Прејди на содржината

Кадрав пеликан

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кадрав пеликан
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Ред: Пеликановидни
Семејство: Пеликани
Род: Пеликани
Вид: P. crispus
Научен назив
Pelecanus crispus
Брух, 1832
Распространетост на кадравиот пеликан

Кадрав пеликан или бабјак (науч. Pelecanus crispus) —— прелетна птица-гнездилка од семејството пеликани. Наликува на обичниот, розовиот пеликан, но е покрупен. На темињата и тилот поседува „кадрави“ (извиткани) перја, грлената торба е портокалова, нозете се темносиви, а шареницата е белкаста. На врвовите на крилјата има малку црни перја. Кадравиот пеликан го има во Македонија, на Преспанското Езеро.

Физички опис

[уреди | уреди извор]

Оваа огромна птица е најголема од пеликаните и е една од најголемите видови птици:

  • Должина на телото: околу 180 см (од 160 до 183 см);
  • Распон на крилја: околу 3 m (од 290 до 351 см);
  • Должина на крилјата на мажјакот: 72–80 см, на женката: 69-72,5 см;
  • Должина на клунот на мажјакот: 42,0-51,0 см, на женката: 38,0-42,3 см;
  • Тежина на птиците: од 9,0 до 13,0 кг;[2][3][4][5][6][7]
  • Првостепени летачки перја - 11;
  • Опашот е краток и прав, од 22 меки опашни пердуви. Должина на опашот кај мажјаците: 23–25 см, кај женките: 23 см;
  • Челото е со перја.

Просечната тежината од 11.5 кг ја прави најтешка птица во светот од својот род, иако најголемите поединци меѓу машките дропли и лебеди можат да бидат потешки и од најголемиот кадрав пеликан.[4] Исто така, се мисли дека имаат меѓу најголемите распони на крилјата меѓу птиците, конкурирајки им на големите албатроси.[7][8] Донекаде е сличен по изглед на обичниот пеликан, но се разликува од многу други големи видови по тоа што има кадрави пердуви по вратот, сиви нозе и сребрено-бели (наместо чисто бели) перја. Во зима, возрасните пеликани од овој вид преминуваат од сребрено-сива до затемнето кафеаво-сива, крем, боја.[9] Младите птици се сиви и им недостасуваат розовите контури на лицето кои ги има обичниот пеликан. Кадравите пердуви околу челото на овој пеликан можат да формираат облик на W на лицето веднаш над клунот.[8] Кога е сезоната на размножување тие имаат портокалово-црвена боја на долната вилица и торбичка на долниот дел од клунот, наспроти жолтата боја на горната вилица.[8] Во зима, клунот има загасита жолта боја. Неговиот клун е втор по големина од било која птица, по Австралискиот пеликан. Голата кожа околу очите може да варира од жолта во пурпурна боја.[10]

Pelecanus crispus

Покрај стандардните мерки, во споредба со обичниот пеликан, тарзусот (коренот на стапалото) на кадравиот пеликан е незначително пократок, од 11.6 до 12.2 см, но неговата опашка и крилја се забележливо поголеми, од 22 до 24 см долги и од 68 до 80 см секое крило посебно.[11][12] Кога кадравиот пеликан е во лет, за разлика од другите пеликани, неговите крилја се сиво-бели со црни врвови.[8] Пеликанот е елегантна птица во лет. Кога целото јато на кадрави пеликани е во лет, сите нејзини членови се движат во грациозна синхронија, држејќи ги вратовите назад како жерави. Тоа е најголемото живо суштество што може да лета. Кадравиот пеликан е често тивок, како и повеќето пеликани, иако тие можат да бидат прилично гласни за време на сезоната на парење, кога знаат да бидат доста грлати и гласни вклучувајќи лаење, шуштење и грофтање.[9]

Начин на живот

[уреди | уреди извор]

Животниот простор на оваа птица се бреговите обраснати со острица на морињата, езерата и устијата на реките богати со риби. Се храни претежно со риба која може да биде и со 50 см должина. Дневно јаде околу 1 килограм храна. Прелетува на кратки растојанија. Во лето изгледа многу елегантно. Има држење слично како чапја. Храната ја лови сам или во група од двајца или тројца. Пеликаните пливаат заедно, смирено и полека, сè додека не ја нурнат главата брзо под водата, и не ја заграбат рибата заедно со голема количина вода. Водата се испушта странично од торбичката и рибата е проголтана. Понекогаш можат да се хранат заеднички со други пеликани од насобраните риби во плитките води, па дури можат и да соработувааат додека ловат заедно со кормораните.[8] Повремено, пеликанот не може веднаш да ја изеде целата риба која ја внесува во торбичката, затоа ќе ја зачува како резерва за подоцна.[9] И други мали мочуришни жители можат да му ја надополнат исхрана, вклучувајќи: ракови, црви, инсекти и мали водни птици и јајца.[9]

