувачите пронашле паралели во „Науфрагиум“ на Еразмо Ротердамски, „Де орбо ново“ на Петар Мартир, и во изјавата од Вилијам Страхеј, кој запознал човек , очевидец на потонувањето на бродот „Морско патување“ кај Бермудските острови. Притоа, еден од говорите на Гонсало потекнува од есејот „За канибалите“ од Монтењ; и голем дел од прошталниот говор на Просперо е преземен од збор до збор од Медеја од поемата „Метаморфоза“ на Овид. Маскарадата во чин 4 се смета дека е додадена подоцна, во чест на венчавката на принцезата Елизабета и Фредерик Петти во 1613 година. Драмата за првпат е издадена во „Првото фолио“ во 1632 година.
Приказната се темели на традицијата на романтичарскиот жанр, но исто така на самата приказна влијаат трагикомедијата и кралската маскарада и можеби и „комедиа дел’арте“. Драмата се разликува од другите драми на Шекспир во нејзиното користење на построг, поорганизиран неокласичен стил. Критичарите ја гледаат „Бура“ како премногу само загрижувачка драма која често ја поврзува „уметноста“ на Просперо и театарската илузија; раните критичари го гледале Просперо како репрезентација на Шекспир и Просперовото простување со магијата го сметале како простување на Шекспир со театарот. Драмата го претставува Просперо како рационален маѓесник кој не се занимава со окултизмот и за да се докаже ова, во драмата е направено споредба помеѓу Просперо и Сикоракса. Магијата на Сикоракса е често опишана како деструктивна и ужасна, додека магијата на Просперо е опишана како чудесна и прекрасна. Во 1950-те години, со издавањето на „Психологија на колонизирањето“ од Октав Манони, „Бура“ била видена сè повеќе и повеќе низ призмата на пост-колонијалната теорија и има дури и школска статија за пост-колонијална критика наречена Калибан. Миранда обично била видена како девојка која длабоко го почитува патријахалниот ред на работите, сметајќи се себеси како потчинета на татка си.
„Бура“ не привлекувала доволно внимание пред затворањето на театрите во 1632 година и станала популарна по Реставрацијата, но само во приспособени верзии. На половината од 19 век, театарските продукции започнале да го враќаат оригиналниот текст, а во 20 век критичарите и научниците започнале значајно проучување на вредноста на драмата и ова го променило мислењето за драмата до таа мера што сега оваа драма се смета за едно од најдобрите дела на Шекспир. Драмата е адаптирана многупати во различни стилови и форми; во музиката, во најмалку 46 опери од композитори како што се: Фроментал Халеви, Зденек Фибих, Ли Хоиби и Томас Адес; во оркестарски дела на Чајковски, Артур Саливан и Артур Хонегер; во песни од различни изведувачи како што се Ралф Вилијамс, Мајкл Њуман и Пит Сигер; во литературата, како што се поемите „Со гитара“ и „До Џејн“ на Перси Биш Шели, поемата „Морето и огледалото“ на В.Х. Одн и новелите на Еме Чезаре и Маргарет Лоренс; во сликарството (Вилијам Хогарт, Хенри Фузели и Џон Еверет Миле); во кинематографијата, како што се сценскиот перформанс на Херберт Бирбум Три од 1905 година, научно-фантастичниот филм „Забранетата планета“ од 1956 и филмот „Книгите на Просперо“ на Питер Гринавеј во 1991 година.[1]
Ликови
[уреди | уреди извор]- Просперо – вистинскиот војвода на Милано, маѓесник и протагонистот на драмата.
