Луткото Панкрац

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Луткото Панкрац (германски: Pankraz, der Schmoller) - расказ (новела) од збирката „Луѓето од Селдвила“ на швајцарскиот писател Готфрид Келер од 1856 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во Селдвила живее сиромашна вдовица со две деца: синот Панкрац и ќерката Естира. Панкрац е мрзелив, ништо не го интересира и постојано се лути за секакви работи. Незадоволен од животот, еден ден, тој бега од домот, а мајка му и сестра му остануваат сами, надевајќи се дека тој ќе се врати. Така поминуваат повеќе од 15 години и, навистина, Панкрац се враќа дома, сега веќе како офицер, носејќи со себе кожа од лав. Притоа, тој почнува да ја раскажува својата животна приказна: Откако побегнал од дома, тој ја препешачил цела Германија, дење работејќи за да се прехрани, а ноќе спиејќи и патувајќи, и така пристигнал во Хамбург. Таму, Панкрац се качил на англиски трговски брод, а во Англија се пријавил во армијата при што бил испратен во Индија. Таму, тој се истакнал и станал подофицер, работејќи како прв помошник на командантот на полкот (кој подоцна станал и гувернер на областа). Пресвртот во неговиот живот настапил кога во Индија пристигнала Лидија, ќерката на полковникот. Панкрац се заљубил во неа, а и таа воопшто не била рамнодушна кон него. Сепак, тој нема храброст да ѝ ја соопшти својата љубов, а тоа му создавало голем душевен немир. Кога започнала војната меѓу англиската армија и локалните племиња, Панкрац решил да го напушти гувернерот. На денот на разделбата, тој ја видел Лидија целата расплакана и дури тогаш паднал на колена пред неа, откривајќи ги своите чувства. Меѓутоа, Лидија му кажала дека не чувствува ништо кон него, туку цело време само го ставала пред искушение. Разочараниот Панкрац заминал во војната, каде се истакнал и бил унапреден во капетан. Но, тој никако не можел да ја заборави Лидија и повторно ја посетил, но тогаш се разочарал потполно, гледајќи ја како кокетира со офицерите. Поради тоа, тој дал оставка и заминал во Париз, каде настојувал да биде во друштво со многу жени, но никако не можел да ја заборави Лидија. Така, тој се пријавил во француската армија и заминал во Алжир (каде бил унапреден во полковник), но повторно бил опседнат со неа. Пресвртот се случил кога се соочил лице в лице со еден лав кого потоа успеал да го убие. Тогаш, тој си ветил дека ќе ја заборави Лидија и дека никогаш повеќе нема да се лути како во минатото. Така, Панкрац дал оставка и се вратил дома, а потоа со своето семејство се преселил во главниот град на кантонот, каде живеел како угледен граѓанин.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Gotfrid Keler, Ljudi iz Sledvile. Beograd: Rad, 1964, стр. 109-157.