Размножување

[уреди | уреди извор]

Генерално, меѓу семејствата кои живеат во големи заедници, кадравите пеликани можеби имаат најмала наклонетост за такво живеење. Овој вид, природно се гнезди во мали групи споредбено со другите видови пеликани, дури понекогаш се гнезди потполно сам. Формираат мали колонии од по 250 парови. Повремено, кадравиот пеликан може да се замеша во колониите на обичните пеликани.[8] Местата за гнездење обично се острови, лагуни или речни делти, или места испреплетени со густа водна растителност. Поради нивната големина, овие пеликани често ја газат растителноста околу своите гнезда во калливата подлога и поради тоа местата за гнездење стануваат несоодветни за употреба во рок од три години.[10] Гнездото го гради на работ на водата или на водните пловечки растенија. Гнездото е со средна големина, направено од натрупана трева, трска, прачки и пердуви со димензии од околу 1 метар во длабочина и 63 сантиметри во пречник. Гнездата се кршливи сè додека не бидат зацврстени со измет. Размножувањето започнува во март или април, околу еден месец порано од сезоната на размножување на обичниот пеликан. Снесува од 1 до 6 јајца, но најчесто 2-3 бели јајца. Јајцата тежат меѓу 120 и 195g.[13] Двата родитела лежат на јајцата за време од 30-32 дена. Пилињата се раѓаат голи, но набрзо им растат пердуви. По три недели живот, младите живеат без контрола од родителите, но сè уште се зависни од нив за храна. По шестата недела сами ловат риба, а по десеттата се здобиваат со способност за летање. Успешноста на гнездењето се потпира на локалните природни услови а, од 58% до 100% од испилените млади преживуваат до зрелост. Гнездата обично се обезбедени против грабливци, иако месојадните цицачи кои се хранат со јајца или млади можат да пристапат и до гнездата кога нивото на водата е доволно ниско за да можат да ја преминат, како што е случајот со дивите свињи кои ги растуриле гнездата во Бугарија.[10] Шакали, лисици, волци, кучиња и рисови се чести демначи на гнездата кога нивото на водата е намалено. Исто така, и белоопашестите орли можат да ги нападнат пеликаните од колониите барем до моментот на недоволно пораснати пилиња.[14][15] Зрелоста за размножување, или половата зрелост се мисли дека се добива на возраст од 3 до 4 годни.[8]

Распространетост и статус

[уреди | уреди извор]

Најголема популација од овој пеликан се наоѓа на лагуната Каравашта во Албанија. Во Македонија го има на Преспанското Езеро. Се среќава и на Скадарско Езеро, каде станал и негов заштитен знак, како и во резерватот Сребрна во Бугарија. Во Далмација целосно исчезнал, а последната далматинска колонија била во долината на реката Неретва. До 19 век се гнездел и во Србија.

Бројноста на овој вид на пеликан е значително намалена во споредба со обичниот пеликан. Се смета дека постојат од 10.000-20.000 пеликани од овој вид.[10] Наводно, само во Романија, некогаш имало милиони кадрави пеликани. Во текот на 20-от век, овој вид претрпе драматично намалување, а причините за тоа не се целосно јасни. Најверојатна причина е загубата на живеалиштата како резултат на човековите активности, како што се одводнување на мочуриштата за добивање плодни површини. Колониите се редовно вознемирувани од човековата активност, а возрасните пеликани во вакви ситуации привремено ги напуштат гнездата со што ги изложуваат своите млади на опасност од грабливците. Исто така, кадравиот пеликан е убиван од страна на рибарите кои веруваат дека птиците се опасни и ја осиромашуваат рибната популација, а со тоа и нивната егсистенција.[9] Додека ваквите убивања генерално се со мал обем, загриженоста дека овие пеликани премногу го експлоатираат рибниот фонд постои на многу места. Другата можна причина за падот на популацијата на овој вид е нивното бесправно ловење. Во Монголија, месното население тајно ги убива овие пеликани и ги користи или продава нивните клунови како торбички за пари, тутун и сл.[9] Во еден типичен пазарен ден во Монголија повеќе од педесет пеликански клунови може да се нудат на продажба и тие се сметаат за ретка награда, а за еден пеликански клун, десет коњи и триесет овци се сметаат за добра цена. Поради експлоатација во сите фази на животниот циклус, овој вид е критично загрозен во Монголија, со вкупна популација на помалку од 130 птици.[10] Кадравите пеликани редовно слетуваат на електричните водови и погинуваат од електро-удари.[10] Во Грција тие често страдаат од големите бродови, обично тие што превезуваат туристи, стануваат немоќни да се хранат и умираат од неисхранетост.[8] Почнувајќи од 1994 година, во Европа постојат над илјада парови, повеќето од нив во Грција, но и во Украина, Македонија, Романија, Бугарија и Албанија. Тие се сметаат за исчезнати во Хрватска од 1950 година, иако еден кадрав пеликан беше забележан во 2011 година.[16] Единствената голема колонија која е преостаната, е на езерото Микри во Грција, со околу 1.400 парови, и околу 450 парови во делтата на Дунав.[10] Земја со најголем број парови за размножување во денешно време, вклучувајќи околу 70% од паровите или можеби повеќе од 3.000 парови, е Русија.[10] Се смета дека во светот, постојат околу 3.000-5.000 парови за размножување. Во еден извештај се прикажани приближно 8.000 кадрави пеликани во Индија, но излезе дека биле грешно идентификувани, односно тоа била колонија од обични пеликани.[8]