- Миранда – ќерка на Просперо
- Ариел – духот кој му помага на Просперо
- Калибан – синот на вештерката Сикоракса и роб на Просперо
- Алонсо – кралот на Неапол
- Себастијан – братот на Алонсо
- Антонио – братот на Просперо и бесправен војвода на Милано
- Фердинанд – синот на Алонсо
- Гонсало – советник кој им помогнал на Просперо и Миранда
- Адријан и Франциско – благородници
- Тринкуло – шут
- Стефано – пијаниот батлер
- Ирида, Церера и Јунона – духови и богови
- Капетанот на бродот
Краток преглед
[уреди | уреди извор]Маѓесникот Просперо, вистинскиот војвода на Милано и неговата ќерка Миранда, се заборавени на остров дванаесет години откако љубоморниот брат на Просперо, Антонио – потпомогнат од кралот на Неапол, Алонсо – го отфрла од престолот Просперо и го остава на брод со неговата тригодишна ќерка Миранда. Гонсало, кралскиот советник, тајно го полни бродот со многу храна, вода, алишта и највредните книги од библиотеката на Просперо. Поседувајќи волшебни моќи кои ги добил благодарение на долгогодишното образование и читање, на Просперо му служи дух по име Ариел, кој Просперо го спасил од дрво во кое Ариел бил заробен од вештерката Сикоракса. Просперо ја одржува лојалноста на Ариел ветувајќи му дека ќе го ослободи од должноста. Сикоракса била протерана на островот и починала пред да пристигне Просперо. Нејзиниот син Калибан, деформиран монструм и единствениот жител на островот пред пристигнувањето на Просперо, бил посвоен и одгледан од Просперо. Тој го научил Просперо како да преживее на островот, а за возврат Просперо и Миранда го учеле Калибан за религијата и нивниот јазик. Откако Калибан се обидел да ја силува Миранда, Просперо, со помош на своите моќи го направил Калибан свој роб. Како роб, Калибан започнал да ги мрази Просперо и неговата керќа, додека, Просперо и Миранда го гледаат Калибан со презир и одвратност.
Драмата започнува со Просперо, кој откако дознава дека Антонио се наоѓа на брод кој поминува блиску до островот, создава бура која го носи бродот на островот. На бродот исто така се наоѓаат и пријателот на Антонио, кралот на Неапол Алонсо, кој му помогна на Антонио да дојде на престолот, братот и синот на Алонсо (Себастијан и Фердинанд) и советникот на Алонсо, Гонсало. Сите овие патници се враќаат од свадбата на ќерката на Алонсо, Кларибел со кралот на Тунис. Просперо, со помош на своите магии, ги раздвојува патниците на неколку групи и така Алонсо, кој е разделен од Фердинанд, смета дека син му е мртов.
Од тој момент, три дејства се менуваат во драмата. Во првото, Калибан се сретнува со Стефано и Тринкуло, двајца алкохоличари, и верува дека тие се дојдени од месечината. Тие тогаш се обидуваат да кренат бунт против Просперо, бунт кој има лош крај. Во второто дејство, Просперо се обидува да воспостави љубовна врска помеѓу Фердинанд и Миранда; Фердинанд и Миранда се вљубуваат на прв поглед, но Просперо се грижи дека „премногу лесна победа ќе ја направи наградата да изгуби вредност“, и го прави Фердинанд свој слуга, лажејќи дека тој гледа на него како шпион. Во третото дејство, Антонио и Себастијан планираат да ги убијат Алонсо и Гонсало и со тоа Себастијан да стане крал на Неапол. Во ова ги спречува Ариел, по наредба на Просперо. Ариел им се појавува на „трите грешници“ (Алонсо, Антонио и Себастијан) како харпа, потсетувајќи ги на нивното предавство кон Просперо. Просперо го контролира патот по кој се движат неговите непријатели и со тоа ги привлекува се поблиску и поблиску кон себе.
Во заклучокот, сите главни ликови се наоѓаат пред Просперо, кој му простува на Алонсо. Тој исто така им простува на Антонио и Себастијан, но и ги предупредува да не направат уште едно предавство. На Ариел му е доделена задачата да создаде погодно време за патување и кое ќе ги води Алонсо и неговите сопатници (вклучувајќи ги Просперо и Миранда) назад кон кралската флота и потоа до Неапол, каде Фердинанд и Миранда ќе се венчаат. Откако Ариел ќе ја заврши оваа задача, тој ќе биде слободен. Просперо му простува на Калибан, кој е испратен да го подготви домот на Просперо, во кој Алонсо и неговата дружина се поканети на последна ноќ на островот пред да заминат. Просперо вели дека тој планира да ги забавува со неговата приказна за тоа како тој живеел на островот. На крајот, Просперо се одлучува да го скрши и закопа својот магичен стап и да ја „потопи“ својата книга со магии, и во епилогот, лишен од своите магични моќи, ја каниа публиката да го ослободи со аплауз.
