Лудиот Пјеро (филм од 1965)
„Лудиот Пјеро“ (француски: Pierrot le fou) - француски филм од 1965 година, во режија на Жан-Лик Годар кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Жан-Пол Белмондо, Ана Карина и Грациела Галвани. Филмот бил номиниран за наградата „Златен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција.[1]
Содржина
[уреди | уреди извор]Фердинанд Грифон (го игра Белмондо) е штотуку отпуштен од една телевизиска станица. Тој е оженет со богата Италијанка (ја игра Галвани), која му закажува средба со нејзиниот богат татко, кој треба да му најде нова работа. На Фердинанд му е здодевно на забавата и си оди, но притоа ја среќава Маријана Реноар (ја игра Карина), неговата поранешна љубовница, која постојано го нарекува Пјеро. Тој ја поминува ноќта во нејзиниот стан, каде открива дека таа е вмешана во шверц со оружје. Двајцата го напуштаат Париз возејќи се низ Франција и притоа уништуваат автомобили, крадат и водат неконвенционален живот. Кога пристигнуваат на француската ривиера, Фердинанд паѓа во рацете на криминалците кои ја бараат Маријана поради парите што ги украла од нив. Така, тие се разделуваат, по што Фердинанд оди во Тулон, каде повторно му се придружува Маријана. Овојпат, таа го искористува и тие ги убиваат криминалците и им ги земаат парите, но Маријана побегнува со своето момче Фред. Сепак, Фердинанд ги пронаоѓа и ги убива двајцата, а потоа става експлозив околу главата и извршува самоубиство крај морскиот брег.[2]