Кадравиот пеликан е еден од видовите опфатен со Спогодбата за заштита на африканско-евроазиските миграциски водни птици (AEWA). Преземени се мерки за заштита во корист на видот, особено во Европа.[10] Иако тие нормално се гнездат на земја, во Турција, Грција, Бугарија и Романија, со цел да ги охрабрат да се размножуваат, на кадравите пеликани им се прават гнезда и на посебни платформи.[8] Во овие земји, во реоните блиску до колониите, далеководите се посебно означени или пак демонтирани. Освен тоа, менаџирањето со нивото на водите и образовните програми може да бидат од корист на локално ниво. И покрај напорите што се преземаат во Азија постои многу поголема стапка на бесправно ловење, застрелување и уништување на природните живеалишта на пеликанот со што напорите за заштита се отежнуваат. Во 2012 година, кога невообичаено студените зимски услови предизвикаа замрзнување на Каспиското Море со смрт од глад умреа најмалку дваесет кадрави пеликани. И покрај првичните обиди на локалните власти да ги обесхрабрат, луѓето им помогнаа на пеликаните со риба и прихранување, и очигледно овозможија на огромен број пеликани да ја преживеат зимата.[17]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. BirdLife International (2012). Pelecanus crispus. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 5 July 2012.
  2. Birdlife International
  3. Burnie D and Wilson DE (Eds.), Animal: The Definitive Visual Guide to the World's Wildlife. DK Adult (2005), ISBN 0789477645
  4. 4,0 4,1 CRC Handbook of Avian Body Masses by John B. Dunning Jr. (Editor). CRC Press (1992), ISBN 978-0-8493-4258-5.
  5. Firefly Encyclopedia of Birds by Christopher Perrins. Firefly Books (2003), ISBN 1552977773
  6. Ali, S. (1993). The Book of Indian Birds. Bombay: Bombay Natural History Society. ISBN 0-19-563731-3.
  7. 7,0 7,1 Harrison, Peter, Seabirds: An Identification Guide. Houghton Mifflin Harcourt (1991), ISBN 978-0-395-60291-1
  8. 8,00 8,01 8,02 8,03 8,04 8,05 8,06 8,07 8,08 8,09 del Hoyo, et al., Handbook of the Birds of the World. Volume 1: Ostrich to Ducks. Lynx Edicons (1992), ISBN 978-84-87334-10-8
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 9,4 9,5 Dalmatian pelican videos, photos and facts – Pelecanus crispus Архивирано на 12 октомври 2012 г.. ARKive. Посетено на 2012-08-22.
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 10,4 10,5 10,6 10,7 10,8 Dalmatian Pelican (Pelecanus crispus) – BirdLife species factsheet Архивирано на 12 април 2016 г.. Birdlife.org (1998-10-03). Посетено на 2012-08-22.
  11. Dalmatian Pelican (Pelecanus crispus) Архивирано на 15 април 2013 г.. Avis.indianbiodiversity.org. Посетено на 2012-08-22.
  12. Great White Pelican – Pelecanus onocrotalus Архивирано на 13 јануари 2013 г.. Avis.indianbiodiversity.org. Посетено на 2012-08-22.
  13. Dalmatian Pelican – Pelecanus crispus : WAZA : World Association of Zoos and Aquariums Архивирано на 4 март 2016 г.. WAZA. Посетено на 2012-08-22.
  14. Crivelli, A. J. (April 1996). ACTION PLAN FOR THE DALMATIAN PELICAN (Pelecanus crispus) IN EUROPE. europa.eu
  15. Dalmatian Pelican (Pelecanus crispus). Planet of Birds (2011-06-08). Посетено на 2012-08-22.
  16. Coleman, Loren. (2011-03-24) Croatian Dalmatian Pelican Sighted. Cryptomundo. Посетено на 2012-08-22.
  17. Trapped Dalmatian pelicans hand-fed in frozen Caspian Sea. Bbc.co.uk (2012-02-21). Посетено на 2012-08-22.