Кибла (ислам)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Сегашната кибла - Каба
Некогашната кибла - Храмова Гора

Кибла (арапски: قبلة) – арапски збор за правецот кон кој треба да бидат свртени муслиманите во текот на молитвата. Повеќето џамии имаат михраб во ѕидот кој го покажува правецот на киблата.

Киблата е важна не само во намазот, туку и во секојдневните верски церемонии. Главата на животното кое се коли мора да биде свртена кон киблата, како би се исполнил еден од предусловите месото од тоа животно да биде халал, односно дозволено по исламските норми. По смртта, муслиманите се погребуваат така што десната страна им е свртена кон киблата.

Историја на киблата[уреди | уреди извор]

Верници свртени кон киблата во џамијата во Дамаск, Сирија

Во првото време на исламот, насоката на киблата била во правец на Храмовата Гора во Ерусалим. Ова траело само 17 месеци, после што киблата била променета во ќаба во Мека. Според Мухамедовите современици, промената се случила ненадејно во текот на попладневниот намаз (повеќето историчари се согласуваат дека тоа било во текот на икиндија-намазот). Мухамед ја предводел молитвата, кога ја примил веста од Алах дека треба за кибла да ја смета ќаба. Според историските записи, штом ја примил веста, Мухамед се свртел кон ќаба, а останатите верници го следеле.

Муслиманите не се вртат кон ќаба за да ѝ се клањаат на самата ќаба или на содржината на ќаба. Таа е едноставно фокусна точка за верникот, место кон кое треба да се заврти при молитвата.

Некогаш муслиманите во текот на патувањата често користеле астролаб за да го пронајдат правецот на киблата.

Одредување на правецот на киблата[уреди | уреди извор]

Традиционален метод[уреди | уреди извор]

Во последните 1000 години, неколку муслимански математичари и астрономи расправале за правиот начин за одредување на правецот на киблата од кое било место на Земјата. Сите се согласуваат дека во годината постојат два момента кога Сонцето е директно на ќаба, што значи дека сенката на кој било предмет, на кое било место на Земјата ќе покажува правец спротивен од ќаба. Ова се случува секој 28 мај во 9:18 и 16 јули во 9:27 според средното време по Гринич.

Се разбира, во кое било време, само половина од Земјината топка е осветлена од Сонцето. Постојат два момента во секоја година кога Сонцето е точно на спротивната страна од ќаба. Во тоа време правецот на сенките на кое било место осветлено од Сонцето ќе го покажува правецот на киблата. Ова се случува секој 28 ноември во 21:09 и 16 јануари во 21:29 според средното време по Гринич.

Треба да се има предвиd и една напомена во поглед на обликот на Земјата, а тоа е дека правецот на киблата е правецот со најкраток пат од дадената точка до Мека.

Разлики[уреди | уреди извор]

Во поново време, некои муслимани од Северна Америка пријавиле проблем кај традиционалното одредување на правецот заради тоа што се случува ситуација на пример на Алјаска пократкиот пат до Мека да е северно од Алјаска, а не југоисточно (каде е позицијата на Мека во однос на Алјаска).

Овие муслимани сметаат дека единствен исправен начин на одредување на вистинскиот правец на киблата е цртање на линија од даденото место кон Мека на Меркаторовата проекциона мапа, а дека правилото дека е потребно тоа да е најкраткиот пат кон Мека од тоа место нема основа.

Најголем број програми за пресметка на правецот на киблата го користат традиционалниот метод.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]