Детективска приказна (филм од 1951)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Детективска приказна (англиски: Detective story) - американски филм од 1951 година во режија на Вилијам Вајлер, по сценариото на Филип Јордан (Philip Yordan) и Роберт Вајлер (Robert Wyler), засновано врз драмата на Сидни Кингсли (Sideneya Kingsleya). Главните улоги ги играат: Кирк Даглас (Kirk Douglas), Елинор Паркер (Eleanor Parker), Вилијам Бендикс (William Bendix), Кејти О'Донел (Cathy O'Donnell), Џорџ Мекреди (George Macreday), Хорас Мекмахон (Horace McMahon), Џозеф Вајсман (Joseph Wiseman), Крег Хил (Craig Hill) и Ли Грант (Lee Grant). Филмот претставува одлична социолошка студија. Во него нема музичка подлога, а сценографијата е театарска - речиси целиот филм се случува во полициската станица. Затоа, пак, тој се осликува со фантастични глумечки интерпретации и со сценарио кое е набиено со емоции.[1]

Сиже[уреди | уреди извор]

Филмот се случува во текот на еден ден во 21. њујоршка полициска станица. Работниот ден почнува вообичаено, но постепено се претвора во најлошиот ден во животот на детективот Џејмс „Џим“ Меклеод (го игра Даглас). Тој е строг кон криминалците, затоа што татко му бил насилник кој ја отерал мајка му во лудница. Покрај другите престапници, во станицата е приведено едно младо момче кое украло пари од својот работодавец. Исто така, тука е еден крадец кој има дебело полициско досие. Најпосле, во станицата доаѓа и д-р Карл Шнајдер (го игра Мекреди) кој прави абортуси и тајно породува жени и кој е осомничен дека е виновен за смртта на неколку бебиња и жени. Џим веќе долго време се обидува да го затвори докторот, а сега е сигурен дека најпосле ќе успее, зашто има сведоци. Меѓутоа, на патот кон болницата, каде лежи една жртва на докторот, тој дознава дека таа умрела. Бесен, тој го удира докторот кому му се влошува здравјето поради што итно е однесен на болница, а на Џим му се заканува судење и губење на работата. Во меѓувреме, Џим никако не сака да покаже милост кон момчето кое украло пари и одбива да го ослободи. Шефот на полициската станица дознава дека Џим е некако поврзан со докторот Шнајдер и ја повикува неговата сопруга (ја игра Паркер) во станицата. Откако ги испитува неа и нејзиниот дамнешен љубовник, тој открива дека таа останала бремена, а ја породил токму д-р Шнајдер. Џим дознава за тоа и побеснува, нарекувајќи ја сопругата со груби зборови, поради што таа го напушта. Во еден миг, притворениот крадец му го зема револверот на еден детектив, а кога Џим се обидува да му се спротивстави, тој пука во него и смртно го ранува. Пред да умре, Џим одлучува да го ослободи момчето притворено за кражба.

Наводи[уреди | уреди извор]