Замка 22

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Замка 22“ (англиски: Catch-22) — роман на американскиот писател Џозеф Хелер од 1961 година. Романот е посветен на мајката на авторот, на неговата сопруга Ширли, и на децата Ерика и Тед.[1]

Структура[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 42 глави:[2]

  1. Тексашанинот
  2. Клевингер
  3. Хевермејер
  4. Доктор Даника
  5. Поглаварот Белиот Хафоут
  6. Гладниот Џо
  7. Меквот
  8. Потпоручникот Шаископф
  9. Мајорот Мајор Mајор Мајор
  10. Винтергрин
  11. Капетанот Блек
  12. Болоња
  13. Мајорот де Коверли
  14. Кид Сампсон
  15. Пилчард и Рен
  16. Лучијана
  17. Војникот во бело
  18. Војникот кој сѐ гледаше двапати
  19. Полковникот Кеткарт
  20. Капларот Виткомб
  21. Генералот Дридл
  22. Градоначалникот Мајло
  23. Нејтлиевиот старец
  24. Мајло
  25. Свештеникот
  26. Арфи
  27. Сестрата Дакет
  28. Добс
  29. Пекем
  30. Данбар
  31. Госпоѓата Даника
  32. Јо-Јовиевите шлафкамеради
  33. Нејтлиевата курва
  34. Денот на благодарноста
  35. Војникот Мајло
  36. Подрумот
  37. Генералот Шајскопф
  38. Сестричката
  39. Вечниот град
  40. Квака 22
  41. Сноуден
  42. Јосаријан

Содржина[уреди | уреди извор]

