Рамниште

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Рамниште
Пештера Рамниште 03.jpg
Отворот на пештерата Рамниште
Место15 km од Прилеп
Длабочина22 m
Должина110 m
План1 и 2

Рамниште е македонска пештера која се наоѓа на 15 km од Прилеп. Пештерата е создадена од карбонатни конгломерати и бречи наталожени од Пелагониското Езеро, најверојатно во четвртиот еволутивен циклус на Пелагонискиот басен. Вкупната должина на пештерските канали изнесува 110 метри, со длабочина која достигнува 22 метри. Составена е од три сали, во кои се застапени пештерски украси со претежно бела и црна боја. Особено се истакнува Невестинската Сала, која е исполнета со бели украси. Карактеристичен знак е сталагмитот "Торта" кој се наоѓа на крајот од пештерата. Истражувана е од ПСК Златоврв од Прилеп во повеќе наврати во 2005 и 2006 година [1]. Честопати била цел на вандализам.[2]

Местоположба[уреди | уреди извор]

Внатрешноста на пештерата

Пештерата се наоѓа меѓу селата Крстец и Ореовец, на западната страна на планината Козјак, на 1100 метри надморска височина во влез во источна експозиција. Се состои од три галерии. Третата галерија открива еден ретко убав дел на подземната пештера исполнет со сталактити и сталагмити, кои претставуваат мошне убави фигури. Температурата на воздухот во пештерата изнесува 13ºС, а релативната влажност се движи преку 80%. Од животнскиот свет, постојат само лилјаци насобрани по сводовите во седела. Најголемата должина на еден коридор изнесува 100 метри, а длабочината е 15 – 20 метри. По постанокот е млад дилувијален облик, постанат на највисокото езерско ниво од плиоценото езеро. Таваницата е изградена исклучиво од големи заоблени и цврсто врзани езерски конгломерати. Најверојатно, овие не толку дебели езерски конгломерати врзани со раствори од Калциум бикарбонат (Ca(HCO3)2) што служела како цементно везиво за врзување на овие јасно измоделирани и заоблени камења со водите од плиоценото неоген езеро. Под нив биле наталожени неврзани езрски песоци, кои во плеистоценот, со интензивните флувиоденудациони процеси биле еродирани и преместени со вода на потокот Пештерка, со што се формирала пештерата Дуа Дупка. Оттука произлегува дека отворите се фосилни понори на потокот Пештерка.[3]

Морфолошки карактеристики[уреди | уреди извор]

Пештерата има два влеза , од кои едниот е главен, хоризонтален во форма на трапез со димензии 1,5х1m. Овој канал се спушта кон внатрешноста со наклон од -25º. Другиот влез се наоѓа на тавнанот на првата сала, тој е вертикален со димензии 5 х 1m. Почетниот дел на пештерата е претставен се еден низок итесен канал со неколку проширувања кој се спушта под нклон од 25ºС. Дното на каналот е покриено со почвен материјал поради поројните дождови. Подесетина метри канлот се проширува во помала сала од која кон југоисток низ мал отвор се издвојува друга сала наречена невестинска. Салата е најбогата со украси во пештерата и со една нецелосна преграда е поделена на два дела. Во продолжение се наоѓа втората сала чии под е покриен со урнати карпи од таванот , блоковите имаат различна големинa и паѓаат по нaклон од -30º во западен правец. Втората сала се одликува со раскошна морфологија. Пештерта името го носи според просторот на кој се наоѓа, кој поради малиот наклон на теренот е наречен „Рамниште".[3]

Геолошки карактеристики[уреди | уреди извор]

Теренот е формиран во карбонатни конгломерати и бречи, со различна големина на фрагментите, кои во најголем дел се составени од мермерни парчиња. Според гранулометрискиот состав за конгломератите може да се заклучи дека и припаѓаат на литоралната фација формирана од Пелагониското Езеро. Покрај неспорното езерско потекло се поставува прашањето за нивната старост. Потеклото на конфломератите е неспорно езерско, со плиоценска старост, создаденои во четвртиот еволутивен циклус на Пелагонискиот басен, кога доаѓа до ширење на езерото и неговото спојување со соседните басени.[3]

Народно предание[уреди | уреди извор]

Во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија, македонскиот револуционер Ѓорче Петров, опишувајќи го врвот Козјак, запишал дека како и сите планини со варовнички состав, Козјак е многу богат со подземни пештери и пропасти, од коишто некои се полни со вода во дното[4]. Попознати од нив се две: една на врвот (Дуова), друга по западната падина над с.Ореовец (Рамниште) при што таа се одликува по својата широчина и длабочина[4]. Околните селани ја сметаат дури и за бездна[4]. За да проверат пуштиле 10 колски ортоми надолу и пак не го допреле дното. Кога ќе фрлиш камен, тропотот му се слуша цели 10 минути[4]. Според една легенда, дното на таа пештера има врска со Солунското Море. Некој заклан ‘рт, фрлен тука, бил пронајден во солунското пристаниште кај утоката на реката Вардар[4].

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Темовски М. (2008): Пештера Рамниште, Билтен за физичка географија, Институт за географија - ПМФ, 5, Скопје, стр.127-136
  2. Талеска, Моника. „Пештерата Рамниште во Прилепско цел на вандали“, Утрински Весник, среда, 28 мај 2008 (посет. 24 јули 2010 г). (на македонски)
  3. 3,0 3,1 3,2 Универзитет во Скопје. Географски институт, Универзитет во Скопје. Природно-математички факултет, Универзитет "Кирил и Методиј"--Скопје. Природно-математички факултет (1966). Годишен зборник: Географски институт (15-16 издание). УКИМ. 
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 66. ISBN 978-608-245-113-8. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]