Лајшманија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лајшманија во клетка на коскената срж

Лајшманија (Leishmania) е едноклеточен паразит, предизвикувач на паразитското заболување лајшманиоза.[1]

Особености[уреди | уреди извор]

Природна средина (т.н. резервоари) на паразитот се: луѓето, кучињата (домашни и скитници) и глодачите. Кај кучињата карактеристично е паѓањето на влакната, посебно околу очите и воспалителни промени на слузокожата на очите.

Постојат повеќе од 30 видови лајшманија, кои по влегувањето во организмот ги напаѓаат макрофагите (клетките на одбранбениот систем) и се размножуваат во нив. Ако не се лекува, лајшманиозата станува сериозно заболување кое може да има и смртни последици.

Пренесување[уреди | уреди извор]

Пренесувањето на паразитот го врши заразена женка на мушичката Phlebotomus papatasi, која живее во топлиот климатски појас. Во умерениот климатски појас активни се во текот на долгите, суви и топли лета.

Овие инсекти меѓу народот се познати како невиди. Слични се на комарците, т.н. влакнести или песочни мушички, долги се околу 2-2,5 мм, и тешко се воочливи затоа што се ситни и не создаваат звук додека летаат. Активни се во летниот период, на изгрејсонце и зајдисонце, а преку ден се повлекуваат и не напаѓаат, ако не се вознемирувани. Живеат во рушевини, ѓубришта и камени меѓи. За разлика од комарците, полупречникот на движење на невидите е мал (околу 100 м) и најчесто е околу леглото. Убодот им е болен.

Инсектите се инфицираат со цицање крв од заразени луѓе или животни. За човекот стануваат заразни по 7-21 ден. При убодот, флеботомусот ги исфрла паразитите во кожата.

Многу ретки се случаите паразитот да се пренесува од човек на човек, а најчесто е со трансфузија, употреба на веќе заразен шприц, со полов однос или пренос од бремена мајка на плодот.

Извори[уреди | уреди извор]