Елизабета Бандиловска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Елизабета Бандиловска
Роден 28 јануари 1973 (1973-01-28) (49 г.)
Ресен, СР Македонија, СФРЈ
Националност Македонка
Занимање универзитетски професор, јазичар, лексикограф, поетеса

Елизабета Бандиловска (28 јануари 1973 во Ресен) — македонски универзитетски професор, јазичар, лексикограф, поетеса. Таа е член на Друштвото на писателите на Македонија.

Животопис и кариера[уреди | уреди извор]

Проф. д-р Елизабета Бандиловска била родена на 28 јануари 1973 година во Ресен каде што завршила основно и средно образование. Во учебната 1991/1992 година се запишала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на групата Македонски јазик и јужнословенски јазици. Дипломирала во февруари 1996 година. Во 1999 година го положила испитот за лектор по македонски јазик и се здобила со лекторска лиценца. Постдипломските студии од областа на македонскиот јазик ги запишала во учебната 1996/1997 година, на истиот Факултет. Во октомври 2004 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје ја одбранила магистерската теза под наслов „Лексичко-семантичката група на зборови со значење 'овошје' во македонскиот јазик (семантичка и зборообразувачка анализа)“. Докторската дисертација под наслов „Парадигматските односи кај описните придавки во македонскиот јазик“ ја одбранила во мај 2011 година, исто така на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, и се здобила со научниот степен доктор по филолошки науки од областа на македонскиот јазик.

Од јануари 2006 година била вработена на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје како асистентка, во октомври 2011 година била избрана во звањето доцент, во јуни 2016 година во звањето вонреден професор, а во февруари 2021 година во звањето редовен професор. Предава повеќе предмети од областа на македонскиот јазик на прв, втор и трет циклус студии на групите Одделенска настава, Предучилишно воспитание и Библиотекарство. Раководителка е на Институтот за одделенска настава и член на Деканатската управа на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје за периодот 2020 – 2023 година. Била раководителка на Институтот за предучилишно воспитание и член на Деканатската управа во периодот 2016 – 2020 година.

Од 2000 – 2014 година работела како надворешна соработничка во ИМЈ „Крсте Мисирков“ во Скопје на проектот „Толковен речник на македонскиот јазик“. Авторка е на дел од буквите В, Д и Е за првиот том, објавен во 2003 година, на дел од буквата З за вториот том, објавен во 2005 година, на дел од буквата О за третиот том, објавен во 2006 година, на дел од буквата П за четвртиот том, објавен во 2008 година, на дел од буквата С за петтиот том, објавен во 2011 година и на буквата Ц за шестиот том на Речникот, објавен во 2014 година. Била добитничка на државната награда „Гоце Делчев“ за 2015 година, за особени достигнувања во областа на науката, заедно со колегите од тимот кои работеле на Речникот.[1] Авторка е и член на Редакцијата на електронското издание на „Толковниот речник на македонскиот јазик“, промовирано на 5 мај 2021 година.[2]

Во периодот 2004 – 2010 година работела како асистент надворешен соработник на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје по повеќе предмети од областа на македонскиот јазик.

Научни и поетски објави[уреди | уреди извор]

Авторка е на три монографии од областа на македонската лексикологија: „Лексичко-семантичката група со значење ’овошје’ во македонскиот јазик“, објавена во 2008 година, „Парадигматските односи кај описните придавки во македонскиот јазик“, објавена во 2016 година,[3] и „Лексички погледи за јазикот“, објавена во 2020 година. Соавторка е на два учебници од областа на македонскиот јазик: „Практикум по македонски јазик со култура на изразувањето 1“ и „Практикум по македонски јазик со култура на изразувањето 2“,[4] објавени во 2017 и во 2018 година. Соавторка е и во „Првата училишна енциклопедија“, објавена во 2017 година, во издание на Арс ламина.[5] Исто така, авторка е и на голем број научни трудови, статии и реферати, објавени во домашни и во меѓународни научни списанија и зборници. Има учествувано на голем број домашни и меѓународни научни конференции и собири во земјава и во странство.

Авторка е на три поетски книги: „Самовилска сонувалка“ (2017),[6] „Река без брегови“ (2019) и „Здивот на полноќта“ (2019).[7]

Била член во Советот за македонски јазик при Министерството за култура во периодот 2017 – 2021 година. Член е на Здружението на лектори на Македонија од неговото основање и на Друштвото на писателите на Македонија од март 2019 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Врачени наградите „Гоце Делчев" за особен придонес во науката“. Канал 5. 4 мај 2015. Архивирано од изворникот на 19 септември 2015. Посетено на 2 септември 2021.
  2. „Толковниот речник на македонскиот јазик сега е достапен и на интернет“. vecer.press. 5 мај 2021. Архивирано од изворникот на 2 септември 2021. Посетено на 2 септември 2021.
  3. Спасов, Људмил (2017). „Парадигматските односи кај описните придавки во македонскиот јазик“ (PDF). Педагошка ревија. Архивирано од изворникот (PDF) на 2 септември 2021. Посетено на 2 септември 2021.
  4. „Македонски јазик со култура на изразувањето“. literatura.mk. 1 октомври 2016. Архивирано од изворникот на 29 октомври 2020. Посетено на 2 септември 2021.
  5. „Македонски јазик со култура на изразувањето“. Вечер. 14 април 2021. Архивирано од изворникот на 2 септември 2021. Посетено на 2 септември 2021.
  6. Објава за делото на KupiKniga.mk. KupiKniga.mk на Facebook. 1 октомври 2016. Посетено на 2 септември 2021.
  7. „Здивот на полноќта“. feniks.net.mk. Архивирано од изворникот на 2 септември 2021. Посетено на 2 септември 2021.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]