Прејди на содржината

Големата убавина

Од Википедија — слободната енциклопедија

Големата убавина (италијански: La grande bellezza) - италијански филм од 2013 година, во режија на Паоло Сорентино, кој е и автор на сценариото, заедно со Умберто Контарело. Главните улоги ги играат: Тони Сервило, Карло Вердоне, Памела Вилорези, Галатеја Ранци, Џована Вињола, Сабрина Ферили, Џузи Мерли, Роберто Херлицка, Анита Кравос, Серена Гранди итн.[1] Филмот постигнал голем успех кај филмската критика, освојувајќи 58 награди, меѓу кои и: „Оскар“, „Златен глобус“ и наградата на БАФТА за најдобар странски филм и четири Европски филмски награди.[2]

Џеп Гамбардела (го игра Сервило) е 65-годишен новинар и театарски критичар, автор на прославена книга и редовен посетител на елитните забави во Рим, воодушевен од убавините на градот. Негови најдобри пријатели се театарскиот писател Романо (го игра Вердоне), богатата жена Виола (ја игра Вилорези), Стефанија (ја игра Ранци) и уредничката на весникот, Дадина (ја игра Вињола). Еден ден, Џеп го запознава сопругот на Елиза, неговата голема љубов во младоста, кој му кажува дека Елиза умрела и дека во нејзиниот дневник пишувала за љубовта кон него. Неколку дена подоцна, Џеп ја запознава стриптизерката Рамона (ја игра Ферили) и со неа започнува љубовна врска, но таа ненадејно умира. Романо, разочаран од градот, решава да замине од Рим, Стефанија исчезнува од светот на Џеп, а Виола, по смртта на нејзиниот син, го поклонува своето богатство на католичката црква и станува мисионерка во Африка. Кога помислува дека ја загубил целата надеж, Џеп добива прилика да направи интервју со една позната калуѓерка, која веќе ја нарекуваат светица (ја игра Мерли), а потоа заминува на еден остров за да напише репортажа за бродоломот на „Коста Конкордија“ и, присетувајќи се на својата прва средба со Елиза, конечно добива идеја за својот нов роман.