Танте за кукуригу

Од Википедија — слободната енциклопедија
Џон Филип Кембл како Винченцио во претставата Танте за кукуригу од 1794 година

Танте за кукуригу (англиски: Measure for Measure) ― драма на Вилијам Шекспир, која според достапните документи, се верува дека е напишана во 1603 или 1604 година, а за првпат била изведена во 1604 г. Била објавена во Првото фолио од 1623 година.

Дејството на драмата се одвива околу протагонистот, војводата Винченцио од Виена, кој ги следи случувањата во градот додека со него управува неговиот заменик, Анџело. Анџело, откако ја презел функцијата, ја користи својата моќ за да добие сексуална услуга од Изабела, која ја смета за многу убава. Перипетијата во драмата се разрешува со интервенција на војводата Винченцио, што се смета за рана употреба на deus ex machina во англиската литература.[1]

Танте за кукуригу била испечатена како комедија во Првото фолио. Иако има заеднички одлики со други Шекспирови комедии, како употребата на игра со зборови и иронија, и исто така се користи маскирање и замена на ликовите, драмата исто така содржи трагични елементи како погубување и солилоквиуми, при што говорот на Клаудио се споредува со оној на трагични херои како принцот Хамлет.[2][3] Поради двосмислениот тон, се смета за една од проблематичните драми на Шекспир.

Лица[уреди | уреди извор]

  • Винченцио - војвода од Виена
  • Анџело - негов ополномоштен заменик
  • Ескалo - стар велможа, помошник на Анџело
  • Клаудио - млад велможа
  • Џулиет - свршеница на Клаудио
  • Изабела - сестра на Клаудио
  • Лучио – ветрогон
  • Двајца слични на него
  • Сапунот - приглуп господин (во оригинал Фрот (Froth))
  • Госпоѓа Аздисана - подведувачка (во оригиналот госпоѓа Овердан (Mistress Ovedone))
  • Помпеј – слуга на госпоѓа Аздисана
  • Темничар
  • Лакт - припрост џандар (анг: Elbow)
  • Судија
  • Мразач  - џелат, (во оригиналот е Абхорсон - поврзано со „одвратен“ и „хорор“, (анг: Abhorson))
  • Бернардин – робијаш
  • Маријана - свршеница на Анџело
  • Дете - Придружник на Маријана
  • Петар - свештеник
  • Франческа - калуѓерка
  • Вариј – велможа, пријател на војводата
  • Велможи, службеници, граѓани, слуги.

Содржина[уреди | уреди извор]

Клаудио и Изабела (1850) од Вилијам Холман Хант

Винченцио, војвода од Виена, треба да си замине од градот во дипломатска мисија. Тој го поставува строгиот судија, Анџело, за негов заменик.

Сепак, наместо да замине, Винченцио се маскира во свештеник и тајно оди во манастир за да внимава на власта и на народот. Веднаш по заминувањето на војводата, грофот Анџело го осудува на смрт братот на Изабела, Клаудио, затоа што противзаконски ја оплодил својата идна сопруга Џулиет пред нивната венчавка. Клаудио го моли својот пријател Лучио за ова да извести Изабела, која заминала во манастир за да стане калуѓерка. Клаудио инсистира самата Изабела лично да оди кај Анџело и да го замоли да ја поништи смртната казна и верува дека само така може да се спаси.

Откако ќе дознае, Изабела веднаш оди кај грофот. Анџело е во стравопочит од нејзината чистота. Изјавува дека ќе се смилува на Клаудио ако за возврат таа нему му ја даде својата невиност и нејзиното неизвалкано тело. Револтирана, Изабела оди да му каже на брат ѝ што се случило. Тој на почетокот ја поддржува во одлуката да го одбие Анџело, но потоа се предомислува и почнува да ја убедува Изабела дека и да направи грев, тоа ќе биде за добро дело. Тогаш војводата, претставувајќи се како монах, предлага план кој ќе ја спаси честа на Клаудио и на Изабела. Ја советува Изабела со Анџело да договори средба на место погодно за неа, доцна во ноќта, за да може на нејзино место да појде Маријана - поранешна свршеница на грофот, која тој ја напуштил откако нејзиниот брат Фредерик имал бродолом и го загубил свадбениот мираз. Изабела откако ќе дознае дека Маријана сè уште го сака Анџело, се согласува.

Маријана (1888) од Валентин Камерон Принсеп

Сè се одвива според планот, но Анџело го прекршува ветувањето и наредува Клаудио да биде погубен. Затворскиот чувар и војводата, сè уште маскирани во свештеници, смислуваат нов трик за да го спасат Клаудио - наместо неговата глава решаваат да ја испратат главата на пират - врсник на Клаудио, со иста коса и брада како него, кој починал истото утро во затвор. Војводата потоа праќа писмо до Анџело во кое вели дека ќе се врати и повторно ќе ја преземе власта.

Драмата кулминира со „враќањето“ на војводата во Виена. Ликовите од драмата се среќаваат со војводата и детално му опишуваат што се случило за време на неговото отсуство. Се открива дека војводата се преправал дека е свештеникот Лудовик. Војводата му наредува на Анџело да се ожени со Маријана за таа, откако тој ќе биде убиен, да може да го наследи неговото богатство и, како вдовица, да најде подобар сопруг. Маријана не сака никој друг и ја моли Изабела да го замоли војводата да го поштеди грофот Анџело. Тогаш се открива и другото „чудо“ дека Клаудио е жив. Војводата го казнува Лучио за сите страшни работи што ги кажал за него - казната е да се ожени со блудница која ја оплодил и ја напуштил. Конечно, војводата ја запросува Изабела, но нејзиниот одговор не се спомнува во драмата.

Извори[уреди | уреди извор]

Како извор за драмата послужиле повеќе книжевни и историски дела. Основно меѓу нив е „Приказна за Епиција“, од Џиралди Чинтио, објавено во 1565 година.[4] Шекспир знаел за оваа книга бидејќи го содржи оригиналниот извор за Шекспировиот Отело. Оригиналната приказна е неублажена трагедија со тоа што ликот на Изабела е принуден да спие со ликот на Анџело, а нејзиниот брат бил убиен.

Друг главен извор за драмата е драмата од Џорџ Ветстон од 1578 година „Промос и Касандра“, која потекнува од Чинтио. Ветсон во приказната на Чинтио додал комични елементи.[4] :20

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Brantley, Ben (2014-03-02). „In a Decadent Vienna, Constancy Is Shown the Doors“. The New York Times (англиски). ISSN 0362-4331. Посетено на 2021-06-19.
  2. „Measure for Measure Tone“. Архивирано од изворникот на 2018-07-09. Посетено на 2023-04-20.
  3. Van Es, Bart (2016). Shakespeare's Comedies: A Very Short Introduction. Oxford: Oxford University Press. ISBN 9780198723356.
  4. 4,0 4,1 N. W. Bawcutt (ed.), Measure for Measure (Oxford, 1991), p. 17

Надворешни врски[уреди | уреди извор]