Капалбати
Капалбати (Kapalbhati) - стара индиска вежба за дишење.
Опис
[уреди | уреди извор]Називот „капалбати“ потекнува од санскритските зборови kaphala, што значи чело и bhati, што значи светлина. Капалбати претставува двојна вежба: таа е вежба за дишење („пранајама“) и вежба за јогиско чистење („крија“). Се смета дека оваа вежба помага за отстранување на вишокот слуз од телото, дека го зајакнува сончевиот плексус и дека ги прочистува белите дробови. Исто така, поради силното издишување и вовлекувањето на стомакот, вежбата му помага на телото да се ослободи од јаглерод диоксидот, а истовремено овозможува да се внесе повеќе кислород во крвта. На тој начин, оваа вежба го прочистува умот, ја подобрува концентрацијата и дава мир и стабилност.[1]
Изведување на вежбата
[уреди | уреди извор]Капалбати се изведува така што се седнува во седечка положба при што ’рбетот, вратот и главата треба да бидат исправени, а рацете треба да бидат опуштени со дланките потпрени на колената и свртени нагоре. издишувањето е на нос, додека истовремено се вовлекува стомакот навнатре. Вдишувањето преку носот е опуштено, природно и нормално при што стомакот се враќа назад во природната положба. Кога се издишува, рацете може да бидат ставени на долниот дел од стомакот, со цел тој да се вовлече што повеќе кон ’рбетот. Вежбата се изведува околу 10-15 минути, наеднаш или во три серии од по пет минути. Во секој случај, минималното траење на вежбата е пет минути, а таа треба да се изведува во раните утрински часови, со празен стомак или 3-4 часа по јадење. Вежбата не треба да се прави доцна во ноќта, бидејќи може да предизвика несоница. Капалбати треба да ја избегнуваат лицата кои страдаат од: висок крвен притисок, срцеви проблеми, вртоглавица, епилепсија, повраќање, чир на желудникот, како и за време на бременоста.[1]