Експеримент за составот на сончевиот ветар
Експериментот за составот на сончевиот ветар (акроним на англиски: SWC) бил експеримент поставен на Месечината за време на Аполо програмата (Аполо 11,12,14,15 и 16). Целта била да се измери и да се земе примерок од сончевиот ветер вон Земјината магнетосфера. Тоа биле први официјални изотопски мерења на сончев материјал.[2]
Експериментот за Составот на Сончевиот Ветар бил предложен и дизајниран од швајцарски тим предводен од Јоханес Гајс и Питер Еберхард при Универзитетот во Берн и Питер Сигнер од Швајцарскиот институт за технологија.[1] Бил произведен од Швајцарската национална научна фондација и Универзитетот во Берн; а бил и делумно финансиран од швајцарската влада.
Се состоел од ултра чисти алуминиумски фолии, со величина од 30 на 140 см, (во последниот експеримент (Аполо 16) се користеле со платински сегменти) поставени на површината на Месечината на телескопски јарбол. Фолиите требало да бидат изложени на Сонцето за да се измерат типовите на јони и енергијата на сончевиот ветер на површината на Месечината. За време на Аполо 11 тие биле изложени 77 минути, 18 часа и 42 минути при Аполо 12, 21 час при Аполо 14, 41 час и 8 минути при Аполо 15 и 45 часа и 5 минути при мисијата на Аполо 16. По завршување на изложувањето, фолијата се откачувала од телескопскиот јарбол, се ставала во тефлонска кеса и се враќала на Земјата за анализа. Експериментот бил успешен и дал точен состав на изотопите од хелиум, неон и аргон од кои е составен сончевиот ветер.[2]