Дата и извори
[уреди | уреди извор]Повеќето научници сметаат дека „Бура“ е напишана околу 1610-1611 година и генерално е прифатено дека оваа драма е последна драма која Шекспир ја напишал сам. Научниците исто така не можат да утврдат дали оваа драма е напишана пред, подоцна или пак во исто време со „Приказната за зимата“, драма на која исто така не може да и се одреди времето кога е напишана. Едвард Блунт ја регистрирал „Бура“ во регистарот на 8 ноември 1623 година и е една од шеснаесетте Шекспирови драми кои Блунт ги регистрирал на таа дата.
Современи извори
[уреди | уреди извор]Не постои единствен и очигледен извор кој служи како основа за приказната во „Бура“; драмата изгледа дека е составена од повеќе извори.Уште од 18 век, од самото започнување на школото кое ги истражува изворите, истражувачите пронашле извадоци во „Бура“ од „Нафрагиум“, напишана од Еразмо Ротердамски, и преводот на Ричард Еден од 1555 за „Де орбо ново“, напишана од Питер Мартр. Притоа, повеќето критичари сметаат дека „Вистинскиот извештај за бродоломот и избавување на Сер Томас Гејтс, витезот“ на Вилијам Страхеј, извештај кој е изјава од очевидец за потонувањето на бродот „Морско патување“ на островот Бермуда во 1609 година додека пловел кон Вирџинија, е земен како основен извор на Шекспир за „Бура“ поради сличностите во темата, приказната и речникот. Иако не е објавена сè до 1625 година, изјавата на Страхеј, една од неколкуте кои го објаснуваат инцидентот, е датирана од 15 јули 1610 година и критичарите велат дека Шекспир морал некаде да го види ракописот таа година. Е.К. Чејмберс го гледа „Вистинскиот извештај“ како шекспировиот „главен мотив“ за „Бура“, и современите издавачи велат дека Шекспир сигурно „преземал“ од Страхеј и Монтањ одредени делови во драмата. Но исто така има и скептицизам за наводното влијание на Страхеј. Кенет Мур тврди дека “нема сомневање дека Шекспир го прочитал „Вистинскиот извештај“ на Вилијам Страхеј, но степенот на вербалното ехо кој памфлетите го имаат е претеран. Не постои бродолом во историјата или фикцијата во кој не се спомнува делење, тонење на бродот поради товарот, сметањето на патниците за изгубени, недоволната острина на северните ветрови или пак неспособноста на патниците да се фатат за остатоците од бродот и да одпливаат до брегот“, и продолжува да вели дека „известувањето на Страхеј за бродоломот е комбиниран со мемоарите на Свети Павле и разговорите на Еразмо“.
Викторијанските антиквари Џозеф Хантер и Карл Елц го оспориле датумот на објавување (1610-1611), и ова оспорување е оживеано од Роџер Стритматер и Лин Коситцки во 2007, односно 2009 година. Тие велат дека изворите кои се пред писмото на Страхеј се совпаѓаат со шекспировите изразувања и текстови.
Друг преживеан од бродоломот, Силвестер Журден, исто така објавил извештај „Откритие на Бермудите“ датирано 13 октомври 1610 година, и Едмонд Мелоун, базирајќи ги своите аргументи на извештајот на Силвестер Журден, не се согласува со датумот на објавување (1610-1611).
Текст
[уреди | уреди извор]„Бура“, во споредба со другите драми на Шекспир, претставува релативно мали текстуални проблеми. Текстот во својата денешна форма има едноставна историја; за првпат е објавено во „Првото фолио“ во декември 1623 година. Во ова издание, „Бура“ е првата драма во делот за комедии и притоа е првата драма со која започнува збирката. Ова издание исто така вклучува повеќе упатства за на сцената од која било друга драма на Шекспир, иако овие упатства изгледа дека се напишани повеќе за читателот отколку за глумецот. Ова ги наведува научниците да мислат дека издавачите на „Првото фолио“, Џон Хемингс и Хенри Кондел, ги додале упатствата во фолиото за да му помогнат на читателот и дека Шекспир немал намера да ги вклучи упатствата во драмата. Проучувачите исто така се запрашуваат за маскарадата во чин 4, која изгледа дека е додадена како последна , во чест на венчавањето на принцезата Елизабета и Фредерик Петти во 1613 година. Но други научници не се согласуваат со ова и сметаат дека ако се исфрли маскарадата од драмата, тоа ќе создаде повеќе проблеми.
Наводи
[уреди | уреди извор]
|