  • Глава 1-11: Јосаријан е офицер во американска воздухопловна ескадрила во Италија. Тој лежи во воената болница преправајќи се дека е болен, а единствената негова задача е да врши цензура на писмата на војниците. За да ја победи здодевноста, Јосаријан почнува да ги поправа писмата, а потоа и да се потпишува како Вашингтон Ирвинг. По доаѓањето на еден пациент од Тексас во болничката соба, тој веднаш ја напушта болницата. Инаку, Јосаријан е противник на војната и единствено се грижи како да преживее. Тој постојано го моли воениот лекар да го ослободи од должноста, но иако ја исполнува пилотската норма, никако не може да добие отсуство поради противречните војнички правила. Кога почнала војната, тој се пријавил на обуката за пилот, верувајќи дека војната ќе заврши побрзо од обуката. Уште во воената база во Санта Ана, Калифорнија, се соочил со глупоста на офицерите и со бесмислената воена бирократија. Во ескадрилата во која служи Јосаријан, сите офицери и војници имаат необични навики, така што секој за секого мисли дека е луд. Откако погинува претходниот командир на ескадрилата, за нов командир е назначен мајорот Мајор, кој ниту ја сака новата должност, ниту е способен да ја извршува. По неговото унапредување, останатите офицери и војниците веднаш почнуваат да го мразат, така што тој е принуден да се изолира од сите во ескадрилата. И тој, за да ја победи здодевноста, почнува документите да ги потпишува како Вашингтон Ирвинг и поради тоа во ескадрилата доаѓаат двајца истражители. Еден ден, Јосаријан бара од мајорот Мајор да го ослободи од воената должност, отворено изјавувајќи дека повеќе не сака да се бори.[3]
  • Глава 11-22: Кога командата наредува да се изврши воздушен напад на Болоња, сите пилоти се исплашени, уверени дека ќе погинат во акцијата. Затоа, Јосаријан се обидува да го одложи нападот така што најпрвин ја преправа воената мапа прикажувајќи дека Болоња е веќе освоена, а потоа предизвикува и општо труење со храна. Во текот на тие денови, тој се сеќава на нападот на мостот во Ферара, кога непотребно извршил два лета и така посредно бил виновен за уништувањето на еден авион. Сепак, по нападот, Јосаријан бил одликуван и унапреден во капетан, а при доделувањето на орденот, тој столе во стројот целосно гол. За време на бомбардирањето на Болоња, Јосаријан го фаќа страв и наредува авионот да се врати во базата, каде подоцна дознава дека нападот бил извршен без никаква опасност по авионите. Утредента, авионите мора повторно да ја бомбардираат Болоња, но тогаш се изложени на силен оган од германската противвоздушна одбрана. Притоа, авионот на Јосаријан е лесно оштетен и едвај успева да се извлече, а за сето време Јосаријан е зафатен од паничен страв. Веднаш по опасната акција, тој заминува на одмор во Рим, каде ја запознава Лучијана, а кога се враќа во ескадрилата веднаш се пријавува во болницата, како што прави одвреме-навреме, преправајќи се дека е болен. Таму, тој е принуден да го глуми војникот кој штотуку умрел, а чии родители дошле да го посетат. Еден ден, воениот свештеник му го пренесува на полковникот Кеткарт негодувањето на пилотите поради постојаното зголемување на нормата за борбени летови, а особено му укажува на лошата состојба во која се наоѓа Јосаријан. Полковникот Кеткарт е вознемирен и постојано размислува за Јосаријан, сметајќи го за пречка во остварувањето на својата желба за унапредување.[4]
  • Глава 23-34: Во ескадрилата на Јосаријан работи Мајло, кој ја извршува должноста шеф на мензата. Тој има развиен претприемачки дух и воспоставува широка мрежа за снабдување со разни производи. На тој начин, Мајло стекнува големо богатство, но запаѓа во неприлики кога го откупува целиот род на египетскиот памук кој потоа не може да го продаде. Свештеникот, пак, е сосема спротивен лик — плашлив, несигурен и потполно непрактичен човек, кој никако не се снаоѓа во војската, а единствената негова желба е да се врати дома. За време на еден воздушен напад, Јосаријан е ранет во ногата. Во болницата, него го испитува еден психијатар кој заклучува дека Јосаријан е луд, но неговата надеж дека ќе биде ослободен од воената служба повторно пропаѓа. На боиштето во Италија пристига и Шајскопф, командирот на Јосаријан во центарот за обука на пилоти во Санта Ана, кој сега има чин полковник. По излегувањето од болницата, Јосаријан започнува љубовна врска со медицинската сестра Дакет. Во меѓувреме, неколку колеги од неговата ескадрила погинуваат: вредниот и скромен пилот Ор не се враќа од една борбена задача, а пилотот Меквот предизвикува несреќен случај во кој убива еден војник, а потоа извршува самоубиство удирајќи со авионот во карпа. За тој лет е лажно пријавен и докторот Даника кого штабот го прогласува за мртов. Неговата сопруга, откако добива голем износ пари од државата, се иселува во друго место. Така, докторот Даника, кој неуспешно се труди да докаже дека е жив, наеднаш останува без службата и без семејството. Во шаторот на Јосаријан неочекувано се вселуваат четворица нови офицери кои тој не може да ги поднесе и веднаш заминува во Рим, каде се забавува со проститутките. Таму, заедно со своите другари, ја ослободува проститутката во која е вљубен Нејтли, а која ја тормозат неколку високи американски офицери. По враќањето во ексадрилата, Јосаријан повторно се пријавува во болницата, каде се наоѓа и свештеникот, кој во меѓувреме доживува душевна преобразба, сфаќајќи дека пороците не се зло во овој свет.[5]
  • Глава 35-42: Полковникот Кеткарт повторно ја зголемува нормата за летање и ги испраќа пилотите во борба во која гинат 12 членови на ескадрилата, меѓу кои и младиот Нејтли чија смрт длабоко ги потресува Јосаријан и свештеникот. Токму тогаш, офицерите на тајната служба го приведуваат свештеникот, испрашувајќи го за фалсификуваните писма со потписот на Вашингтон Ирвинг. Потоа, откако го прогласуваат за виновен, неочекувано го ослободуваат. Наспроти неговата неспособност, Шајскпопф е ненадејно унапреден во генерал и поставен за главен заповедник на сите борбени единици. Откако уште еднаш ја исполнува нормата, Јосаријан одбива да учествува во борбените летови. Тој заминува во Рим, каде на саканата проститутка на Нејтли ѝ ја соопштува веста за неговата смрт. Таа се разбеснува и се обидува да го убие, но тој успева да побегне со лесни повреди. Откако од еден офицер дознава дека воената полиција ги разбркала римските проститутки, тој заминува во Рим во потрага по Нејтлиевата проститутка и нејзината мала сестра. Таму, Јосаријан скита низ улиците, гледајќи ги бедата и злото кои владеат во градот, а потоа го апси воената полиција која го враќа во воената база. Таму, тој добива понуда да се врати во САД, унапреден и одликуван како воен херој, под услов да соработува со командантата на ескадрилата и да ѝ служи на воената пропаганда. Јосаријан се согласува, но само што излегува од штабот, го напаѓа Нејтлиевата проститутка, нанесувајќи му лесна рана. Подоцна, во болницата дознава од свештеникот дека според службеното соопштение, тој е ранет во борба со нацистички атентатор кој имал намера да ги убие командантите на ескадрилата. Додека закрепнува од раната, тој се присетува на смртта на војникот Сноуден. Наеднаш, во болницата доаѓа свештеникот со веста дека исчезнатиот пилот Ор всушност се наоѓа во Шведска. Јосаријан сфаќа дека навидум простиот и неспретниот Ор цело време правел план како да избега од бојното поле. Така, кај него се раѓа идејата да побегне од војската, а свештеникот, исто така, се здобива со самодоверба. Поттикнат од свештеникот и од мајорот Данби, Јосаријан набрзина бега од болницата. На влезната врата го чека Нејтлиевата проститутка со нож во раката, но тој успева да избега неповреден. [6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Joseph Heller, Kvaka 22 (prvi svezak). Zagreb: Nakladni zavod Znanje i Opatija: IRO „Otokar Keršovani“, 1987, стр. 5.
  2. Joseph Heller, Kvaka 22. Zagreb: Nakladni zavod Znanje i Opatija: IRO „Otokar Keršovani“, 1987.
  3. Joseph Heller, Kvaka 22 (prvi svezak). Zagreb: Nakladni zavod Znanje i Opatija: IRO „Otokar Keršovani“, 1987, стр. 9-146.
  4. Joseph Heller, Kvaka 22 (prvi svezak). Zagreb: Nakladni zavod Znanje i Opatija: IRO „Otokar Keršovani“, 1987, стр. 146-294.
  5. Joseph Heller, Kvaka 22 (prvi svezak). Zagreb: Nakladni zavod Znanje i Opatija: IRO „Otokar Keršovani“, 1987, стр. 5-161.
  6. Joseph Heller, Kvaka 22 (drugi svezak). Zagreb: Nakladni zavod Znanje i Opatija: IRO „Otokar Keršovani“, 1987, стр. 161-264.