Козјак (планински врв)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето


Козјак — врв на планината Бабуна, недалеку од Прилеп, во средишниот дел на Македонија. Неговата надморска височина изнесува 1.747 метри, со што тој е највисокиот врв на планината Бабуна и воопшто во Прилепско. Врвот се наоѓа на огранката на Бабуна наречена Борула, во непосредна близина веднаш над селото и првојот Плетвар во североисточен правец, како и над селата Крстец во југоисточен и Ореовец во источен правец. Козјак е често посетуван врв и до него водат добро обележани планинарски патеки од Плетвар и Крстец, а на него се искачува и минува трасата на големиот ултрамаратон во планинарско трчање „Крали Марко треилс“. На самиот врв се наоѓа голема железна топка обложена со стакло и натпис со името и височината на врвот, со што е препознатлив изгледот на врвот Козјак. Непсредно под врвот на југозападната страна се наоѓа познатата Дуова Пештера, а на источното подножје се наоѓа и пештерата Рамниште.

За врвот Козјак во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров запишал:

На крајот на Борула и на 2 часа североисточно од Прилеп се издигнува пирамидалниот врв Козјак.[1] Падините од запад, југ и југоисток му се сосема голи, карпести, стрмни и се спуштаат терасовидно во гребени и пропасти меѓу нив, северните падини се плоскави и во горниот дел покриени со грмушки, а во подножјето со кории од букови и брестови дрвја.[1] Речиси целиот се состои од мермер кој му дава бела боја.[1] Под јужната падина близу до селото Плетвар има ископи на мермер, кој се носи дури во Битола. Од секаде човек може да се качи на врвот, но најзгоден пат е оној кој води по билото на Преслоп и по северозападната падина на Козјак.[1] Козјак е еден од високите врвови во внатрешноста на Македонија. Од Плетвар нагоре има 3-3 ½ часа височина, а од коритото на Ленишка Река во полето до Плетвар треба да има ½ час височина.[1] Мештаните веруваат дека од него може да се види Солунскиот Залив - верување со кое сакаат да кажат дека тој е многу висок. Покрај сето тоа, снегот не стои долго време на врвот.[1] Причината треба да е истата онаа која ја наведов за Љуботен, т.е. дека е гол, налегнат и целосно изложен на сончевите зраци.[1] Како и сите планини со варовнички состав, Козјак е многу богат со подземни пештери и пропасти, од коишто некои се полни со вода во дното.[1] Попознати од нив се две: една на врвот (Дуова Пештера), друга по западната падина над с.Ореовец (Рамниште).[1]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 66. ISBN 978-608-245-113-8.